Жени со попреченост во филмовите (како метафора за упорноста и слабоста) (1)

07.06.2023 11:52
Жени со попреченост во филмовите (како метафора за упорноста и слабоста) (1)

 

Модерната политичка теорија тврди дека социјалната инклузија се гради врз темелите на еднаквата морална вредност на сите луѓе. Идеалот за универзално општество, од една страна, го нагласува тоа што е заедничко за сите луѓе, а од друга страна бара еднаков третман, во смисла дека законите и правилата се нечувствителни кон индивидуалните и групните разлики. Сепак, општествената феминистичка критика укажува на тоа дека реалноста е поинаква: и покрај концептот на универзалност, некои групи граѓани се привилегирани, а други се сè уште угнетени. Се поставува прашањето, дали фактот што законите и правилата се нечувствителни кон индивидуалните и групните разлики, нужно значи и еднаков третман?

Ајрис Мерион Јанг (1989) нè потсетува дека доминантните групи одредуваат норми, стандарди и пропишуваат „нормалност“, и дека феминистичката критика е насочена токму кон фактот дека овие норми и стандарди одговараат на начинот на живот типичен за мажите и дека од жените се очекува само да се прилагодат на овие регулативи [1]. Овде, исто така, истакнувам дека кога станува збор за лицата со попреченост (особено за жените со попреченост), барањето тие да се адаптираат на општествените услови претставува уште поголем степен на угнетување. На пример, жените претежно се лоцирани во приватната сфера, каде што нивната опасна хетеросексуалност мора да биде неизвалкана и ограничена со брак. Меѓутоа, на жените со инвалидитет им е ускратена сексуалноста и пред нив се поставени сосема различни очекувања. Многу години овој различен - двојно угнетувачки - третман кон жените со инвалидитет е предмет на мојот интерес и моите напори да го согледам од различни перспективи и во различни полиња. Областа која ќе се обидам да ја разгледам во овој труд е претставувањето на жените со попреченост во филмот како медиум наменет за широка публика, која има моќ да создава и одржува позитивни вредности и состојби во општеството.


Теоретската и когнитивната рамка од која поаѓам е феминистичката теорија за попреченоста, поаѓајќи од претпоставката дека оваа теорија го објаснува феноменот на двојна дискриминација на жените со попреченост на научно ниво. Исто така, се повикувам и на личното искуство што феминистичката епистемологија го препознава и предлага како принцип и начин на стекнување знаење, а кое произлегува од дискусијата за тоа дали родот на мислителите или мислителките е епистемолошки значаен, односно дали нашиот род влијае на тоа како гледаме, ја разбираме и толкуваме реалноста? (Милојевиќ, 2010). Според карактеристиките на феминистичката епистемологија (Милојевиќ, 2010), не само што родот влијае на нашата перцепција и размислување, туку и на некои други елементи на идентитетот, како што се расата, етничката припадност, попреченоста, па оттука и на некои феминизми и теории како што се Црниот феминизам, Чикана феминизмот, африканскиот феминизам ‘womanism’, мајчинизмот и конечно (или на почетокот) феминистичките теории за попреченост.

Имајќи ги предвид карактеристиките на феминистичката методологија дека „истражувањето мора да биде насочено во полза на женскиот род и да го формулира проблемот во согласност со искуствата и перспективите на жените како социјална група („истражувањата треба да бидат насочени кон проблеми кои тие ги сметаат за значајни“; Милојевиќ, 2010), верувам дека со овој труд, кој ја вклучува перспективата на жените со попреченост, ќе придонесам и за феминистичкиот дискурс и за дискурсот во областа на попреченоста.

 

Феминистичка теорија за попреченоста

Феминистичката теорија истражува како системите како што се родот, расата, етничката припадност, можностите, сексуалноста и класата меѓусебно се условуваат и си влијаат едни на други. Феминистичката теорија за попреченостa ја проширува феминистичката теорија во полето на попреченоста, а теориите за попреченост ги разгледува од аспект на феминистичката мисла и како таква претставува своевидна придобивка за двете полиња. Прашањата за попреченоста и родот во истиот контекст почнале да се разгледуваат во Америка во осумдесеттите години на минатиот век, пред сѐ на феминистичките конференции. Дотогаш феминистичките анализи не ги вклучувале искуствата на жените со попреченост. Попреченоста го обликува и комплицира родовиот идентитет на жените со попреченост, и затоа попреченоста е феминистичко прашање.

Розмари Гарланд-Томсон (2002) смета дека родовите студии, односно знаењата од феминистичките теории, ги продлабочуваат согледувањата, методите и перспективите на студиите за попреченост, а од друга страна, феминистичките теории треба да ги препознаат попреченоста и идентитетите кои ја менуваат категоријата на жени.

Попреченоста, како и родот, е концепт кој ги продлабочува сите аспекти на културата: институциите, општествените идентитети, културните практики, политичките позиции, историските заедници итн. Феминистичката теорија за попреченоста размислува за различни феномени, се потпира на широкото разбирање на попреченоста како продорен културен систем кој означува и стигматизира одредени форми на телесни разлики, и кој во исто време има потенцијал да поттикне критички политики.


Споредбата на телата со попреченост и оние без попреченост е културолошка, а не биолошка, и навлегува во формациите на културата, давајќи легитимитет на нееднаквата распределба на ресурсите, моќта, статусот во општеството итн. Терминот попреченост е широк концепт кој вклучува збир на идеолошки категории (болни, деформирани, луди, грди, сакати, жални, ненормални, моронски) кои ги обезвреднуваат луѓето и ги омаловажуваат телата кои не одговараат на културните стандарди (Гарланд-Томсон 2002).

Дела Пери и Рут Кезија Вајтсајд (1995) објавија информации за категоризацијата способни-неспособни [2]. И токму феминистичката теорија за попреченоста го деконструира поимот попреченост со поништување на доминантната претпоставка дека попреченост значи дека „нешто не е во ред со некого“.

Заедничката нишка на попреченоста и женственоста е дека, во западната филозофска мисла, и на двете категории се размислува и гледа како на „отстапување од ценетите стандарди, жените се чудни мажи, вродено деформирани“. Според Аристотел, жените се другост, несовршеност. И лицата со попреченост, исто така. Жените, лицата со попреченост, луѓето со потемна боја на кожа треба да бидат зависни, ранливи и нецелосни. Женственоста и расата се форми на попреченост. Жените и лицата со попреченост се прикажани како беспомошни, слаби, неспособни за тело и ум (Гарланд-Томсон, 2002).


Кога зборуваме за идентитетот, феминистичката теорија вели дека ниту една жена не е само жена, туку дека други фактори како што се расата, етничката припадност, класата и здравствениот статус играат клучна улога во дефинирањето на идентитетот.

Попреченоста, според феминистичката теорија за попреченост, е еден од идентитетските вектори што го нарушува единството на класификацијата на жените и го предизвикува приматот на родот како монолитна категорија.

Жените со попреченост се етикетирани и исклучени. Релативната привилегија на нормативната женственост често им се ускратува на жените со попреченост. Културолошките стереотипи ја гледаат жената со попреченост како несексуална/предсексуална, неспособна да раѓа, зависна, непривлечна, одвоена од сферата на женственоста и женската убавина. Семејните родови улоги што им се наметнуваат на жените не им се наметнуваат на жените со попреченост.

Во прилог на оваа теза, ќе го цитирам Матесон Л. (2003): „Да се биде жена со попреченост е во очите на многумина да се биде помалку од жена, помалку од личност без попреченост. Оваа разлика е неоснована и произволна и се применува веднаш штом луѓето откријат дека имате инвалидитет. Луѓето не сакаат да знаат ништо повеќе, доволно е да знаат дека нешто е погрешно со вас“.


Со векови жените се воспитувани да бидат послушни, тивки, да трпат. Попреченоста дополнително ја комплицира ситуацијата. Шарлот Керон и Гејл Кристи (1997) наведуваат дека дека самоувереноста како особина на залагање за себе е често дискутабилна за жените со попреченост, особено кон оние од кои се некако зависни - семејството, пријателите, негувателите, бидејќи изолацијата постои како постојана можна последица од „конфронтацијата“. Изразувањето на емоции како гнев, жените со попреченост се чини дека не можат да си го дозволат. Поради ова, гневот често е потиснат и/или свртен навнатре.

Меѓутоа, истите облици на попреченост се различно разбрани и перципирани во однос на полот/родот на лицето со попреченост. Социјално определените родови улоги на мажите и жените имаат различен ефект врз воочената или впишаната зависност, (не)способноста, очекувањата на лицата со попреченост од различен пол.

Незнаењето, предрасудите и стереотипите, како за лицата со попреченост, така и за жените со попреченост, влијаат и на авторите во кинематографијата (но и во литературата, медиумите).

Во српската кинематографија речиси и да нема филмови во кои актери се лица со попреченост. Попреченоста во филмот не може да биде само една од карактеристиките на актерот, како боја на коса, занимање, туку МОРА да значи нешто, а тоа значење ја рефлектира културата во која инвалидноста е отстапување од „нормалното“, култура во која инвалидноста е „друго“.

(Продолжува)

Фотографиите се од филмот Dancer In The Dark (Lars Von Trier, 2000)


Извор за текстот: http://rizom.rs/

Превод: Моника Стојановска

ОкоБоли главаВицФото