Црна овца

10.12.2010 11:29
Црна овца

Во една прилика, латиноамериканскиот писател Карлос Фуентес за кусите раскази на Монтеросо на пишал: „Замислете си ги фантастичните суштества на Борхес кои пијат чај со Алиса. Замислете си како Џонатан Свифт и Џејмс Тарбер разменуваат белешки. Замислете си некоја жаба од округот Калаверас која сериозно го чита Марк Твен. Запознајте го Монтеросо“.

Црна овца

Во една далечна земја, пред многу години, живееше една Црна овца.
Беше стрелана.
Еден век подоцна, стадото покајници и’ подигна споменик во облик на овца на коњ, кој многу убаво изгледаше во паркот.
И оттогаш, штом ќе се појавеше некоја црна овца, веднаш ја стрелаа, за идните поколенија обични и тековни овци да се вежбаат во изработка на скулптури.

Монтеросо е автор на еден од најпознатите кратки раскази во книжевноста:

Диносаурус

Кога и да се разбудам, диносаурусот сè уште беше таму.

Во продолжение можете да прочитате уште неколку куси раскази од овој интересен и луциден автор:

Плодност

Денес се чувствувам добро, Балзак;
штотуку го завршувам овој втор ред.

Зоро станува помудар

Еден ден кога Зоро беше шворц и му беше здодевно до меланхолија, реши да го искористи моментот за да се преобрази во писател, што тој веднаш го стори бидејќи ги презираше оние луѓе кои секогаш велеа дека ќе направат нешто ама никогаш не правеа.
Неговата прва книга наиде на добар прием, и стана бестселер. Целиот свет и’ ракоплескаше и таа набрзо беше преведена (понекогаш не толку добро) на најразлични јазици.
Неговата втора книга беше уште подобра од првата и разни професори од САД со истакнат академски углед почнаа да коментираат со ентузијазам, да пишуваат книги за книгите за книгите на Зоро.
Оттогаш Зоро беше толку задоволен со себе што останатите денови ги поминуваше без да објави нешто.
Но другите почнаа да се жалат со шепот: Што се случува со Зоро?
И кога ќе се сретнеа на коктел-забавите кружеа околу него, прашувајќи го зошто повеќе не објавува.
Но јас веќе објавив две книги, им одговараше со нетрпение кое растеше.
Во ред, велеа тие. И токму поради таа причина ти мораш да објавиш уште.
Зоро не велеше ништо, но во себе си помислуваше: „Всушност, овие луѓе сакаат да објавам лоша книга. Но бидејќи јас сум Зоро, нема да го сторам тоа“.
И не го стори.

Две приказни или Еклектичниот филозоф

Според една приказна, си бил еден еклектичен филозоф кој секое утро заминувал на преполниот пазар на еден антички град. Почитуван како внимателен набљудувач на Природата, жителите на градот често му пристапувале за да го прашаат за своите најсложени мисли и сомнежи.
Се случило еден ден некое куче да биде видено како брзо се врти во круг, обидувајќи се да си ја фати сопствената опашка. Ова предизвикало вознемиреност меѓу купот дечишта и смеа кај возрасните кои го опколиле. Неколку од присутните пазарџии го прашале филозофот која е причината за таквото однесување на кучето, и дали тоа би можело да биде предзнак за нешто лошо што ќе се случи.
Филозофот им објаснил дека со каснувањето на сопствената опашка кучето, едноставно, се обидува да ги избрка болвите.
Па така, со овој одговор општото љубопитство било задоволено, и секој си се вратил на својата работа.
Во една друга прилика, еден скротител на змии ги изложувал своите змии во кошници. Меѓу нив имало и една која си го гризела сопствениот опаш, што предизвикало вознемиреност кај децата и смеа кај возрасните.
Кога насобраните деца го прашале филозофот која е причината за таквото однесување на змијата, тој им одговорил дека каснувањето на сопствениот опаш го претставува Бескрајното и Вечно враќање на луѓето, настаните и нештата, и дека тоа е значењето на змијата која си го гризе сопствениот опаш.
И повторно сите си се вратиле на своите работи, смирени и задоволни.

Вербата и планините

На почетокот, вербата ги поместуваше планините само како крајна опција, кога беше апсолутно неопходно, па така пејзажот остана ист во текот на милениумите.

Но штом вербата почна да се пропагира себе си меѓу луѓето, некои од нив наоѓаа за забавно да мислат на планини што се поместуваат, и набрзо планините не правеа ништо друго освен тоа што ги менуваа местата, секојпат придонесувајќи да биде потешко да ја најдеш на истото место онаа планина што таму си ја оставил претходната ноќ; очигледно, ова предизвика повеќе проблеми отколку што реши.

Тогаш добрите луѓе решија да ја напуштат вербата; па така, денес планините остануваат (целосно) на истото место.

Кога патот пропаѓа и возачите умираат во одронот, тоа значи дека некој, многу далеку или сосем близу, почувствувал мал проблесок верба.

Августо Монтеросо (1921-2003) е гватемалски писател, автор на раскази и романи. Своевремено и’ припаѓал на културната авангарда на својата земја, но и на Латинска Америка. Овие раскази се земени од неговата најпозната книга „Црна овца и други басни“.

Превод од англиски: Ѓорѓи Крстевски

ОкоБоли главаВицФото