Банкет на тајните на американската дипломатија

01.12.2010 11:18
Банкет на тајните на американската дипломатија

Тоа е сон за историчарите. Тоа е кошмар за дипломатите. Пред нас се наоѓа доверливата преписка меѓу пријателите, сојузниците, противниците, гарнирани со отвореноста на американската дипломатија.

Обично историчарите треба да чекаат 20 или 30 години за да најдат вакво богатство. Овде најновите преписки се стари малку повеќе од 30 недели. Какво само откритие е тоа. Архивата содржи повеќе од 250 000 документи, а повеќето што ги видов за време на нурнувањето во непрегледниот океан со информации имаат текст со над 1000 зборови. Доколку моите примероци се репрезентативни, најверојатно таму се наоѓаат најмалку 250 милиони зборови, а можеби и над половина милијарда.

Како што знаат сите архивски истражувачи, постои посебен квалитет на разбирање на она што доаѓа по пристапот до голем број извори, без разлика дали се работи за писмата на книжевниците, министерските документи или дипломатската пошта, иако повеќето материјали претставуваат рутинска комуникација. Со сè подолгото нуркање добивате подлабока смисла за приоритетот, карактерот и образецот на размислување.

Поголемиот дел од овој материјал го сочинува политичкото известување на службените лица од средно и високо ниво ширум светот, плус инструкциите од Вашингтон. Важно е да се запамети дека овде нема тајни од врвните категории – Nodis (само за претседателот, државниот секретар и шефот на мисијата) и Roger, Exdis, Docklamp (комуникација само меѓу одбранбените аташеа и одбранбените разузнавачки агенции). Меѓутоа, и она што го имаме овде може да се смета за кралски банкет.

Од она што го видов, професионалните припадници на американските надворешни служби имаат многу малку причини за срам. Да, се слуша ехото на бескрупулозноста на маргините, посебно за време на спроведувањето на „војната против теророт“ во годините на Буш. Специфичните прашања мораат да се постават и да се добие одговор на нив. Сепак, поголемиот дел од она што го видовме претставува вистинска дипломатска работа: дознавање што се работи во местата каде што се поставени, работа на унапредување на државните национални интереси и спроведување на владината политика.

Всушност, моето лично мислење за Стејт департментот има неколку оцени. Изминативе години американската служба за надворешна политика ми се чинеше како разочарувачка установа, посебно во споредба со другите, подоверливи оружја на американската влада, како Пентагон и министерството за финансии. Но она што го најдовме овде е и повеќе од првокласно значење. Читателите ќе го откријат исклучително забавниот извештај од Русија на Вилијам Барнс, денес високо рангиран дипломат, кој ја опишува дивата прослава на венчавка во Дагестан, на која се појавил и претседателот на Чеченија, кој играл несмасно „со своето позлатено автоматско оружје пикнато во фармерките“.

Анализите на Барнс на руската политика се мудри како и извештаите на неговите колеги од Берлин, Париз и Лондон. Во извештајот од Берлин од 2008 г. тогашната голема коалиција на Христијанско-демократската унија и социјалдемократите се споредува со „деловна двојка која се мрази, но е заедно поради децата“. Од Париз е пратен урнебесен портрет на Никола (и Карла) Саркози. И нам, на Британците, ќе ни биде корисно да фрлиме поглед на нашата невротична опсесија со т.н. „специјални односи“ со Вашингтон, кога ќе се појави несентименталната доверлива преписка од американската амбасада во Лондон.

Добра вест е дека најдовме знаци дека британскиот Foreign Office повремено се бори за националните вредности. Според извештајот од 2008, еден висок британски дипломат, Мариот Лесли, „бил многу искрен дека британската влада не се согласува со некои работи што ги прави владата на САД и дека на крајот постои црвена линија која нема да се премине“.

Многу е вознемирувачки да се откријат телеграмите со потписот на Хилари Клинтон кои им сугерираат на американските дипломати да вршат работи како барање податоци за кредитните картички и биометриски детали на високите службеници на ОН. Објаснувања сега се потребни од State Department за тоа кој-точно-требал-да-направи-што врз основа на овие разузнавачки податоци.

Пошироко гледано, она што го гледаме во овие дипломатски контакти е како безбедносните и терористичките закани навлегле во секој аспект на американската надворешна политика. Исто така можете да видите колку сериозни се овие закани и како Западот многу малку од тоа држи под контрола.

Откриена е поразувачката вистина за иранската нуклеарна програма и за размената не само на израелските туку и арапските стравови поради нејзиното постоење. „Отсечете и’ ја главата на змијата“, во извештајот на Американците саудискиот амбасадор ги пренесува зборовите на својот крал. Исто така, се изразува и загриженост поради незаштитените пакистански нуклеарни залихи од рацете на исламистите и огромниот степен на анархија и корупција во Авганистан, но и приказната на моќта на руската мафија на начин што последниот шпионски роман на Џон ле Каре изгледа речиси потценето.

Постои искрен јавен интерес да се дознае сè за овие нешта. Guardian, како и New Yorik Times и другите одговорни медиуми ќе се трудат сè што ќе биде објавено да не стави ничиј живот на ризик. Мораме сите да бараме од WikiLeaks да го стори истото.

Сепак, останува едно прашање. Како може да се спроведува дипломатијата под овие услови? Гласноговорникот на State Department сигурно е во право кога вели дека откритијата „ќе создадат тензија во односите меѓу нашите дипломати и нашите пријатели во светот“. Однесувањето на владите веќе е во сенката на стравот од истекувањето. Еден мој пријател, кој работеше во State Department за време на Кондолиза Рајс, во една прилика ми рече дека предложил да напише забелешка за поставувањето на основните прашања во врска со американската политика во Ирак.

„Немој ни да помислиш на тоа“, бил предупреден, „бидејќи следниот ден твојата белешка сигурно ќе се најде во New York Times.

Постои јавен интерес да се сфати како функционира светот и што сè е направено во наше име. Исто така, постои јавен интерес за доверливото водење на надворешната политика. Така доаѓаме до судир на два јавни интереси.

Во едно нешто сум сигурен – американската влада мора да е очајна и дека итно ја разгледува својата луда одлука да ја постави целокупната архива на неодамнешната дипломатска преписка на компјутерски систем, кој е толку брилијантно безбеден што еден 20-годишник може да ги пресними саканите информации на ЦД заедно со музиката на Лејди Гага.

Извор: the guardian

Стриповите се преземени од страницата www.invisiblehairsuit.com

ОкоБоли главаВицФото