Патувањето низ времето, во книжевноста и во физиката

08.06.2022 11:40
Патувањето низ времето, во книжевноста и во физиката

Професорот по книжевност Сајмон Џон Џејмс и физичарот Ричард Бауер, двајцата професори на Универзитетот во Дурам, ја организираа изложбата „Временски машини - минато, иднина и приказни што нè носат таму“. Нивниот разговор по тој повод откри бројни и многу различни значења на патувањето низ времето. Во овој дел од нивниот разговор, тие разговараа како патувањето низ времето во книжевноста и науката еден ден може да се совпаднат.

 

Сајмон Џон Џејмс: Ричард, што значи терминот „патување низ времето“ за еден физичар?

Ричард Бауер: Патувањето низ времето е основа на модерната физика и, за секој што погледнал во ноќното небо, секојдневно искуство. Кога ги гледаме ѕвездите и планетите, ги гледаме не онакви какви што се сега, туку онакви какви што биле во минатото. Кај планетите ова доцнење е од само неколку минути, но кај повеќето ѕвезди на ноќното небо се работи за илјадници години. Кај галаксиите, бледите дамки светлина составени од многу оддалечени групи ѕвезди, доцнењето може да биде милиони или милијарди години. Набљудувајќи ги најслабите галаксии со најновите телескопи во светот, можеме да погледнеме наназад во времето и да набљудуваме како се одвивала целата историја на универзумот.

Но, овој тип на патување низ времето не е најзадоволувачки. Тоа ни овозможува само да го набљудуваме минатото како далечни набљудувачи. Еден од клучните предизвици на модерната физика е да се утврди дали е можно да се влијае врз минатото.

Еден од клучните концепти на Ајнштајновата теорија на релативноста е дека објектите постојат во четиридимензионална просторно-временска низа, што претставува соединување на времето и просторот. Иако сите набљудувачи се согласуваат околу должината на линијата на светот што поврзува два настани, тие може да имаат различни гледишта за тоа дали настаните се случуваат истовремено, или на иста локација но во различно време, или се работи за комбинација од двете. На пример, додека седам на маса и ручам, а потоа малку работам па станувам да си одам дома неколку часа подоцна, набљудувач кој се движи (многу) брзо ќе ме види како протрчувам од ручањето до одењето дома. Во Ајнштајновата теорија времето и просторот се измешани: не можеме да размислуваме за нив одделно. Затоа има смисла да размислувам за себе како секогаш да се движам по таа 4-Д линија на светот, патувајќи во иднината со брзина на светлината.

Но, дали е можно да се измамат заштитните мерки на Ајнштајновата теорија и да се патува наназад низ времето? Одговорот е негативен, но повторно, науката од времето на претходните генерации би рекла дека е невозможно луѓето да летаат. Можеби на научниците им се потребни само инспирација и некои остроумни идеи.

С. Џ. Џ.: Па, во научната фантастика, се разбира, може да најдете прилично инспирација и остроумни идеи. Можеби најпознатиот текст за патување низ времето е „Времеплов“ (1895) од Х.Џ. Велс, кој прв ги замислил луѓето како патуваат низ времето користејќи технологија. И други негови мечтаења се оствариле – на пример, смислувал и пишувал за технологијата за летање на одреден погон пред науката да успее да го овозможи тоа во реалниот живот. Иновативната идеја на Велс довела до современи приказни за патување низ времето, како што се „Враќање во иднината“ или „Доктор Ху“.

Но, многу различни видови приказни патуваат низ времето: Аристотел забележал дека добрата приказна има почеток, средина и крај - но не мора да бидат подредени по тој редослед. Дури и еден древен текст како Хомеровата „Илијада“ не започнува со одлуката на Парис, туку со огорчениот Ахил во неговиот шатор за време на деветтата година од Тројанската војна, а оттаму приказната се развива. Приказните во кои се бара сторителот на злосторство обично не започнуваат со убиство, туку со откривање на телото, а детективот го реконструира заплетот додека приказната се движи напред и назад. Тоа е временската слобода на наративното време.

Р. Б.: Она што е ослободувачко средство во книжевноста е и главна пречката за практично патување низ времето. Иако Ајнштајновите теории ни овозможуваат да го растегнуваме и собираме времето, причинско-последичниот поредок на настаните останува константен. Иако, во вашиот пример, жртвата на убиство би можела да искуси како животот ѝ пролетува пред очите неколку секунди пред смртта, сепак искуството на нејзиниот живот секогаш ќе претходи на моментот на смртта.

Но, во „Терминатор“, да земеме еден пример, човечката цивилизација од иднината наоѓа начин да ја промени линијата на светот на главниот лик, па тој патува во минатото за да го пресретне киборгот и да ја спречи смртта на Сара Конор. Во внатрешниот простор на ротирачка црна дупка, просторот и времето се измешани на тој начин што ова е речиси возможно, но никогаш не сум сретнал некој што на овој начин се вратил од иднината. Можеби таа кружна линија на светот ја пресекува старата иднина и исфрла нова иднина, создавајќи паралелни светови кои постојат истовремено.

Од конвенционална гледна точка, многу нешта се сосема погрешни во врска со идејата за враќање во минатото. Но, современите толкувања на квантната механика сугерираат дека светот всушност може да се состои од многу паралелни иднини, кои непрестано се одвојуваат една од друга. Сите овие иднини постојат истовремено, но ние сме свесни само за една од нив. Од оваа гледна точка, не постои страв од патување низ времето. Кружната линија на светот едноставно создава уште еден слој можна иднина.

С. Џ. Џ.: Ме фасцинира флексибилноста на патувањето низ времето како кога зборуваме за многу различни видови академски истражувања. Историја, археологија, тоа се очигледни примери, но во еден неодамнешен проект навистина бев инспириран од психологијата на автобиографското паметење. Наративот не е само карактеристика на книжевните и другите видови текстови: постојат тврдења дека човековото чувство за себе е изградено врз основа на нашето раскажување на сопствените искуства низ текот на времето: дека сеќавањето и планирањето на иднината се некој вид „ментално патување низ времето“ кое ни овозможува да го конституираме идентитетот.

Како пример за ова од книжевноста би ја навел „Божиќна песна“ на Чарлс Дикенс. Скруџ патува кон сеќавањата на своето старо јас, што му дава поттик да се промени на подобро во иднината. Можеби можеме да ја ги глеаме презривиот, груб златољубец од визијата за претстојниот Божиќ и саканиот, среќен Скруџ од крајот на романот како ситуирани во два различни „паралелни светови“?

Р. Б.: Секако е фасцинантно како книжевните идеи го предизвикуваат научното разбирање - можеби и двете паралелни иднини би можеле да се покажат подеднакво реални.

Извор: The Conversation

ОкоБоли главаВицФото