Мери Дафи: Телата во поновата историја на уметноста

10.05.2023 01:23
Мери Дафи: Телата во поновата историја на уметноста

Исказ на уметницата

Целиот живот сум уметница. Сакам да бидам ангажирана во светот на многу нивоа. Кога сликам се чувствувам жива. Ангажирана. Предизвикана. Наоѓам смирување во тоа што можам да се задлабочам во светот околу себе преку процесот на сликање. Мојата посветеност на работата бара бестрашност, издржливост, енергија и реално присуство.

Сепак, бидејќи сум уметница со инвалидитет, сликањето отсекогаш беше борба. Не можам да го отфрлам тоа лично искуство и да кажам дека нема никаква разлика ако се има инвалидитет. Има. Влијае на секој аспект на моето сликање: на брзината со којашто работам (многу брзо), форматот (голем), изборот на материјали (масло), каде одам (секогаш надвор) и како стигнувам таму (вообичаено пешки).

И покрај сите потешкотии на крајот на денот најмногу го вреднувам својот ентузијазам зашто, без оглед на временските прилики, сепак излегувам надвор и работам. Исто така многу го вреднувам палецот на левото стапало како сликарска алатка. На стабилното трето место е и ножот за размачкување бои – краток и остар, кој погодува во сржта. Исто како мене.

Мери Дафи е родена 1961 година во Ирска. Посетувала уметничко училиште, а потоа стекнала и универзитетско образование. Предавала во школи и на уметнички колеџи, работела како глумица, радио продуцентка, истражувачка. Слика со очите и срцето. Исто така е и поетеса.

Перформанс (1995)

Перформансот кој го осмисли Мери Дафи во средината на деведесеттите има цврста основа во искуството на жените со инвалидитет. Идејата се појавила по посета на лекар, која ги евоцирала сите нејзини искуства со медицинскиот персонал и понижувањата на кои ја изложувале како девојче родено без раце.

Иако сега се чувствував компетентна да се соочам со ситуацијата, инцидентот ме потресе и ме потсети на обесправувањата кога бев дете – медицинските стручњаци повторно и повторно ме соблекуваа и ме сведуваа на објект кој не чувствува ништо, додека се обидуваа да го етикетираат, категоризираат, дефинираат и редефинираат моето постоење.

Се сеќавам дека се сеќавав на сè, дека сето тоа го запишував во својата детска меморија небаре ќе ми треба сведок во возрасната доба за понижувањата што ги доживував во детството. Се сеќавам на крупните зборови со кои манипулираа. Се сеќавам на нивните препораки што ги слушав кога имав две години: дека подобро би ми стоеле вештачки раце ако ја отсечат мојата мала дланка. Најмногу од сè се сеќавам на нивното ужасување од мојата состојба. Се однесуваа како да сум невидлива и неспособна да ги разберам предрасудите кои ги донесуваат за мојот тогашен живот и мојата иднина.

Лекарите не беа единствените кои кон мене се однесуваа како да сум невидлива и неспособна да разберам. Всушност, таквото однесување беше редовен дел од мојот живот и на многу начини, правејќи го овој перформанс, додека стојам овде, гола пред вас, се обидувам пред вас да поставам огледало.

Ве принудувам да ја преиспитате природата на својот воајеризам.

Наметката што ја носи Мери Дафи за време на перформансот и позата што ја зазема се директна алузија на Венера Милоска, статуата чии раце прекнуваат под рамениците. Со таквото имитирање уметницата како да тежнее да стекне контрола над реакциите што ѝ ги упатува публиката.

Го држам огледалото пред сите луѓе кои претходно ме соголуваа со погледи.

Венера Милоска претставува еден од најголемите идеали на женската убавина во западната уметност. Тогаш зошто телото на Мери Дафи некој би го доживеал како закана? Нејзиното тело е повик на божицата.

Во текот на перформансот уметницата има монолог опишувајќи како ја посматрале медицината и општеството, декларирајќи го нејзиното тело како неадекватно и непожелно тело со недостаток. Зборува за своето соочување со сите погледи кои ѝ ја нарушувале самодовербата. И повторува прашања кои најчесто ѝ биле упатувани: Така си родена? Дали мајка ти ги пиела оние ужасни таблети? Дали ти се случила некоја несреќа?

Сликарство

Сликањето е она што отсекогаш сакав да го правам. Ме врати назад во детството а истовремено и во иднината која упорно ја избегнував. Двапати неделно ме изнесуваа од училиште (од часовите по плетење) и ме носеа во техничко училиште каде со група бунтовни тинејџери учев да сликам.

Дури и тогаш, кога имав пет години, јасен ми беше поттекстот на тој чин. Сликањето е нешто што неизоставно го прават луѓето кои се родени без раце. Всушност, тоа е сè што можеме да правиме; навистина. Некако ми се допадна да сликам, но ме навредуваше тоа што ме сместуваат во таква категорија.

Гледајќи на тоа сега се чувствувам исто како што се чувствував тогаш. Го знам тоа девојче со голема машна. Го гледам лицето кое се концентрира. Ја поткревам веѓата кога ќе се сетам на машната. Коленото ме заболува кога ја држам четката на одредена висина и ја истегнувам левата нога. Чувствувам како мирисаат боите во прав и сè уште ја чувствувам текстурата на сувиот прав и кредата распрснати на дрвените плочи на подот.

И знам дека поминав долг пат за да стигнам таму каде што треба да бидам, токму сега.

Мери Дафи слика пејзажи, морски предели, актови и портрети.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://portaloinvalidnosti.net/

Слични содржини

Активизам / Свет / Музика
Активизам / Свет / Теорија
Активизам / Фотографија / Свет / Уметност / Око
Активизам / Свет

ОкоБоли главаВицФото