Филмска проекција и предавање за крај на вториот дел на КРИК 05

18.09.2020 13:31
Филмска проекција и предавање за крај на вториот дел на КРИК 05

Во рамки на програмата на вториот дел на КРИК 05, вчера вечер Станимир Панајотов (Бугарија) и Артан Садику (Северна Македонија) низ перфомативен теориско – поетски разговор, кој вклучуваше и музика и учество на публиката, говореа за поимот на сексуалноста во услови на посткапитализам, за личните искуства поврзани со смртта и теориските и политичките концепти во светло на актуелниот историски момент.

Како дел од овој настан насловен „Сексуалноста и смртта“, Панајотов и Садику ги читаа своите песни посветени на „оваа изопаченост наречена љубов“, на сексуалната „жед за анихилација“ и други „грандиозни неправилности“. Песните се дел од заедничката книга, која се состои од нивна поезија, заедничко читање и меѓусебно креативно уредување.

Програмата на вториот дел на петтото издание на КРИК – фестивал за критичка култура завршува вечерва (петок, 18 септември), во МСУ, во 19,30 часот со премиерна проекција на краткиот фотографски филм на Иван Блажев, „Сето време е сето време“. инспириран од литературното дело на Курт Вонегат, „Кланица 5“, за контроверзното бомбардирање на Дрезден на крајот на Втората светска војна.

Веднаш потоа следува предавањето на Небојша Вилиќ насловено „Пролегомена за една комунитативна ангажираност“, проследено со излагањата на Натали Р. Павлеска на тема „Уметничката валентност во мисловниот простор - субјект на онтолошка трансформација“ и на Јованка Попова чија тема е насловаена „Да паднеме подобро: курирање зад политики на репрезентација“ и разговор помеѓу тројцата учесници.

„Ако нормалноста на тековнава стварност ја определиме како „комунитативна“ тогаш и ангажираноста би можела да се определи како „комунитативна“, односно, да се воспостави ангажман на уметникот кој во себе ќе ја содржи и состојката на „комунативното“ и онаа на „комуникативното“. Поточно, културата и уметноста преку ваквата ангажираност би можела да стане поттикнувачка, дејствувачка и остварувачка алатка за постварување на намерата, потребата и нужноста за промена на тековнава општествено-економска формација во некоја друга, поинаква, а зошто да не и – нова. Во оваа прилика ќе се обидам да го определам поимот на „комунитативната ангажираност“, имајќи го на ум, пред сѐ, ставот на Жак Рансиер според кој: „Не постои ангажирана уметност,постојат само ангажирани уметници!“, вели професорот Вилиќ најавувајќи ја вечерашната дискусија.

За учесниците:

Иван Блажев живее и работи во Скопје. Дипломирал филмска режија на Бруклинскиот Колеџ (Њујорк, САД), а подоцна се стекнал и со диплома на Магистер на ликовни уметности по фотографија на Академијата за уметности во Нови Сад (Србија). Своите дела ги има изложувано на самостојни и групни изложби во Македонија и надвор од земјата. Досега има поставено 10 премиерни самостојни изложби на фотографии и учествувал на повеќе од 20 групни изложби. Во 2008 год. неговиот проект „Македонија сонувајќи” бил дел од програмата „Преку ѕидовите – Источна Европа после 1989“ на Нордерлихт фестивалот за фотографија во Леуварден, Холандија. Во 2011 год. дел е од изложбата „Фрагменти: Македонска уметничка сцена 1991 – 2011“ поставена во Музејот на современа уметност во Скопје. Блажев има издадено 6 книги со фотографии, а негови фотографии се дел и од неколку групни публикации, меѓу кои Исток (Мозер Верлаг), 12 Македонски фотограф(к)и (Темплум) и Скоро вистинито (Воид). Фотографии на Блажев се дел од постојаните колекции на Музејот на современа уметност – Скопје, Националната галерија – Биљарда (Цетиње, Црна Гора), Галеријата на клубот Алхемија (Краков, Полска) и приватни колекции.

Небојша Вилиќ, роден во 1962, во Велес, е историчар на уметноста и редовен професор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Република Северна Македонија.

Јованка Попова работи како кураторка во Музејот на современата уметност – Скопје и е програмски координатор на Проектниот простор „Прес ту егзит“ во Скопје. Во моментов е докторант на Факултетот за медиуми и комуникации „Сингидунум“ во Белград. Работела на повеќе домашни и интернационални кураторски проекти. Соработувала на повеќе научни и истражувачки проекти од областа на историјата на уметноста. Во 2019 била кураторка на павилјонот на Република Северна Македонија на 58. Венециско биенале. Како дел од програмата на неколку меѓународни конференции и симпозиуми одржала презентации и предавања на Humboldt University Берлин, Goethe University, Франкфурт, Central European University, Будимпешта, Hankuk University of Foreign Studies, Seoul, Kunsthistorisches Institut, Фиренца, Norwegian University of Science and Technology, Трондхејм, Bahcesehir University, Истанбул итн. Била извршна директорка на Јадро Асоцијација на независната културна сцена. Претседателка е на AICA Македонија - здружение на ликовни критичари, историчари на уметноста и кустоси кои дејствуваат на полето на модерната и современа уметност.

Натали Рајчиновска Павлеска е независна истражувачка во областа на современите уметнички практики, ликовната критика и теорија. Дипломирала на Архитектонски факултет, во Скопје (2006). Магистрирала на Филозофски факултет во Скопје, при Институтот за Историја на уметност и археологија, модул Современа уметност, со одбрана на дисертација: Концептуалната уметност во делото на Марсел Дишан, Јозеф Бојс и Art & Language од почетокот до крајот на 20-тиот век. Од 2018 -та е докторанд на Трансдисциплинарни студии на современа уметност и медиуми во рамки на Интердисциплинарните студии, при Факултетот за медиуми и комуникации, Универзитет Сингидунум во Белград, Србија. Нејзиното истражување вклучува трансдисциплинарен аналитички пристап, често во релација со актуелните теориски струења и книжевни референтни системи, преку вкрстување на современите уметнички практики и различните општествени и институционални контексти. Автор е на повеќе ликовни рецензии, воведни предговори во уметнички книги и каталози на групни и самостојни изложби, како и дел од кураторскиот тим кој го подготви и реализираше концептот за претставувањето на Република Македонија на 15-тото Венецијанско биенале за Архитектура во 2016 година, со проектот Ничија Земја.

Целата програма на фестивалот е замислена да одговори на протоколите пропишани за одржување на јавни настани заради состојбата со пандемијата.

КРИК – фестивал за критичка култура е платформа која ќе се застапува за афирмација на уметничките и културните практики, нивните критички капацитети и нивната применливост во анимирање и критичкото мобилизирање општествените процеси. Програмите на КРИК се креирани за да поттикнат во јавната сфера критичка дебата преку која би се промовирал социо-културниот капитал како јадро кое е длабоко поврзано со најрелевантните политички и општествени теми.

Постојани партнери на Контрапункт и на КРИК се: Мултимедијалниот институт МаМа од Загреб, kuda.org од Нови Сад, Booksa (Културтрегер), Загреб, порталот Окно – okno.mk

КРИК – фестивал за критилка култура е поддржан од: Allianz kulturstiftung, Министерство за култура на Северна Република Македонија, Гете институт Скопје, Гете институт Брисел, Фондација Отворено општество.

 Фотографии: Наташа Гелева

графички дизајн: Студио КОМА