Ефектот на Сенека

19.03.2022 14:55
Ефектот на Сенека

 

 

Во медиумите, како и во популарната култура, се’ повеќе се зборува за различни апокалиптични сценарија - како што се нуклеарна војна, радикални климатски промени, глад, пандеми, еколошки катастрофи и исчезнување на основните природни ресурси - кои би можеле да ја збришат нашата цивилизација, па дури и целото човештво, од лицето на Земјата. Од друга страна, се’ поприсутни се футуристички сценарија за високотехнолошките цивилизации кои ќе ја наследат нашата, што ќе им овозможи на луѓето да населат други планети и галаксии, а андроидите конечно да добијат рамноправен статус како граѓани.

Меѓутоа, дали навистина можеме научно да предвидиме каква ќе биде судбината на нашата цивилизација?

„Постои еден мал проблем со ова прашање: не можеме да имаме прецизни податоци за иднината бидејќи таа (сè уште) не постои“, вели Хуго Барди, физички хемичар на Универзитетот во Фиренца. За жал, без такви податоци, нашите предвидувања не можат да бидат целосно сигурни и точни. „Но“, како што истакнува научникот, „тоа не значи дека не можеме да се обидеме да ја разбереме иднината“.

А еден таков обид е токму неговата книга „Пред колапсот: Водич за другата страна на растот“, која од гледна точка на науката за сложеноста - еден од најфасцинантните интердисциплинарни потфати на современата наука - се обидува да одговори (колку што можно) на горенаведеното прашање.

Користејќи современи научни дисциплини како што се динамика на системни, наука за мрежи, моделирање и симулации базирани на агенти, како и многу други дисциплини, оваа нова наука ни овозможува да го анализираме однесувањето на сложените системи – каква што е и нашата цивилизација – и да стекнеме подлабок увид во нивното настанување, развој и, конечно, колапс. Италијанскиот научник најмногу внимание посветува на последново.

Барди истакнува дека во сложените системи многу честа појава е нешто што го нарекува „ефектот на Сенека“. Феноменот го добил името по стоичкиот филозоф Сенека, кој за првпат го формулирал во писмо до својот пријател, забележувајќи дека „растот на многу нешта е бавен, но затоа, нивната пропаст е брза“. Применето на сложен систем како што е цивилизацијата, тоа значи дека неговиот развој е постепен и бавен до еден момент, но дека, штом се дојде до т.н. Сенеков раб, следат неповратен слизнување и брз колапс – често ненадејно и сосема неочекувано.

Системот едноставно се урива како кула од карти.

Оваа метафора, освен трпеливата и долготрајната грабда и наглиот и брз пад, совршено го отсликува и фактот дека до колапсот на сложените системи никогаш не доведува еден фактор, туку повеќе фактори. Барди истакнува дека тоа е така зашто сложените системи се составени од елементи кои се меѓусебно поврзани и впрегнати, така што кога еден елемент паѓа, ги повлекува другите зад себе - што го активира механизмот на лавина, проследен со целосно урушување.

Тоа значи дека колапсот на цивилизацијата е еден сложен феномен, кој никогаш не се одигрува како обична причинско-последична врска, туку исклучиво како последица на комбинација на повеќе негативни и меѓусебно поврзани фактори.

Дека тоа е навистина така може да се види од примерот на падот на римската цивилизација. Археолошките докази покажуваат дека крахот на римската цивилизација бил брз и брутален, токму како што предвидува ефектот на Сенека. Врежано е мислењето дека Западното Римско Царство паднало под налетот на варварите, меѓутоа, тоа бил само еден од факторите што придонеле за неговата конечна пропаст. Барди наведува дека царството веќе имало сериозни економски, политички, демографски и други внатрешни проблеми – а дека варварските напади биле само завршниот удар за империјата што неповратно се тркалала преку работ.

Ова потсетува, како што истакнува Барди, на приказната за натоварената камила, чиј грб на крајот го скршила една сламка. Се разбира, сламката сама по себе не може да биде причина за кршењето, но во содејство со другите фактори, дури и нешто толку мало може да биде кобно за кутрото животно.

Меѓутоа, нашата цивилизација не мора нужно да заврши како грбот на камилата, смета Барди. Барем не во догледно време. Но, за да се избегне или макар да се одложи колапсот, потребно е да се примени она што тој го нарекува „стратегијата на Сенека“. Основната идеја на оваа стратегија нагласува дека обидите да се спречи колапс имаат тенденција да го забрзаат и да го влошат истиот, што го покажа современата научна дисциплина динамика на системите, развиена од Џеј Форестер во 1960-тите.

Барди истакнува дека слична идеја наоѓаме и во боречките вештини како што е џудото, каде што целта на борецот е да ја искористи силата на противникот против него, наместо да му се спротивстави со сопствената сила. Стратегијата на Сенека, оттаму, не подразбира спротивставување на тенденцијата на системот да се придвижи во одредена насока, туку овладување и управување со него на таков начин да не дојде до колапс. Клучот за оваа стратегија, наведува Барди, е да се избегне преоптоварување на „грбот на камилата“ што можело да доведе до негово ненадејно пукање – одноно до „Сенекиниот раб“ по кој нема враќање.

Како пример за употреба на „стратегијата на Сенека“ за запирање на колапсот на нашата цивилизација, Барди ја наведува транзицијата кон алтернативни извори на енергија. Имено, на секој сложен систем му треба многу енергија за да се одржи, а нашата цивилизација најмногу зависи од енергијата добиена од фосилните горива. Меѓутоа, овој ресурс е ограничен и ако продолжиме со досегашната експлоатација, наскоро ќе останеме без него.

Но, Барди не предлага да ги запреме нашите економии и да престанеме да користиме фосилни горива, бидејќи тоа, во овој момент, само би го забрзало колапсот на цивилизацијата. Тој всушност советува да прејдеме на обновливи извори на енергија, бидејќи ги има во изобилство и не предизвикуваат еколошки проблеми.

Една студија, спроведена од Барди и колегите во 2016 година, покажала дека голем дел од денешните енергетски потреби може да се задоволат од обновливи извори. Оттаму, овој научник предлага енергетскиот проблем да го решиме така што постојните резерви на фосилни горива ќе ги искористиме да изградиме силна инфраструктура за производство на енергија од обновливи извори, на која, после тоа, нема веќе да ѝ бидат потребни фосилни горива.

„Би користеле фосилни горива на ист начин како што нашите предци земјоделци користеле пченка, заштедувајќи ги залихите од претходната жетва за следната“, вели Барди, додавајќи дека единствената важна работа е што поскоро да почнеме со спроведување на тој план. Додека не биде предоцна.

Меѓутоа, понекогаш, колку и да се трудиме да го избегнеме, колапсот е навистина неизбежен. Сепак, евентуалниот пад на нашата цивилизација не мора воедно да значи исчезнување на човештвото. Сè зависи од состојбата во која ќе ја оставиме планетата за идните генерации, бидејќи – како што тврдеше едне друг стоик, Маркус Аврелиј – последиците од нашите животни одлуки „одѕвонуваат низ вечноста“.

Крајот на споменатата римска цивилизација навистина беше самракот на еден „космос“, но тој – овозможувајќи премин од експлоатацијата и обновувањето на прилично потрошените природни ресурси како што се шумите и плодното земјиште – го отвори просторот за раѓање на нов и поинаков свет. Згора на тоа, новата цивилизација никнала релативно брзо благодарение на остатоците од претходната, „бидејќи општеството сè уште ‘се сеќавало’ на општествените структури и технологии од претходниот циклус“.

Барди оваа појава ја нарекува „Сенекиново отскокнување“, а тоа подразбира дека по колапсот, на урнатините на стариот систем често со голема брзина се гради нов систем, токму затоа што не започнува од нула, туку се потпира на стари темели. На ист начин, можеби уште посложена и повеличествена цивилизација ќе никне остатоците од нашата цивилизација – ако не на нашата планета, тогаш можеби на некоја друга. Зашто, како што пишува Сенека во едно од своите писма, „секој нов почеток произлегува од крајот на некој друг почеток“.

А во меѓувреме, не ни преостанува друго освен да се придржуваме до речиси 2000 години старата стоичка мудрост: можеби иднината не може да се предвиди, но треба да се подготвиме за неа.


Илустрации: Ѓорѓе Балзамовиќ/Шкарт

Извор: Elementarium

ОкоБоли главаВицФото