Жени со попреченост во филмовите (како метафора за упорноста и слабоста) (2)

09.06.2023 01:35
Жени со попреченост во филмовите (како метафора за упорноста и слабоста)  (2)

 

Жените со попреченост во странската кинематографија

Собирајќи податоци за насловите на филмовите во кои се прикажуваат лица со попреченост, со посебен осврт на жени со попреченост, не можев да не забележам дека во поголем број филмови лицата со попреченост се од машки пол. Второ, како симбол на попреченост во филмовите доминираат инвалидските колички. Актерите не се инвалиди, а инвалидските колички овозможуваат човек да изгледа како да има инвалидитет, но сепак да изгледа „нормално“.

Попреченоста во филмовите е всушност начин да се претстават идеите и мотивите: зависност, недостаток на автономија, трагедија... Разговарајќи за поголемата застапеност на мажите во улога на лица со попреченост, Џени Морис (1991) смета дека „жените не мора да да бидат прикажани со инвалидитет за да се прикаже нивната ранливост и зависност... бидејќи жените секако се сметаат за зависни, така што нема смисла да се снимаат филмови за нивните борби со попреченоста... на жената попреченоста не ѝ значи, не ѝ менува ништо.“ Алисон Харнет (2000), дискутирајќи за сликата за попреченост на телевизија, наведува дека луѓето со попреченост се прикажани или како непоправливо лоши, зли одмаздници итн. или како некои „Supercrips“, Суперинвалиди кои постигнале неверојатен успех „и покрај сите неволји и трагедии што ги снашле“.

Низ призмата на феминистичката теорија за попреченост, анализирав четири играни филмови, релативно понови, во кои жените со попреченост се главни актерки или главни споредни улоги. Многу долга веридба (Very Long Engagement, Франција 2004), Оаза (Oasis, Јужна Кореја 2002), Снежен колач (Snow Cake, Канада, Велика Британија 2006) и Книгата на Илај (The Book of Eli, САД 2010 година.)

На почетокот на филмот Многу долга веридба мажите во Првата светска војна одбиваат да војуваат и да се самоповредуваат со надеж дека ќе бидат отпуштени од војска, но се осудени на смрт и испратени во т.н. „Ничија земја“, простор без засолниште меѓу две армии. Почетокот ме потсети на Женскиот принцип на сочувство/емпатија, принцип кој одбива да војува и на тој начин одбива да ја нахрани патријархалната култура на агресивност и докажување супериорност и сила.

Матилда е 20-годишна Французинка со последици од детска парализа, чиј од се одвива бавно и со тешкотии. Ова движење ја симболизира нејзината потрага по вереникот исчезнат во војната (на „Ничија земја“) во која постепено (чекор по чекор) се приближува до вистината. Матилда е претставена како „типична“ девојка која има и еротски фантазии во кои мастурбира без воздржување и која се разубавува за својот љубовник.

Нејзината разлика во однос на врсниците е само во „тешкото“ одење. Стигнува до сите места до кои сака да стигне. Нејзината упорност да го најде младичот е всушност симболизирана и „засилена“ со нејзината попреченост, како да ја поттикнува кај гледачот мислата „И покрај попреченоста... и покрај пречките што ги поставува нејзината попреченост - таа е упорна“. Никогаш не откажувај се – е слоганот на филмот – поднасловот.

Околината на Матилда не ја поддржува нејзината цел и потрага, туку ја обесхрабрува да оди во„луда потрага“. Тоа е очекувано оти семејствата на лицата со попреченост често се однесуваат презаштитнички. Кога ќе ѝ биде неопходно да ја постигне целта, таа намерно ги „засилува, отежнува“ последиците од инвалидитетот, се претставува како корисничка на инвалидска количка за да предизвика сожалување и да обезбеди исполнување на нејзините желби и барања. Всушност, луѓето се пољубезни кон неа дури и кога таа самата не ја „потенцира“ попреченоста. Нејзината стратегија би можела да се окарактеризира како „употребувајте ги стереотипите во ваша корист“. Забележливи се стереотипни референци за лицата со попреченост, но за времето и контекстот во кој се одвива филмот ситуацијата е навистина реално прикажана, оти доминантен модел на попреченост во тоа време бил токму религиозно-медицинскиот модел во кој лицата со попреченост биле доживувани како предмети на христијанското милосрдие.

Не само што е лице со попреченост, туку Матилда е и жена, и како таква се очекува да биде пасивна, послушна, инертна, без сопствени желби во четирите ѕида на битието. Но со потрагата по исчезнатиот љубовник Матилда ја симболизира жената со попреченост како стереотип - модел на навидум ирационална, но со натчовечка истрајност, упорност и избивање од наметнатата рамка.

Улоги: Одри Тоту, Гаспар Улиел

Јужнокорејскиот филм Оаза укажува на најчестите стереотипи за жените со попреченост, и во исто време ги подрива. Гонг-џу Хан е девојка со тешка форма на церебрална парализа која живее во стар стан во зграда без лифт. Повремено ја посетуваат нејзиниот сосед и нејзиниот брат (кој живее со сопругата во нов стан што тој го плаќа од инвалидските надоместоци на сестра му). Таа сака да си игра со огледалските одрази врз ѕидот, кои се „претвораат“ во бели гулаби и пеперуги, што всушност ја симболизира желбата за слобода и игривост. Ја гледаме како ужива додека се разубавува, се чешла и се шминка, но и како е принудена да биде сведок на сексуалниот чин на сосетката и некој маж, во сопствената соба, при што мажот вели дека не ја смета за ментално развиена за да сфати и разбере секс.

Филмот навидум ја прикажува љубовната приказна на двајца млади луѓе оневозможена од стереотипите и предрасудите. Двајцата, таа со потешка физичка попреченост, тој (Јонг-ду Хонг) со мала ментална попреченост, почнуваат да излегуваат и постепено ја градат својата врска како што би се изградила секоја друга врска. Меѓутоа, нивната врска започнува со силување, кое таа никому не го пријавува, по што го повикува младиот човек кој ја силувал повторно да ја посети.

Нивните улоги се родово конструирани зашто таа од него, како од маж, бара и очекува заштита, а тој работи на усовршување на својата автомеханичарска дејност за да има пари финансиски да се издржува себеси и нејзе. Филмот ја прикажува реалноста на дискриминација на жените со попреченост, истовремено прикажувајќи ги и урнувајќи ги предрасудите во повеќе сегменти Ќе споменам само два клучни.

Јонг-ду Хонг ја носи Гонг-џу Хан на семејна вечера за да го прослават роденденот на неговиот брат, а мајка му изразува незадоволство од неговиот однос со „таква“ девојка. Без разлика на инвалидитет на мажот - инвалидноста на жената е неприфатлива за семејството на мажот (најчесто и најмногу за мајките) зашто попреченоста ги „погодува“ нејзините можности за исполнување на родовите улоги.

Понатаму, со вербално изразување на својата желба, таа иницира сексуален однос. Меѓутоа, кога нејзините брат и снаа ќе ги затекнат, гледачите се соочуваат со груби предрасуди кога станува збор за жените со попреченост; без никакво утврдување на фактите, сите - почнувајќи од полицијата, нејзините брат и снаа и неговите браќа - претпоставуваат дека се работи за силување. Таа е веднаш окарактеризирана како жртва која „треба да се спаси“ без да ѝ се слушне гласот. Нејзините (поради грч) неуспешни обиди да зборува и да го одбрани мажот од нападот се протолкувани како израз на страв. Зборовите на полицаецот „Како можеше да нападнеш кутра девојка, не разбирам. Се напалуваш кога ја гледаш?“ укажуваат дека телото на жената со ивалидитет е апсолутно непривлечно, дека жените со попреченост се асексуални и дека желбата за сексуален однос со жена со попреченост може да биде само одраз на настрана сексуалност.

Главни улоги: Мун Со-ри, Сол Кјунг-гу

Снежен колач (Snow Cake, Канада, Велика Британија 2006) е интересен пример за релативно реткото прикажување аутистични жени на екраните. Линда Фримен е високофункционална жена со аутизам која живее сама и работи во локална самопослуга која ја задоволува нејзината потреба за ред и шаблон. Еден ден на нејзината врата се појавува маж, Алекс Хјуз, кој ја известува дека нејзината ќерка патувала со него и дека загинала во сообраќајна несреќа.

Алекс останува со Линда неколку дена за да го изнесува ѓубрето во договорените денови зашто „таа има фобија да го фрла ѓубрето“, но тој никогаш не бара нејзино мислење или дозвола за да го стори тоа, ниту таа го бара тоа од него. Во моментот таа нема маж-партнер во животот, а Алекс, иако почнува да живее со неа, не се ни обидува да воспостави релација со нејзе, туку тоа го прави со нејзината сосетка. Сепак, нејзината сексуалност индиректно се прикажува и се предочува пред публиката во една сцена. Линда сака да јаде снег (оттука и насловот на филмот) и во еден разговор ја прашува сосетката дали некогаш доживеала оргазам. На потврдниот одговор Линда вели: „оргазмот е инфериорна верзија на она што го чувствувам кога устата ми е полна со снег“. Филмот не го објаснува нејзиниот живот, а прашањето за нејзиното мајчинство е опфатено само во краткиот разговор меѓу Алекс и таткото на Линда. „Навистина не знаеме како се случи тоа“, му вели нејзиниот татко на Алекс. „Од ова што го знаеме, таа можеби била и силувана“. Од една страна оваа реченица може позитивно да се сфати како насочување на вниманието кон зачестеноста на силувања жени со попреченост, но земајќи предвид дека филмот понатаму не се занимава со ова прашање, приморана сум да верувам дека се работи за уште едно стереотипно објаснување на очигледното мајчинство: жените со попреченост имаат сексуални искуства само ако се силувани.

Главни улоги: Сигурни Вивер, Алан Рикман

Во Книгата на Илај еден човек (Илај), трагач во пост-апокалиптичниот свет, ја поседува Книгата на спасението, книга која ќе помогне во обновувањето на цивилизацијата. На пат до својата дестинација, спасителот на светот се бори само со лак и стрела против низа непријатели. Најголем непријател е старешината на еден округ, кој верува дека книгата ќе му даде моќ над човечкиот род и затоа сака да ја поседува. Старешината има слепа сопруга/партнерка, пасивна, зависна и жртва на неговото насилство. Во текот на филмот, од битка во битка, спасителот сам ги победува сите. Во текот на филмот жената повторно и повторно е жртва на насилство, а во одреден момент дури и нејзината возрасна ќерка станува жртва на амбицијата на старешината. Слепата жена има само еден светол момент на отпор, на крајот, кога веќе нема опасност за неа или нејзината ќерка.

Очекувано, протагонистот спасител (Црнец) е во контраст со Белецот кој сака моќ. Во филмот, меѓутоа, неговиот контраст е всушност слепата жена - зависна, ранлива, немоќна заради инвалидитет, бидејќи дури на самиот крај откриваме дека Илај е исто така целосно слеп и дека книгата е напишана со Брајово писмо. Значи, оти е маж, неговата попреченост не влијае на неговото суперхеројство.

Главни улоги: Дензел Вашингтон, Гери Олдман, Џенифер Билс

Феминистичката критика е фокусирана на дихотомиите на западната филозофска мисла и на идентификацијата на жената со природата, нештата, емоциите и ирационалноста, нецелосноста и несовршеноста, односно она што треба да се контролира и поправи.

Преку површна анализа на четири филма дојдовме до заклучок дека и жените со попреченост се гледаат и претставуваат како ирационални, емотивни и упорни, зависни од својата емотивност и ирационалност, недоволно совршени и во таа смисла „инфериорни“. Попреченоста на жената всушност служи само за зајакнување на впечатокот за вистинитоста на овие додадени карактеристики. Навраќајќи се на цитатот на Џени Морис за причините за малиот број жени во филмовите, можеме да кажеме дека на некој начин ја потврдивме нејзината теза за лицата со попреченост како „Суперинвалиди“. Матилда, ирационална, заљубена, нескротлива, подготвена на сè за да дојде до одговорот и нејзиниот вереник, и покрај тешкотијата да оди, ја достигнува целта. Линда, „и покрај аутизмот, живее самостојно“, и од сопствената работа. Иако упорноста на Матилда објективно е пример за човечката истрајност и волја, кога на попреченоста културолошки ќе ѝ се припишат импотенција и неспособност – тоа ја прави нејзината истрајност речиси натчовечка.

Филмот Оаза нè соочува и ги подрива стереотипите за асексуалноста на жена со хендикеп, но во исто време ги поткрепува: односот започнува со силување (со насилство) низ кое поминува жената со попреченост (оти е преосамена, а тој е единствената личност која ѝ посветува внимание). Ставајќи жена со попреченост во врска со ментално неразвиен маж филмот поддржува уште еден стереотип, дека лицата со попреченост влегуваат во интимни односи исклучиво или главно со други лица со попреченост.[3] Судејќи по филмот, Линда станала и мајка како последица на силување, а вереникот на Матилда ѝ е пријател од детството, односно од времето кога детските концепции биле неизвалкани од општествено одобрените шаблони.

Мајката на младичот која му замерува поради девојката со инвалидитет (Оаза), како што споменавме во анализата, го симболизира токму негирањето на родовите улоги. Идентитетот на жената со попреченост не се гледа како идентитет на жена, туку како идентитет на лице со попреченост. Индикативно е и тоа што во филмот Снежниот колач Алекс и Линда не влегуваат во интимна врска, иако е очигледно дека Линда била во такви врски и иако двајцата имаат воспоставено некоја форма на однос и пријателство. На крајот, од една страна, Линда е доволно функционална за да живее самостојно, но сепак ѝ треба машки спасител во некој наизглед наивен сегмент како што е фрлање ѓубре (иако и за лицата без попреченост фрлањето ѓубре е често на списокот на непожелни домашни обврски).

Се добива впечаток дека кај секоја од овие четири жени со попреченост постои маж: маж како причина за потрага или како спасител, просто маж кој станува фигурата околу која се развива приказната во филмот. Жената е прикажана како фигура на борба (против светот, против предрасудите, борба за љубов), истрајност, сила, но во исто време и како предмет на грижа, човечка милостина или дискриминација, т.е. насилство.

Како што покажува филмот Книгата на Илај, попреченоста на жената го одредува нејзиното место на хиерархиското социоекономско скалило каде што е таа речиси на дното. Инвалидноста на мажот не само што не влијае на неговото место, туку во овој случај тоа е и негова предност. Како и во секојдневниот живот, перцепцијата за попреченостa кај жената речиси секогаш ќе биде пречка во остварувањето партнерски односи, без разлика колку е таа независна, функционална, образована, економски независна - зашто попреченоста се доживува како ограничувачки фактор во исполнувањето на нејзините родови улоги. Попреченоста на мажот е ирелевантна оти, од една страна, родовата улога на мажот во патријархатот не е да се грижи за куќата и децата, а од друга страна, ако е образован, економски независен, тоа само значи дека може да биде „спасител“, па оттука неговата попреченост е неважна.

Можеби зашто филмот Оаза не е од американско-европска продукција, само во овој филм попреченоста, односно церебралната парализа која се карактеризира со грчеви на лицето и телото, е убедливо прикажана, без разубавување и препуштање на типичната естетика. Само во овој филм попреченоста сама по себе е мотив и причина, а не служи како метафора, како контраст и засилувач на впечатокот за нечија упорност или слабост (за некој друг да не испадне посилен).

Околината ги гледа жените со попреченост како означени и исклучени, а филмот како медиум го обелоденува тоа[4]. Идентитетот на жените со попреченост во филмот не е женски идентитет ниту е комплексен како што препознава феминистичката теорија за попреченост, туку е прикажан како монолитен: нивниот идентитет е идентитет на лица со попреченост, но затоа нивните карактеристики се „типично женски“. Така, кога ќе ја погледнеме хероината, до израз доаѓа нејзината попреченост, со која ние како гледачи на филмот се идентификуваме, се поистоветуваме, оти не ни се нуди речиси ништо друго. Попреченост која укажува на неможност, неспособност, нефункционалност. Сепак, карактеристиките на личноста кои им се додадени се пасивност, страв, потреба од заштита, емоционалност, ирационалност - особини кои вообичаено се додаваат, бараат и се очекуваат од жената, без разлика на нејзината раса, етничка припадност, класа, простор и време во кои таа живее. Како жена ѝ треба маж, а како инвалид некој да се грижи за неа. Иако филмовите првенствено ги поткопуваат стереотипите за асексуалноста на жените со попреченост, ставајќи ја во улога на мајка, (Снежниот колач, Книгата на Илај), вереница (Многу долга веридба), жена која иницира сексуален однос (Оаза), нивните карактеристики како жени остануваат во доменот на стереотипите, претставени од когнитивната рамка на патријархатот.

Со ваквото произволно прикажување на оваа дихотомна поделба на независни (здрави /способни/ возрасни - обично мажи) и зависни (болни / инвалидни / деца - обично жени), стереотипите за жените со попреченост се одржуваат и продлабочуваат (дури и кога на прв поглед се чини дека филмот ги руши предрасудите), а нивното потчинување и повеќеслојна дискриминација остануваат непризнаени.

Можно претставување на жена со попреченост што би произлегло од доминантните прикази би било претставување на независна, самосвесна, активна, самоактуелизирана жена. Приказ во кој жената со инвалидитет не служи да мотивира лица без инвалидитет или да биде мерка по која некој друг (маж) се воздигнува. Приказ каде нејзиниот концепт за (само)одржување не е поврзан со наклонетоста, љубовта, добрината на мажот. Приказ во кој пречките не ги одредува попреченоста, туку стереотипите и системските бариери. Тоа би било претстава на реална жена, а не стереотипна слика што филмаџиите ја вградиле во своите рамки на размислување и набљудување.

На фотографиите се слики од филмовите, озгора удолу: 4 фотки - Многу долга веридба (Very Long Engagement, Франција 2004), 2 фотки - Оаза (Oasis, Јужна Кореја 2002), 2 фотки - Снежен колач (Snow Cake, Канада, Велика Британија 2006) и - три фотки - Книгата на Илај (The Book of Eli, САД 2010)

Кон првиот дел.

Фусноти

[1] A.М. Јанг предлага диференцирано граѓанство и посебни права за одредени групи со цел да се намали угнетувањето и да се зголемат можностите.
[2] Способен/неспособен
[3] Најчестото прашање што му се упатува на лице со попреченост кое вели дека има партнер, интимна врска е: „Дали и тој/таа е инвалид?“
[4] Заклучокот е донесен врз основа на детална анализа на споменатите четири филма и врз основа на увид во некои ТВ филмови кои имав можност да ги гледам, а кои од технички причини немав можност детално да ги анализирам.

Користена литература:

Caron, Charlotte and Christy, Gail (1997) Living on the edges [personal stories about living with chronic illness and disabilities], Canadian woman studies. Downsview: winter 1997. Vol. 17, iss. 1; pg. 86
Garland-Thomson, Rosemarie (2002), Integrating disability, transforming feminist theory; Nwsa journal; fall 2002; 14, 3; proquest central
Harnett, Alison (2000), Escaping the ‘Evil Avenger’ and the ‘Supercrip’: Images of Disability in Popular Television, Irish Communications Review Vol 8
Hume, Joan, (1996), Disability, Feminism and Eugenics:
Who has the right to decide who should or should not inhabit the world? first presented at the Women’s Electoral Lobby National Conference, University of Technology, Sydney, 26th January 1996. Copyright 1996
Kwiotek, Rita G (1999), Disability, gender and power: finding a useful theoretical framework and an appropriate methodology, Department of Sociology & Political Science, National University of Ireland, Galway
Достапно на: wwda.org.au/kwiotek1.doc
Martz, Erin (2001), Other Research — Acceptance of Imperfection, MA, CRC
достапно на: dsq-sds.org
Perry, Della and Whitesid, Ruth Keszia (1995) Historical and Contemporary Intersections of “Otherness”, Women, Gender and Disability, достапно на: http://www.academyanalyticarts.org/perrywhiteside.htm
Traustadottir, Rannveig and Harris, Perri (1997), Women with Disabilities: Issues, Resources, Connections Revised, достапно на: http://www.independentliving.org/docs3/chp1997.html
Tremain, Shelley (1993), Feminism & disability by Barbara Hillyer; Norman and London: University of Oklahoma press
Vansteenwegen, Alfons, Jans, I. and Revell, Arlynn T. Sexual experience of women with a physical disability: a comparative study (2003), Sexuality and disability, volume21, number 4/december
Young, Iris Marion (1989) Polity and group difference: a critique of the ideal of universal citizenship, Ethics, 99, No. 2 (Jan., 1989), 250-274
достапно на: http://links.jstor.org/sici?sici=0014-1704%28198901%2999%3A2%3C250%3APAG...
Wendell, Susan (1993), Feminism, disability and transcendence of the body, Canadian woman studies. Downsview: summer 1993. Vol. 13, iss. 4; pg. 116
Feminist Perspectives on Disability, dostupno na: http://plato.stanford.edu/entries/feminism-disability/
Women, Disability, And Identity; Violence And Abuse; Sexuality;
Literature, Literary Analyses and Media Studies; Feminist Disability Studies; достапно на: http://disabilitystudies.syr.edu/resources/
http://www.mediaed.org.uk/posted_documents/DisabilityinMedia.htm
https://www.bitchmedia.org/post/double-rainbow-snow-cake-feminist-film-review-autism

Литература на српски јазик:

Kiš, Danijela Marot i Bujan, Ivan (2008): Tijelo, identitet i diskurs ideologije: Fluminensia- br. 2, str. 109-123
Mos, Kevin: Jugoslovenski transseksualni heroji: ’Virdžina’ i ’Marble Ass’
достапно на: http://www.fabrikaknjiga.co.rs/rec/67/327.pdf
Milojević, Ivana (2010), Uvod u rodne teorije radna verzija
Živić, Ivan: Performativne karakteristike roda: subverzija identiteta u filmu Marble Ass Želimira Žilnika, достапно на: http://www.womenngo.org.yu/labris/sajt/PerformativneKarakteristikeRoda.pdf
Rodne uloge i nasilje nad osobama sa invaliditetom, достапно на: http://www.izkruga.org/.publikacije/html/03_rodne_uloge_i_nasilje.html
Seksualnost i invaliditet, достапно на: http://www.forum.hr/showthread.php?t=21555 HYPERLINK "http://www.forum.hr/showthread.php?t=21555&page=2"& HYPERLINK "http://www.forum.hr/showthread.php?t=21555&page=2"page=2

Žene sa invaliditetom u Srbiji – Prva analiza stanja i pravne regulative o položaju žena sa invaliditetom u Republici Srbiji, достапно на: izkruga.org
Prepreke za jednakost – dvostruka diskriminacija žena sa invaliditetom – Sažetak zbirke tekstova o ženama sa invaliditetom i izvod iz informativne publikacije o ženama sa invaliditetom Svetske organizacije osoba sa invaliditetom DP, достапно на: www.cilsrbija.org/ebib/Zene_sa_invaliditetom.pdf

Превод: Моника Стојановска