1017 hPa
38 %
23 °C
Скопје - Нед, 13.10.2024 14:59
„Понекогаш подарок на фотографот за гледачот е убавина пронајдена во занемарената обичност на нештата”. Тоа се зборовите на Саул Лејтер, пионер на фотографијата во боја, најпознат по неговите фотографии од педесеттите и шеесеттите години во Њујорк.
Лeјтер цели шеесет години ја доловуваше минливата убавина на секојдневниот живот во неговата посвоена населба Ист Вилиџ во Њујорк. Сега, повеќе од една деценија по неговата смрт, неговото наследство се слави преку изложбата „Саул Лејтер: Незавршен свет”, најголемата изложба на неговите фотографии во Обединетото Кралство.
Американскиот уметник Саул Лејтер, син на рабин и истакнат талмудски научник, е роден во Питсбург во 1923 година. Интересот на Лејтер за сликарството започнал во неговите доцни тинејџерски години. Во 1946 година, кога имал 22 години, го напуштил теолошкиот колеџ во Кливленд и се преселил во Њујорк за да се занимава со сликарство.
Набргу по неговото пристигнување во Њујорк тој се сретнал со апстрактниот експресионистички сликар Ричард Пусет-Дарт, кој во тоа време експериментирал со фотографијата. Пријателството на Лејтер со Пусет-Дарт, а набргу потоа и со Вилиијам Еуген Смит, заедно со изложбите на фотографии што имал прилика да ги види во Њујорк (особено онаа на Анри Картие-Бресон во Музејот на модерна уметност во 1947 година), го инспирирале и самиот да почне да се занимава со фотографија.
Од 1948 година, Лејтер почнал да експериментира во боја, понекогаш користејќи Кодакхром филм од 35 мм кој го поминал датумот на продажба. Неговите главни теми тогаш биле улични сцени и малиот круг на пријатели. Лејтер дал огромен и уникатен придонес во фотографијата со многу плоден период во Њујорк во педесеттите.
Неговите апстрактни форми и радикално иновативните композиции имаат сликарски квалитет што се издвојува меѓу делата на неговите современици од Њујоршката школа. Неговите најрани фотографии, црно-бели и во боја покажуваат извонреден афинитет кон медиумот.
„Верувам во убавината на едноставните работи. Верувам дека најнеинтересното нешто може да биде многу интересно”, изјавува Лејтер во една прилика.
Едвард Стајхен ги вклучува црно-белите фотографии на Лејтер во изложбата „Секогаш млади странци” во Музејот на модерна уметност во 1953 година. Почнувајќи од 1958 година, уметничкиот директор Хенри Волф ги објавува модните дела на Лејтер во боја во Esquire, а подоцна и во Harper’s Bazaar. Лејтер продолжува да работи како моден фотограф во следните дваесет години објавуван и во Show, Elle, British Vogue, Queen и Nova.
Во раните осумдесетти, Лејтер се соочува со финансиски потешкотии што го принудуваат да го затвори своето студио на Петтата авенија. Во следните две децении живее и работи во изолација.
Во 2006 година, со помош на историчарот на уметност Мартин Харисон и галеријата „Хауард Гринберг”, во Германија е објавена револуционерната монографија Саул Лејтер: Рани фотографии во боја” од Герхард Штајдл. Она што Лејтер го нарекувал својата „мала книга” преку ноќ станува сензација со светска дистрибуција и цврсто го поставува овој уметник како ран пионер во историјата на фотографијата во боја.
Во 2006 година, Музејот на уметност во Милвоки ја одржува првата американска музејска изложба на фотографиите на Лејтер. Во 2008 година, Лејтер патува во Париз на својата прва европска изложба, во Фондацијата „Анри Картие-Бресон”.
Исто така во 2008 година, по триесет години Лејтер ја реализира својата прва сликарска изложба, во галеријата „Кнодлер” во Њујорк. Таму тој е тема на високо ценетиот документарен филм на Томас Лич од 2013 година, насловен Saul Leiter: In No Great Hurry, кој оттогаш продолжува да се прикажува на филмски фестивали низ САД, Европа и Јапонија.
„Живееме во свет полн со очекувања, но ако имате храброст, ги игнорирате очекувањата. И така можете и да им се радувате на проблемите”, вели Лејтер на едно радиско интервју.
Лејтер е прикажуван во соло музејски и галериски изложби во САД и Европа. Неговите дела се вклучени во збирките на Музејот на модерна уметност, Музејот на ликовни уметности во Хјустон, Институтот за уметност во Чикаго, Музејот на уметност во Балтимор, Музејот „Викторија и Алберт”, Националната галерија на Австралија, Музејот на американска уметност „Витни”, Музејот на уметност во Милвоки, уметничката галерија на Универзитетот Јеил, и други престижни јавни и приватни збирки.
Саул Лејтер почина во својот дом во Ист Вилиџ во Њујорк, на 26 ноември 2013 година, оставајќи зад себе огромна архива од своето животно уметничко дело. Во некрологот на Њујорк Тајмс на Лејтер, Маргалит Фокс пишува: „Од десетиците илјади фотогрфии што ги направил, голем дел сега се издвојуваат меѓу најдобрите примери на улична фотографија во светот, но повеќето од нив остануваат неотпечатени”.
Во 2014 година, Стајдл ја објавува двотомната книга за Саул Лејтер насловена „Саул Лејтер: Рани црно-бели фотографии”. Изложбата насловена „Саул Лејтер: Ретроспектива”, организирана од музејот „Дихторхален” во Хамбург, продолжува да патува во главните европски музеи. Нејзината последна станица беше во „Кунстфојер” во Минхен во 2019 година.
Во меѓувреме, шоуто „Фотографот Саул Лејтер: Ретроспектива”, што беше отворено во 2017 година во Музејот за уметност „Бункамура” во Токио, отпатува во Јапонија до Итами (2018) и Ниигата (2019 година), со придружната монографија на Сајгенша со наслов „Сè за Саул Лејтер”, доживувајќи го своето седумнаесетто печатење, достапна во четири меѓународни изданија.
Во 2018 година излезе на виделина помалку прочуениот материјал од големото дело на уметникот: црно-бели актови, главно направени во доцните четириесетти до раните шеесетти. Овие фотографии, кои во главно се соработки на Лејтер со жените во неговиот живот, се претставени во книгите „Во мојата соба” од Стејдл и збирката „Жени” од јапонскиот издавач „Спејс туш” кои се прикажани на изложби во галеријата „Хауард Гринберг” во Њујорк и Фондацијата „Хелмут Њутн” во Берлин.
„Верувам дека има нешто во нас што се стреми кон ред, и во тој поредок постои одреден вид на неартикулирана конфузија, но доколку се потрудиме, верувам дека можеме да ја доведеме оваа несоодветна конфузија во некаков ред. Постои елемент на контрола, но има и моменти што едноставно се случуваат, но за тоа треба да имате многу среќа. На уметниците им е потребна среќа”, изјавува Лејтер во едно од своите интервјуа.
Извор:https://www.saulleiterfoundation.org