Писмо до мојот син

31.12.2010 14:48
Писмо до мојот син

Драг Стефано,

Се приближува Божиќ и набрзо продавниците во центарот на градот ќе се исполнат со видно возбудените татковци за да ја одиграат комедијата на великодушност – лицемерно радувајќи се, го чекаа моментот кога ќе можат да си ги купат за себе, шверцувајќи ги за своите деца, омилените вовчиња, куклените театри, пикада и домашниот пинг понг. Јас и оваа година само ќе набљудувам бидејќи уште не ми е дојден редот; премногу си мал, играчките Монтезори не ме забавуваат нешто посебно, можеби поради тоа што не ми претставува големо задоволство да ги ставам во уста и покрај тоа што упатството за користење гарантира дека нема да ги проголтам. Не, ќе морам да чекам: две, три, можеби и четири години. Тогаш ќе ми дојде редот, ќе помине мајчинската фаза на воспитувањето, ќе исчезне времето на мечињата и тоа ќе биде моментот кога ќе почнам да ја обликувам твојата граѓанска свест, нежно но со неприкосновено право на своја „patria potestas“.

А тогаш, Стефано...

Тогаш ќе ти подарам пушки. Двоцевки. Репетирки. Шмајзери. Топови. Базука. Армии мали војници во полна воена опрема. Замоци со подвижни мостови. Мали тврдини за освојување. Казамати, оклопни возила, реактори. Митралези, бодежи, револвери. Колтови, винчестерки, хаубица, лакови, чатали, катапулти, џилити, гранати, мечови, копја, харпуни, хелебарди и куки за привлекување бродови... пиштоли, мали и плоснасти, за фрак, за потребите на крадците џентлмени или претешки „лугери“ кои ги изобличуваат џеповите или се носат под пазува, во стилот на Мајкл Шејн. И уште пушки. Пушки какви што имале Ринго или Дивиот Бил Хикок. Со еден збор, оружје, сине мој, многу оружје, само оружје. Тоа ќе ти донесат твоите Божиќи.

Ме чуди господине – ќе каже некој – така да зборувате вие кој сте активен во комитетот за атомското разоружување, флертувате со мировните движења и ги имате предводено протестите. Контрадикторен сум? Па добро, контрадикторен сум. (Волт Витмен).

Едно утро влегов во една голема стоковна куќа во Франкфурт, му ветив подарок на синот на својот пријател и побарав еден убав револвер. Згрозено ме гледаа. Не произведуваме воени играчки, господине. Човек да се смрзне. Излегов засрамен и на улица налетав на двајца од Бундесверот. Се вратив во реалноста. Нема веќе да ме измамат! Оттогаш се потпирам на личното искуство и веќе не им верувам на педагозите. Моето детство беше исклучително воено: стрелав низ грмушки со шупелки направени во последен момент, се сокривав зад ретките паркирани автомобили пукајќи од својата репетирка, повикував на јуриш со ладно оружје, исчезнував во крвави борби. Дома имав мали војници: цели армии учествуваа во исцрпувачки стратегии, операции кои траеја со недели и во кои ги имав мобилизирано остарените кадифени мечиња и куклите на сестра ми. Организирав групи авантуристи, а неколкумина најверни следбеници ме нарекуваа „страв и трепет на пјаца Џенова“ (денес Пјаца Матеоти); ја распуштив формацијата „Црни Лавови“ за да и’ пристапам на друга, посилна групација во чие јадро организирав пуч со катастрофален исход; евакуиран во Монтеферато, насила бев регрутиран во „Работничката дружина“ и бев подложен на ритуал на инцијација која се состоеше од сто удари по задникот и тричасовен затвор во кокошарник; се боревме против бандата на Рио Ница, тие беа црни, валкани и страшни; првиот пат се исплашив и побегнав, вториот пат заработив камен по уста, и до ден денес имам јазолче кое можам да го напипам од внатрешната страна со јазикот. (Потоа дојде вистинската војна, партизаните ни ги позајмува нивните шмајзери накратко, некои од нашите другари ги видовме мртви со дупка во челото; но веќе растевме, влегувавме во првите мистични кризи и одевме на брегот на реката Белбо да ги изненадиме осумнаесетгодишниците кои водеа љубов).

Од овие оргии на воени игри израсна човек кој успеа да помине осумнаесет месеци во војска, а притоа да не допре оружје, посветувајќи долги часови во касарната на дисплинирано проучување на средновековната филозофија. Човек обележан со многу недостатоци, кој остана надвор од тоа жалосно злосторство кое се состои од љубовта кон оружјето и вербата во светоста и целисходноста на војничката храброст. Човек кој храброста на една војска ја разбира само додека трча по калта на Вајонт повторно да ја пронајде својата мирна и благородна граѓанска вокација. Човек кој не верува во праведни војни и ги почитува само граѓанските војни во кои луѓето учествуваат против својата волја, зашто ги повлекле за коса, зашто тоа е прашање на чест и зашто се мора. Свесни се на ризикот и опасноста и се надеваат дека нема долго да трае. Верувам дека оваа длабока, доследна и докажана одбивност кон војната им ја должам на платонските, крвави, здрави и невини празнења кои ми беа дозволувани во детството, како што после еден вестерн (после свечениот русвај кога се рушат ѕидовите на салонот, се кршат столовите и големите огледала, се пука во пијанистот и се крши стакларијата) излегуваме почисти, подобри, опуштени и спремни да му се насмевнеме на случајниот минувач кој нè турка со рамо, да му пружиме помош на врапчето паднато од гнездото. Аристотел тоа добро го знаел и затоа бараше од трагедијата да мава со крвава ткаенина пред нашиот поглед, за да нè прочисти докрај, со боженствена горка сол на завршната катарза.

 

Замислувам дека детството на Ајхман било сосем поинакво: наднесен над некоја загатка – со поглед на книговодител на смртта, ги следи упатствата од прирачникот, нестрплив да ја отвори шарената кутија на малиот хемичар, садистичен во ракувањето со својата алатка од веселиот столар – со струг широк една педа, и пила од дваесет сантиметри, на шперплочата. Чувајте се од деца кои конструираат мали дигалки. Во нивните ладни и изопачени мозоци на мали математичари се кријат тешки комплекси кои ќе се активираат во зрелоста. Во секој мал монструм кој ги придвижува свртниците на својата минијатурна железница, го гледам идниот управител на логорот на смртта.

Внимателност и кога сакаат колекции на мали автомобили кои страшната индустрија на играчки ја нуди во совршен факсимил, со багажници кои се пкреваат и прозорци кои се спуштаат. Застрашувачки! Застрашувачка игра за идните електронски војски, кои рамнодушно ќе го притиснат црвеното копче на една атомска војна!

Уште сега можете да ги препознаете: крупни градежни претприемачи, организатори на масовни иселувања среде зима, тие кои својата личност ја формирале на срамниот „Монопол“, привикнувајќи се на идејата за продажба и купување на недвижнините и ладнокрвното отстапување на акционерски пакети.

Тоа се денешните папа Гранде кои вкусот на акумулацијата и победата на берзата го осетиле со ливчињата за томбола. Бирократи на смртта воспитувани како мали конструктори. Бирократи на смртна постела кои почетокот на своето духовно умирање го означиле на ливчињата и печатите играјќи си мала пошта.

А утре? Што ќе донесе детство на кое индустрискиот Божиќ му подарува американски кукли што зборуваат, пеат и чекорат; јапонски роботи кои скокаат и играат без да се потроши батеријата; теледиригирани автомобили чиј механизам никогаш нема да го разбереме... Стефано, сине мој, ќе ти подарам пушки. Бидејќи една пушка не е игра. Таа е само појдовна точка, ти мораш сам да ја осмислиш ситуацијата и односите, дијалектиката на збиднувањата. Ќе мораш сам да кажеш „бум“ и ќе откриеш дека играта вреди поради содржината која ти ќе ја внесеш, а не поради убаво спакуваните играчки. Ќе замислуваш како уништуваш непријатели, ќе го задоволиш атавистичкиот импулс и ниту еден авторитет нема да може да ти го одземе тоа, а да не направи од тебе невротичар спремен за интерен испит во фирмата во организација на компанијата Роршах. Ама ќе се увериш дека уништувањето на непријателот е една лудистичка конвенција, игра над игрите, ќе научиш дека играта нема некоја голема врска со реалноста и дека само со играње ги спознаваш нејзините граници. Ќе се прочистиш од гневот и од притисоците и ќе бидеш спремен да примиш поинакви пораки во кои нема ниту смрт ниту деструкција; многу е важно смртта и деструкцијата секогаш да ти изгледаат како елементи на фантазијата, како волкот од црвенкапа кого секој од нас го мразеше, а од тоа не произлезе неразумна омраза кон волчјаците.
Ама, можеби тоа не е и нема да биде сè. Нема да ти дозволам да пукаш од твоите колтови во име на ослободување на напнатоста и лудистичкото прочистување од првобитните инстинкти, одложувајќи го за подоцна pars construens, учењето за основните вредности. Ќе се трудам да добиеш представа за тоа додека пукаш сокриен позади фотелјата.

Пред сè, нема да те учам да пукаш во Индијанци. Ќе те учам да пукаш во трговци со оружје и алкохол кои ги уништуваат индијанските резервати. И во робовладетелците од Југот, што значи дека ќе пукаш како војник на Линколн. Нема да те учам ниту да нишаниш на човекојадците од Конго, туку на трговците со слонова коска, а во мигови на слабост можеби ќе те научам да го свариш доктор Ливингстон во лонец, I suppose. Ќе се бориме на страната на Арапите против Лоренс кој никогаш не ми делуваше како пример на доблест за добрите деца, а кога си играме Римјани, ќе бидеме на страната на Галите кои биле Келти како и ние од Пиемонт, и почисти од тој Јулиј Цезар: веднаш ќе научиш дека во него не треба да имаш доверба затоа што не се одзема слободата на една демократска заедница за возврат оставајќи и после смртта само градини во кои може да се шета. Ќе бидеме на страната на Бикот кој седи против таа одвратна индивидуа каква што била генералот Кастер. На страната на Фантомас, а не на страната на Живе, премногу верен на должноста за да одбие, ако затреба, да претепа Алжирец. Сега се шегувам: се разбира, ќе те научам дека Фантомас бил лош, ама нема да ти раскажувам дека Примула Роза бил херој. Бил валкан Вандеец кој му досадуваше на добриот Дантон и невиниот Робеспјер, и ако тоа се играме, ти ќе ја освојуваш Бастилја.

Тоа ќе бидат фантастични игри, само помисли, ќе си играме заедно! Аха, сакаше да јадеме бриош? Напред господине Сандер, нека се слушнат барабаните! Денес си играме отсекување на главата на Марија Антоанета! Перверзна педагогија? Кој го вели тоа? Вие, господине, кој снимате филм за јунакот Фра Дјаволо, разбојникот кого го плаќале големопоседниците и Бурбоните. Дали некогаш сте го учеле својот син да си игра Карло Пизикана или сте им дозволиле на наставниците и на оној составувач на стихови Меркантини да го претстават на нашите деца како русокос идиот кој се учи напамет? Вие, господине, кој сте антифашист, може да се каже уште од раѓање, дали некогаш сте си играле партизани со својот син? Дали некогаш сте се сокриле зад креветот, викајќи пази, од десно ти доаѓа Црната бригада, во стрелците, во стрелците, пукај, распали по нацистите? Вие на својот син му подарувате дрвени коцки и го праќате да гледа со куќната помошничка расистички филмови кои заговараат уништување на индијанскиот народ.

Затоа, драг Стефано, јас ќе ти подарам пушки. И ќе те научам да си играш многу сложени војни во кои вистината никогаш не е само на едната страна, во кои ако е неопходно, повторно треба да се организира осми септември. Ќе се издуваш додека си млад, нема баш сè да ти биде јасно, но со текот на времето ќе добиваш сопствени убедувања. Кога ќе пораснеш ќе поверуваш дека сето тоа било сказна, Црвенкапа, Пепелашка, пушки и топови, човек против човек, вештерката против седумте џуџиња, војски против војски. Но ако поради вкусот на авантурата кога ќе пораснеш и понатаму ќе постојат монструозните ликови од твоите детски сништа – вештерките, шумските духови, армиите, бомбите и мобилизациите – можеби веќе ќе имаш формирана критичка свест кон сказните и ќе научиш критички да се однесуваш кон реалноста.

(1964)

ОкоБоли главаВицФото