Четирите најголеми проблеми на ЕУ

16.09.2021 13:29
Четирите најголеми проблеми на ЕУ

 

Извор: Дојче веле 

Евробарометарот, истражување на јавното мислење во ЕУ, даде јасни резултати - за граѓаните на ЕУ најважни теми за кои треба да се грижи Унијата се заштитата на климата, пандемијата, здравствената заштита, економската состојба и социјалната нееднаквост.

Затоа, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска (15 септември) во својот втор говор во Европскиот парламент за состојбата на ЕУ, ќе ги зафати токму овие теми, ќе извлече биланс и ќе ги најави новите чекори.

Пандемија

Европа сега има доволно вакцини против Ковид -19, но бројот на вакцинирани луѓе пред почетокот на есента е сѐ уште мал. Целта пропагирана од Урсула фон дер Лајен за 70 проценти вакцинирани од возрасната популација во ЕУ е достигната, но тоа сепак не е доволно со оглед на многу позаразниот Делта-сој на коронавирусот. Освен тоа, бројот на вакцинирани значително варира од земја до земја: од речиси 90 проценти во Малта до 20 проценти во Бугарија.

Европската комисија мора да работи на ова во наредните месеци, изјави за ДВ еврокомесарката за здравство Стела Киријакидес. Фон дер Лајен го охрабри формирањето на нова европска институција, ХЕРА, која треба да одигра позначајна улога во борбата против болестите. Со ХЕРА би требало да се ограничат некоординираните постапки на 27-те земји членки на Унијата, кои во борбата против пандемијата на коронавирус применуваат различни стандарди и мерки.

Економија

Директна последица на пандемијата беше невидениот економски пад, на кој Урсула фон дер Лајен сака да се спротивстави со исто така досега невидена програма за закрепнување и обнова. Фокусот на економската политика на ЕУ во наредните години ќе биде фонд за обнова тежок 750 милијарди евра, финансиран за првпат со заедничко задолжување на членките на Унијата.

Со оглед на тоа што мнозинството граѓани на ЕУ велат дека поради короната претрпеле економска штета, очекувањата од економската програма се големи. Но, планот крие и ризици, бидејќи води кон поголема задолженост на земјите членки и зголемена инфлација. Веќе започна дебата за справувањето со зголемената задолженост на земјите членки.

Климатски промени

Европската комисија сака поголем дел од парите од фондот за обнова да ги употреби за „зелени“ инвестиции. „Зелениот договор“ на ЕУ има за цел до 2050 година да ја направи Европа прв климатски неутрален континент без значителни емисии на јаглерод диоксид.

Таа амбициозна цел ја истурка Урсула фон дер Лајен. Сега, со пакет закони и мерки треба да се организира премин кон обновливи извори на енергија, електромобилност и модерни дигитални работни места. Сѐ уште не е јасно која земја-членка колку штетни гасови мора да „заштеди“ и како да се постигнат поставените цели.

Заедништво

Во ЕУ владее сѐ поголемо неединство. Полска и Унгаријасѐ повеќе се спротивставуваат на обидите на Европската комисија и Европскиот суд за запирање на нагризувањето на владеењето на правото во тие земји. Разбирањето на европските вредности и основните права веќе не е исто во сите земји-членки. Ова е особено видливо на примерот на хомофобните политики во Полска, Унгарија и некои други земји-членки.

Не е решено ниту прашањето за европска солидарност во миграциската политика. Распределбата на мигрантите и барателите на азил, кои во иднина би можеле да пристигнат во поголем број од Авганистан, предизвика длабоки поделби во општествата на земјите-членки. Европската комисија се откажа од очекувањата дека ќе биде договорен механизам за распределба на бегалци и сѐ повеќе се фокусира на затворање на надворешните граници и спречување миграција. Сѐ уште не е познато какви нови предлози тука може да даде Урсула фон дер Лајен.

Се чека Германија

Ако ја споредиме состојбата на ЕУ овој септември со првиот говор на претседателката на Европската комисија во септември минатата година, тогаш фрапантно е што темите останаа практично исти. Проблемите се огромни. Фон дер Лајен ќе се обиде да ги претстави договорените цели на климатската политика, фондот за закрепнување од економските последици од пандемијата и дигитализацијата на економијата, како чекор кон подобра иднина.

По говорот на претседателката на Европската комисија, треба да има дебата во Европскиот парламент. Тоа, по летната пауза, претставува почеток на политичката сезона во Брисел и Стразбур. Но, конкретен напредок во законодавството ќе дојде дури откако по изборите во Германија, на 26 септември, ќе се формира нова коалициска влада во Берлин.

Карикатури: Mohammad Sabaaneh

ОкоБоли главаВицФото