Пет години од смртта на Дарко Марковиќ

07.06.2021 19:13
Пет години од смртта на Дарко Марковиќ




На петгодишнината од смртта на најпознатиот македонски карикатурист, неговиот брат Ненад Марковиќ испрати предлог до Град Скопје:

 

Драг Брате,

На 16 јуни 2016 се навршуваат пет години откога Ти нѐ напушти засекогаш. Останаа само спомени. Денес ни недостигаат твојата ведрина, оптимизам и хумор. И не само нам, на твоите браќа и сестри, туку на сите роднини, пријатели и познати, на сите оние што сакаа секое утро да те сретнат на страниците на домашниот печат и да им го разубавиш денот.

Затоа, денес, предлагаме до Републичкото собрание и Собранието на Град Скопје да донесат одлука за итно поставување камена спомен-плоча на куќата на аголот од улиците Дебарца и Никола Тримпаре, таму каде што си се родил, израснал, од каде што сите нас нѐ забавуваше и нѐ задолжи да го чуваме твојот спомен, затоа што радоста што со тебе влегуваше во нашите домови не се заборава. Тажна е земјата каде што се случува тоа.

Твоите, Оливера и Ненад

Тхе Мичо

 

Во продолжение уште неколку зборови и цртежи од современиците, посветени на  ДарМар...

 

Слободан Петровиќ

Дарко е, всушност, една можна единица мерка, поточно мерна единица, мерен инструмент со чија помош се проценуваат вредностите на хуморот, сатирата, карикатурата, стрипот или анимацијата, а најмногу за посветеноста на професијата и творечките вредности во сферата на уметничките категории со кои е опседнат сиве децении.

За Дарко Марковиќ најголем грев е да не твориш, зашто тоа е најстрашната можна казна, како што највисоката доблест се творечкиот чин и фанатичната опседнатост од потребата да се изнедрат сите идеи, да ги имплементира и да ги подари на јавноста во заокружена творечка форма.

И сеедно дали е тоа карикатура, стрип, цртеж, новинска рубрика, серијал, портрет, анимиран филм или хумореска. Конечно, формата и не е најбитна, суштествен е отворениот аутпут за сите пориви, радости, искушенија, дилеми... за страдањата и надежите и очекувањата произлезени од творечката лабораторија на еден прекрасен творец и не помалку исклучителен човек.

Иванчо Николов

 

Мирослав Грчев

Дарко Марковиќ беше човек кој секогаш стоеше на страната на правдата и на малиот човек, а неговото инспирирање на помладите беше од огромно значење за оние коишто го беа одбрале креативниот и ангажиран уметнички израз како своја вокација.

Го знам како главен уредник на „Остен“ уште од 1966 година, кога како дете бев привлечен од магнетизмот и возбудливата аура која што ја ширеа Дарко и тој весник за хумор и сатира. Тој привлече голем број млади луѓе како мене да го изберат креативниот мисловен и творечки пристап кон стварноста за своја вокација и човечка определба. Дарко за мене претставуваше водилка, авторитет, но и пријател кој во Македонија обучи и издигна неколку генерации автори, како и неколку институции во културата и за сето време Македонија ја правеше компетитивна во европски и светски рамки.

Успеа да остави моќен и неповторлив печат со неговиот личен ангажман во нашата културна историја, а притоа секогаш претставуваше морален ориентир.

Дарко секогаш беше на страната на слабиот, на малиот, на страната на обичниот човек, правдата, хуманоста, солидарноста... Тој преку своите јунаци, а посебно Пецко, еманираше еден морален стандард, еден доблесен пристап кон сите проблеми и кон животот. Беше вистински морално-етички ориентир.

Миро Георгиевски

 

Соња Абаџиева

ДарМар е творец со елитен дух и оригиналност - квалификативи што a priori го чинат супериорен во оваа, но и во пошироката средина. Кога сме соочени со таков квалитетен квантитет и таков квантитетен квалитет на творечката инвенција, каков што е во неговиот случај, веднаш ни се наметнува констатацијата за непредвидливите и неизмерливите димензии на човековите можности и способности.

ДарМар, како и сите карикатуристи, односно новинари кои реагираат на најсериозните прашања на денешнината со смешни цртани идеи, „не се родил за да живее убаво“. Жртвувајќи ја својата примарна вокација – архитектурата - во полза на карикатурата, а со тоа свесно и предизвикувајќи ги ризикот, компликациите, проблемите - понеубавата страна на животот - се определува за играта како најадекватен начин за лансирање на осилата на духот во ранливиот организам на денешниот човек.

Небојша Гелевски

 

Никола Гелевски

Добрата карикатура е постварна од најтврдата стварност! Во таа смисла, Дарко Марковиќ е пожив од многу наизглед живи нешта. И ќе остане таков, дури и во земјава без сеќавања, оти сликите (како можеби и зборовите, ама повеќе) имаат нешто магиско во себе. На пример, будистите на Цејлон верувале дека портретите ќе оживеат ако им се насликаат очи, а раните Грци сликале очи на своите бродови, верувајќи дека на тој начин полесно ќе го најдат патот до одредиштето. ДарМар има нацртано многу такви очи за многу такви мали бродови! И има оживеано многу безлични лица! Затоа и верувам дека неговиот дух со лесно и со убаво ќе го најде својот пат до одредиштето. А и дека ние, на нашите патишта, полесно ќе се снаоѓаме со неговите слики.

Алек Илиевски

 

За Дарко Марковиќ

Дарко Марковиќ (Скопје 1940 – Скопје 9 јуни 2016) дипломирал архитектура во 1966 година, а во 1972 специјализирал анимиран филм во Загреб, под менторство на оскаровецот Душан Вукотиќ. Професионалната кариера како карикатурист ја започнал во 1960 година, работејќи за повеќе весници и списанија во Македонија и во поранешна Југославија. Од 1966 до 1975 работел како главен уредник во сатиричното списание „Остен“ и како директор на Светската галерија на карикатури во Скопје. Во 1975 година се вработува во „Вардар Филм“ – Скопје, отворајќи студио за анимиран филм, а во 1983 е назначен за професор на Факултетот за уметност во Скопје, по предметот Анимиран филм. Во истиот период работи како главен уредник на културно-уметничката програма во Телевизија Скопје. Од 1988 до 1995 живееше и работеше во Лондон, а во 1995 се враќа во Македонија. Беше прв директор на ТВ Телма.

За своите карикатури и анимирани филмови има добиено над триесет престижни светски награди и признанија.

Во 1979 година се раѓа неговиот најпопуларен цртан лик, стрип јунакот Пецко. Најпрво се појави во „Нова Македонија“, па се пресели во „Дневник“, помина во „Време“ и веќе две години се објавува редовно во весникот „Слободен печат“. Во периодот од 2001 до 2006 Пецко се појави и на А1 телевизија, каде што беа објавени 152 епизоди со популарниот јунак, алтер его на Дарко.

 

Васил Шемкоски

 

ДарМар на Окно

 

Пецко - (У)КАЖУВАЊА

 

За СК 014

Слични содржини

Фотографија / Живот / Култура / Уметност
Култура / Уметност
Графички Дизајн / Култура / Уметност
Книжевност / Култура / Уметност / Настан
Живот / Култура / Уметност
Општество / Фотографија / Култура / Уметност

ОкоБоли главаВицФото