Конзервирани импресии (2)

23.09.2020 14:10
Конзервирани импресии (2)

 19.
Се истанчувам како кромитка, отфрлам слој по слој стари, пожолтени лушпи, се претворам во ново, помало, но затоа сочно и бело јадро. И токму помислувам дека конечно го добивам својот вистински облик, најновото јадро, кое се чинеше цврсто и неделиво, веќе продолжува да се лупи, да се надминува, да трага по себеси, да остава зад себе мртво, суво ткиво.


22.
Истата онаа прекрасна пеперутка, на која утринава ѝ се восхитувавме на излет в поле, вечерва ладнокрвно ја убиваме затоа што ни се пикнала в соба, па удира од ѕид в ѕид, нѐ плаши и не ни дава да спиеме. Така ѝ треба!


31.
Сето ова што со часови ми го раскажуваш и објаснуваш, одамна и одлично ми е познато. Воопшто не те слушам. Цело време размислувам како да бидеме заедно на некој потивок начин.


33.
Играме фудбал. Некој од противничката екипа погрешно ја упатува топката во куќата отспротива и крши прозорец. Истрчува лутиот газда. Се упатува точно кон мене, гледајќи ме право во очи.


35.
Одвај сме се воздржале да не удриме некого кој многу нѐ налутил. Од една страна, задоволни сме од својата присебност. Од друга страна, се прекоруваме што на неудрениот сме му дале погрешна слика за нас, така што тој можеби и не знае за нашата лутина. Од трета страна, што е најлошо, тој можеби знае сѐ.


38.
Тајната што сме ја чуле под заклетва никому да не му ја кажеме, ја чуваме не поради цврстината на нашиот карактер, туку поради мрачното задоволство што го наоѓаме во оддолжувањето на предавството.


52.
Имаме слични рани и копнееме да ги доближиме. За да ги излижеме или раскорнеме?


53.
Во едно големо, бучно друштво, еден тивок, збунет човек веќе третпат скромно се обидува нешто да каже. Или не го слушаат или не го дослушуваат. Само јас упорно гледам во него и чекам да продолжи. Дали му помагам или одмагам?


55.
Сочувствуваме само со онаа туѓа болка која е истовремено и наша. А тоа веќе не е сочувство, туку обично самосожалување.


56.
Пред малку, жестоко се љубевме. А сега ништо, нема на тебе никакви траги. Очаен сум. Како тоа? Но дали сум во право? Загледувам подобро. Па трагите ти се во очите.


Извор: Горан Стефановски, Конзервирани импресии (Темплум, трето издание, 2020)

Корици на книгата, варијанти: графичко студио КОМА

ОкоБоли главаВицФото