Телескопот „Џејмс Веб“ ја лансираше астрономијата во нова ера

14.07.2022 15:24
Телескопот Џејмс Веб ја лансираше астрономијата во нова ера

 Вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“ ги даде првите снимки и тие се спектакуларни. 

Сега, имајќи го пред нас првото споделено дело на телескопот, можеме без никакво преувеличување да кажеме дека астрономијата влезе во нова фаза. Тоа е фаза која ќе ги опфати двата краја на најголемата енигма на Универзумот: постоењето на животот, овде, а можеби и некаде другаде. Велам „двата краја“ зашто телескопот има две главни комплементарни мисии. Прво, да ги набљудува првите ѕвезди - најраните агломерации на водород што пред околу 13 милијарди години почнале да ги собираат хемикалиите што ги сочинуваат планетите и, барем овде, живите суштества. Второ, да го анализира атмосферскиот состав на егзопланетите - светови кои орбитираат околу ѕвезди далеку од нас – и да бара знаци на живот.

Ова е прилично крупно постигнување и воопшто не е лошо како за примати со зголемен мозок кои пред само 20.000 години ловеле и собирале за да преживеат. Нашите далечни предци гледале кон небото со мешавина на воодушевеност и страв, не знаејќи зошто работите се случуваат онака како што се случуваат. Месечината и нејзините фази, грмотевиците, затемнувањата на Сонцето, кометите, ѕвездите што паѓаат и виножитата – дали оваа небесна претстава има некакво значење? Дали небото се обидува нешто да ни каже? Додека вселенскиот телескоп Џејмс Веб ја започнува својата работа, вреди да се разгледаат овие потекла.

Од скромни почетоци, стигнавме далеку

Стотици милиони луѓе секојдневно го читаат својот хороскоп, надевајќи се да најдат некаков одговор на грижите во нивните животи, како космосот да зборува директно со секого од нас. Зарем не би било прекрасно кога космосот навистина би нѐ водел на овој начин, давајќи ни одговори на животните проблеми и предизвици и насоки кодирани во распоредот на планетите и ѕвездите?

Астрологијата била главната мотивација за астрономијата уште од најраните земјоделски собири покрај реките Тигар и Еуфрат на Блискиот Исток, а веројатно и пред тоа. Земете ги како пример вавилонските Таблици на Амисадука. Датирајќи од средината на 17 век пр.н.е., на нив се бележани издигнувањата и заодите на Венера во период од 21 година.

Истиот човечки импулс да се осознае потеклото ги поврзува Таблиците на Амисадука со вселенскиот телескоп Џејмс Веб. Откако Галилео го насочи својот телескоп кон небото во 1609 година, човековото разбирање за универзумот и сите негови креации експоненцијално расте. Галилео виде планини и кратери на Месечината. Тој виде дека Јупитер има сопствени месечини, дека Венера има фази и дека Сонцето има дамки. Овие откритија додадоа на сложеноста на еден Космос кој илјадници години бил едноставен и непроменлив, со сите небесни светлини направени од етер, супстанција која се претпоставувало дека му припаѓа само на рајот.

Сега знаеме дека истите закони на физиката и хемијата важат низ целиот универзум и дека нештата од кои се составени ѕвездите се истите нешта од кои се составени световите, и покрај тоа што се организирани во различни пропорции. Оваа универзалност на законите на природата го прави возможно проучувањето на далечните региони на Универзумот, доведувајќи го Космосот на дофат.

Храмовите на астрономијата

Ѕвездите се далечни и недостижни, но сепак чувствуваме длабока поврзаност со нив. Во современите научни обиди за проучување на небесните пространства го идентификуваме истиот копнеж за значење што ги терал нашите предци да гледаат нагоре и да ги обожаваат боговите. Нашите неверојатни вселенски телескопи, а и копнените - како што е објектот АЛМА управуван од Европската јужна опсерваторија во Чиле, или кластерот неверојатни телескопи на врвот Мауна Кеа во Хаваи - се сведоштва за нашиот модерен порив да продолжиме да ги дешифрираме небесата. Знаеме дека одговорите се таму горе и не’ чекаат.

Сега знаеме дека сме направени од ѕвезден материјал, што го поврзува нашето потекло со сè останато што постои во Универзумот. Да се знае космичката историја претставува, во многу реална смисла, да се знае сопствената. Додека го следиме нашето материјално потекло до Космосот, го премостуваме нашето постоење, нашата индивидуална и колективна историја, до Универзумот воопшто.

Нашите претходници гледаа кон небото обидувајќи се ги разберат моќите далеку од нивниот дофат. И, и покрај предизвиците и сложеноста, ние никогаш не се откажавме од обидите да разбереме. Фактот што сега можеме да раскажеме големи делови од оваа приказна, поврзувајќи ги многу раните времиња по Големата експлозија со нашето сопствено постоење, е чудесно. Нашата најдлабока благодарност ја должиме на научниците и инженерите одговорни за дизајнот на вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“ и неговото успешно лансирање. Нашите храмови сега лебдат во вселената, насочени кон далечните ѕвезди.

Извор: Big Think