1025 hPa
62 %
10 °C
Скопје - Вто, 12.11.2024 14:56
Иако Апасиев сака да се фали дека на СДСМ му е извршена пасокизација, трофејот за тоа му го презеде Максим, што е видно од резултатите сумирани по изборни единици.
Левица на Апасиев ќе мора да се помачи да освои барем два пратеници, но Апасиев сигурно влегува во парламентот во изборна единица 1, а Максим влегува со 2 пратеника. Втор на листата во единица 1 е Реџеп Исмаил, но според резултатите му недостигаат скоро 6000 гласови, што значи отпаѓа. Најблизу до втор пратенички мандат Левица е во изборна единица 3 од каде на последните парламентарни избори беше избран Борислав Крмов. Во Изборна единица 6 Левица потфрли катастрофално со само 6 освоени гласови. Во сите општини Левица изгубила од партијата на Максим, освен во Велес, родниот град на Апасиев. Излегува дека Максим Димитриевски e новиот херој на националистичката левица.
Партијата на Максим се очекува да освои од 6 до 7 пратеници, слично на НСДП на Тито Петковски во 2006 год. кога освои 7 пратенички мандати. Коалицијата со ВМРО ја чинеше НСДП скапо, за да спадне на 2 пратенички мандати и тоа благодарение на предизборно коалицирање. Затоа, Максим нека му ја мисли дали и со кого ќе коалицира по 8 мај, ако не сака да му се случи судбината на НСДП.
Прејудицирањето на Апасиев за послеизборно коалицирање е чисто лицемерие, или она што Сартр го дефинира како „стапица за глупаци”, бидејќи тој самиот ви вели од една страна пазете за кого ќе гласате, а од друга страна не ви кажува за кого ќе ги даде гласовите на матичната партија.
После, ова изборно фијаско - на локалните избори во 2021 година Левица освои 50.181 гласови - дали претседателот на Левица и членовите на Президиумот ќе имаат доблест и храброст да си поднесат оставки? Не верувам. Сомнежот со кој Апасиев и неговата президиумска клика гледаат на демократското одлучување во партијата ми дава право да се сомневам дека, според нивната замисла, тие се гледаат како дел од политичката класа во парламентот. Тие практично веќе се аристократи во својата партија. Нивната недоверба во членството и нивната амбиција вечно да ги држат местата во президиумот ја ставаат партијата во Прокрустова постела што на крајот ќе ја убие Левица и ќе си ја исечат гранката на која вообразено стојат.
За крај, во пресрет на парламентарните избори на 8 мај, да разобличиме неколку митови на Апасиев со кои сака да го оцрни СДСМ.
1. „СДСМ е синоним за сиромаштијата на народот.“
СДСМ кога доаѓа на власт во 2017 год. имало точно 969 000 сиромашни или 57 отсто од вкупното население. Ако според Апасиев денес има 600 000 сиромашни тоа значи намалување од 369 000.
Излегува дека ВМРО е синоним за сиромаштија.
2. „СДСМ е квинслишка партија.“
Всушност, Левица се однесува повеќе како квинслишка партија помагајќи и на „оската на злото“ како што Апасиев ги нарекува ДУИ-СДС-ВМРО. Да се потсетиме само на нивната предизборна максима: „Државата за народот“ која на локално ниво е олицетворена во анти-работнички врколаци како Трајко Славески и Данела Арсовска доведени на власт токму со помош на Левица преку злоупотреба на своето гласачко тело. Президиумот на Левица на чело со Апасиев ги смета своите гласачи за обична булумента, а не за организирани и политички свесни битија.
3. „СДСМ е партија-синоним на транзицијата.“
Фирмите Лозар, Интернационал, Порцеланка, Киро Ќучук, Жито Вардар, Транс Велес, Пелагонија, Велеспром отидоа во стечај кога владееше ВМРО-ДПМНЕ. Но, за Апасиев само СДСМ е синоним за транзиција.
4. „Левица ќе ја пасокизира СДСМ оти е вистинската левица.“
Ниту Левица сега е анти-капиталистичка ниту пак била таква за време на дуумвиратот Савески-Апасиев. Сета програма на Левица била и останала во духот на бранимиризмот, на идеите на нивниот економски гуру Бранимир Јовановиќ, чија кејнзијанистичка идеологија како кошмар до денешен ден им ги притиска мозоците на апасиевите пулени. Доказ: Анета Манчевска, член на партискиот сектор финансии вели дека Левица се залага за стимулација на пазарот и зголемување на конкуренцијата.
5.„Левица со македонска платформа ќе го спаси суверенитетот на републиката.“
За разлика од мејнстрим реториката на Апасиев, јакобинците уште одамна го откриле постоењето на класите во граѓанското општество и нивната меѓусебна борба со ставот дека во политиката, никогаш немало десница, центар, левица, туку само најниска класа и највисока класа. Апасиев многу сака да зборува за јакобинците, но многу малку, ако не и воопшто, ги чита. За Маркс и Енгелс и да не зборуваме.
„Mакедонската платформа“ на Апасиев е опасен национализам кој како светилка над темниот пат на братоубиствена војна го води народот кон гробот.
Слика: William Hogarth