На некои пријатели поинтересен им е поразот на Пендаровски отколку победата на Силјановска

02.05.2024 10:19
На некои пријатели поинтересен им е поразот на Пендаровски отколку победата на Силјановска

Ми се чини дека на некои од моите ФБ пријатели им е поинтересен поразот на Пендаровски, отколку победата на Силјановска. Тоа е разбирливо ама и проблематично.

Разбирливо, бидејќи сме построги кон оние од кои сме очекувале повеќе. И сакаме да бидат казнети кога не ни ги исполниле очекувањата, па понекогаш и им се ситиме.

Проблематично, бидејќи oд синоќа има поважни вести. На пример, фактот дека дури и во Центар и Карпош, македонската десница (да не се лажеме со еуфемизми) освои околу две третини од гласовите, и тоа при зголемена излезност.

Некои од овие кандидати, кога не нѐ труеле со национализам* и меѓуетнички поделби**, имале по нешто да кажат. Ама тоа само ја прави нивната кампања посрамна. Двете професорки потсеќаа на вицот за студентот што запишал Nationalism Studies за да научи како да биде успешен националист. Идната претседателка ни кажа дека Македонија се спомнува на секоја страница од Библијата. Најголемиот (самопрогласен) дострел на предводникот на новата „трета опција“ е што им плеснал на Бугарите *во сред Софија* дека Гоце Делчев бил наш.

Ако сме најстроги кон оние кои ги држиме на повисоки стандарди (сопствената фела), тогаш ниеден академски работник денес не треба да фаќа сеир. Треба да биде огорчен од фактот што жена која со децении требало да им објаснува на студентите дека нацијата е конструкција, (ќе) дојде до највисоката функција во државата преку години пенавење за имиња, јазици и нации. И која буквално ја прослави победата со ветување дека нема да дозволи „балканизација“ (sic).

*Тоа што национализмот направи потоп, не значи дека е готово со ЕУ (можеби е, но не поради синоќа). Секое такво равенство не е анализа, туку СДСМ-пропаганда.

**Во Македонија, секако, цвета и албанскиот национализам. Синоќешните резултати, во неколку смисли на зборот, му ги должиме и нему.

Слика: Achmad Cholid

Извор: Фб профилот на авторот