Конзервирани импресии (1)

09.09.2020 14:25
Конзервирани импресии (1)

Ново издание на култните записи. Книгата ја има на Саемот на книгата на штандот на Темплум.

 

48.

Повторно и повторно се убедуваме дека ова големо чекање не е попусто, дека во себе содржи некоја скриена смисла и некаде воспоставува некаква, за нас корисна, рамнотежа. Или е така или правиме кобна грешка.

 

74.


Од доцнењето на воз во поаѓање, полошо е само долгото чекање на сигнал, на самиот влез во одредишната станица.

 

29.

Во оние зимски ноќи, кога е престудено за прошетка, а презадушно во затоплената соба, кога е предоцна за работа, а прерано за в кревет, сѐ ни личи на макотрпна и долготрајна подготовка на пиеса чија премиера, како што тргнале работите, никогаш не ќе ја видиме.

 

90.

Во театар се знае кој, што и како прави, кој, што и како кажува. Овде е мешаница и сите зборуваме прекутрупа.

 

67.

Губиме здив. Парниот котел во утробата само што не ја достигнал точката на вриење. Сакаме сета иднина да ни се случи овде и сега.

 

14.

Нештата би биле подносливи кога со сигурност, барем приближна, би можеле да им ги одредиме границите. Вака, тие наликуваат на парче леб во кое се загризало, но не се стигнало да се откине залак, туку останало ни ваму ни таму, со трага на заби и лиги.

 

50.

Гадна неволја ќе ги снајде овие луѓе ако продолжат вака самозадоволно и важно да кимаат со глава како наполно да сознале некоја конечна вистина.

 

10.

Веќе третпат го кршите решението да не преземате ништо додека тие не ви се јават, па со нервозен ракопис им пишувате кратко, речиси молбено писмо на оние што многу ви значат, а кои веќе долго време, од којзнае какви причини не даваат глас од себе.

 

7.

Во оние делчиња од секундата кога сум обземен со идејата дека животот е сепак убав, по секоја цена морам некому нешто да му кажам. Обично ги прашувам случајните минувачи колку е часот.

 

97.

Навечер, со куфери в раце, брзам кон железничката станица, нервозно избегнувајќи ве вас, минувачите, кои ми доаѓате во пресрет. Да не одев на пат, вие ќе бевте мои сограѓани, мои собраќа, заедно уморно ќе одевме на спиење, како обично. Вака, веќе не ви припаѓам, овие улици не се мои улици, градов не е мој град. Иако сѐ уште не сум тргнал, веќе не сум со вас, не сум тука, веќе патувам.

Извор: Горан Стефановски, Конзервирани импресии (Темплум, трето издание, 2020)

Корици на книгата, варијанти: графичко студио КОМА

ОкоБоли главаВицФото