Изборните резултати не се позитивни за развојот на една (надежно) либерална демократија

10.05.2024 11:49
Изборните резултати не се позитивни за развојот на една (надежно) либерална демократија

Основите на граѓанското образование велат дека има повеќе смисла да си го артикулираш незадоволството од статус квото, отколку неувереноста од понудената алтернатива (бидејќи за статус квото по дефиниција имаш повеќе data points). Aко ова беше принципот по кој Шарената револуција се преточи во поддршка за СДСМ (иако ситуациите тогаш и сега секако дека се разликуваат), тогаш и синоќешниот исход не само што е легитимен, туку е и логичен, а не само импулсивен (протестен).

Сепак, не можам да ја прифатам тезата (а ми се чини доминантна) дека синоќешните резултати – настрана учинокот на поединечни партии – треба да се доживуваат како позитивни за развојот на една (надежно)либерална демократија.

Да, добивме повеќе партии во Собранието. Да, ова е *навидум* во склад со современите трендови на фрагментација на партиските системи. Но, причината зошто таквата фрагментација (до одреден степен) се доживува како посакувана во политичките науки е претпоставката за диверзификација на политичката понуда: светот станува посложено место за живеење и ни требаат повеќе политички актери кои ќе ги опфатат сите релевантни нијанси.

Овие наши избори – како кампањата така и исходот – само ја намалуваат веќе оскудната нијансираност на политичката понуда. Прво, носат поголема концентрација на моќ: во форма на поголем број на пратеници за најуспешната партија, но и на пратеници во владејачкото мнозинство (во сите можни комбинации).

Второ, и поважно, тие ја намалуваат и досега минијатурната разновидност на идеи. Не знам за ниту еден друг парламент во Европа без зелена партија, а да не правиме муабет за партии фокусирани на маргинализирани заедници, или за било какви активистички/single-issue опции (тука сме полоши и од Србија со де факто диктатура). За демократијата би било здраво да имаме и експлицитно неолиберална партија (а ако најмногу потфрлила социјалдемократската партија, тогаш и уште една социјалдемократска партија).
Од светските трендови на фрагментација, ние добивме само трипати помоќна евроскептична партија (можеби и две, ќе видиме). Единствено кај нас, толку извиканата „пасокизација“ оди целосно во корист на (центар-)десницата, наместо кон сите рамномерно (или главно кон *економска* левица, како што би имало смисла).

Тука е и моментот што СДСМ не само што забележа многу полош резултат од Пендаровски во првиот круг, туку и од сопствениот рејтинг во анкетите пред 24 април. Демократска свест значи и да не се менува глас во рок од две недели само за да се премине на „победничката“ страна: во парламентарен систем нема ни апсолутни победници ни апсолутни губитници.

Не држи воопшто ни еуфоријата за излезноста, која е минимално повисока од 2020, но значително потпросечна ем историски ем во однос на европскиот просек, особено кај етничките Албанци, и тоа при двојно гласање на специјално одреден неработен ден.

П.С. Како истражувач кој со години се занимава со изборни модели, единствено ми е мило што се покажа дека бројот на партии во Собранието може да се зголеми и со сегашниот модел, кој двете мали македонски партии ги „чинеше“ за само 0.7 и 1.7 процентни поени помалку пратеници од добиените гласови. Ова е добар потсетник дека *веќе* имаме еден од најпермисивните изборни модели: со синоќешните резултати, ВМРО-ДПМНЕ ќе имаше *апсолутно* мнозинство речиси секаде во Европа. Нашиот модел тоа го оневозможи дури и без една изборна единица.

Графики: Ed Ruscha

Слични содржини

Општество / Став
Општество / Европа / Став
Општество / Став
Општество / Европа
Општество / Свет / Историја
Општество / Активизам / Свет / Книжевност

ОкоБоли главаВицФото