1017 hPa
94 %
10 °C
Скопје - Пет, 06.12.2024 14:59
На веста со наслов „Кинеската економија расте најбрзо на светот, годинава со рекорден пораст од 4,5 отсто“1, Апасиев цинично коментира:
„Ама просечен либтард од Сорос ќе ти рече: "Брат, комунисти не знаат да водат економија"#Денгсјаопингизам“
Во 1978 година, кратко по смртта на Мао во 1976 година, кинеската влада одлучи да прекине со својата економска политика во советски стил со постепено реформирање на економијата според принципите на слободниот пазар и отворање на трговијата и инвестициите со Западот, во надеж дека тоа значително ќе го зголеми економскиот раст и ќе го подигне животниот стандард. Како што рече кинескиот лидер Денг Ксијаопинг, архитект на „социјализмот со кинески карактеристики“2: „Црна мачка, бела мачка, што е важно каква боја е мачката сè додека фаќа глувци?“
Oдносно, не е важно дали една економска политика се смета за „капиталистичка“ или „социјалистичка“, она што навистина е важно е дали таа политика ќе ги зајакне економијата и животниот стандард. Дали навистина е така?3 Дали е можно Апасиев да ликува на суперкапиталистичка Кина?
Ова не треба да не зачудува бидејќи Апасиев во подкастот Тешки муабети од 21.04.2023 год. самиот признава дека Левица е мејнстрим партија, а мејнстримот денес е идеолошко слепо следење на принципите на пазарната економија. По дефиниција, некоја политичка партија е на мејнстримот ако нема влијание врз оваа „системска важност“ (Steenbergen and Scott, 2004). Ова е случај ако нејзиниот акцент на проблемите е еднаков на (пондериран) среден акцент. Спротивно на тоа, партијата со посебен профил на политика им дава на проблемите агенда во партискиот систем. Па, така, Левица на Апасиев се фокусира на градациите во дебелината на контурата на редистрибутивната политика, однoсно изедначување на класите преку прогресивен данок наместо во политиката да му даде на проблемот класна агенда – укинување на наемното ропство односно класите!
Признанието на Апасиев за Левица како мејнстрим партија е негово салто мортале за кое верувам и самиот е свесен бидејќи кога ја нарече СИРИЗА „мејнстрим левица“ веднаш побрза, но неуспешно, да ретерира oд логичката грешка и да ја смести СИРИЗА од мејнстрим левица во „малтене центар“. За разлика од мејнстрим реториката на Апасиев, јакобинците уште одамна го откриле постоењето на класите во граѓанското општество и нивната меѓусебна борба со ставот дека во политиката, никогаш немало десница, центар, левица, туку само најниска класа и највисока класа.
Да се вратиме на одвратниот цинизам на Апасиев. Во 2020 година, премиерот Ли Кечијанг призна дека повеќе од две петтини од населението во Кина заработува помалку од 140 долари месечно.
Кога премиерот ја објави бројката, велејќи дека е „тешко дека оваа сума е доволна“ за да се изнајми дом во голем град, тој сугерира дека 600 милиони Кинези имаат проблеми со одржување на основниот животен стандард.
Сепак, претседателот Си Џинпинг во март истата година рече дека Кина постигнала „одлучувачки достигнувања во елиминирањето на сиромаштијата“. Официјалните податоци покажуваат дека бројот на Кинези кои живеат во сиромаштија паднал на 5,5 милиони минатата година од 99 милиони во 2012 година4. Ова е така бидејќи кинеската дефиниција за сиромаштија е различна од меѓународните стандарди, која ја дефинира сиромаштијата како приход по глава на жител помал од 3 500 јуни (500 долари) годишно. Тоа се споредува со повеќе од 4 800 јуни поставени од Светската банка.
„Кина постави толку висок праг за сиромаштија што на крајот го минимизира проблемот“, рече Ванг Јун, аналитичар во Кинескиот центар за меѓународна економска размена, владин тинк-тенк.
Ли Џинлонг, професор на Универзитетот Хунан и експерт за ослободување од сиромаштија, рече дека премиерот го потценил проблемот. Најголемиот дел од кинеското рурално население од 550 милиони и значителен дел од урбаните жители, рече тој, едвај врзуваат крај со крај.
„Нема шанси руралните жители да излезат од сиромаштијата кога не можат да најдат профитабилна индустрија за работа“, рече професорот Ли.
Многу работници од руралните средини имаат мал пристап до урбаните предности, како што се здравствена заштита и образование, дури и откако ќе поминат многу години во градот поради кинескиот хукоу систем или регистрација на домаќинствата.
Пред кризата во 2008 година, долговите на Кина беа стабилни на околу 150 отсто од БДП за потоа да почне да испумпува кредити за да го поттикне растот, а долговите се искачија на 220 отсто од БДП до 2015 година. Кина избегна подлабоко забавување благодарение на бумот на технолошкиот сектор и, уште поважно, со издавање на повеќе долгови. Вкупниот долг е до 275 отсто од БДП, а голем дел од него финансираше инвестиции во станбен меур.
Ефикасноста на капиталот колабира. Кина сега мора да инвестира 8 долари за да генерира 1 долар од растот на БДП, двојно повеќе од нивото пред една деценија и најлошото од која било голема економија.
Ако се претпостави дека економијата на САД. ќе расте со 1,5 отсто, со слични стапки на инфлација и стабилен девизен курс, Кина нема да ја престигне Америка како најголема светска економија до 2060 година, ако воопшто некогаш ја престигне.
Во подкастот Тешки муабети од 21.04.2023 Апасиев цинично констатира дека на плоштадот Тјенанмен денгистите пуштиле тенкови да ги згмечат „комарците“ кои барале гласност односно плурализам со што покажале сила на капиталистичкиот либерален свет дека со НР Кина не може да се манипулира. Но, ова не е точно. Економскиот раст на Кина значително забавил по последиците од масакрот во Тјенанмен што се случил во јуни 1989 година. Неколку земји, вклучително и Соединетите Американски Држави, вовеле трговски санкции против Кина, а кинеските економски реформи биле практично ставени во мирување. Стапката на раст на реалниот БДП на Кина паднал од 11,3% во 1988 година на 4,2% во 1989 година и се намалил на 3,9% во 1990 година. Во 1991 година, дури откога економските реформи биле рестартирани и странските санкции против Кина биле намалени или отстранети, реалниот БДП пораснал за 9,2%.
Апасиев во секоја прилика милува да ги дискредитира домашните социјалдемократи како псевдосоцијалдемократи затоа што заткулисно се управувани од олигархијата на чело со капиталист претседател, додека панамските документи покажуваат дека имотот на претседателот на кинеската „комунистичка“ партија изнесува 1.6 милијарди долари5. Маова Кина се обиде да го искорени капитализмот по револуцијата во 1949 година преку воспоставување систем на норми за извршениот труд, но претприемништвото почна да се враќа кога приватните бизниси беа повторно дозволени откако земјата се отвори кон Запад во 1978 година. По задушувањето на протестите за демократија предводени од студентите во јуни 1989 година, партијата, која тогаш ја водеа тврдокорни идеолози, им забрани на претприемачите да се приклучат. Но, претседателот Џианг Цемин во 2001 година за време на говорот по повод 80-годишнината на партијата објави дека „Комунистичката“ партија ќе прифати приватни бизнисмени за членови. Нивните фирми сочинуваат повеќе од 20 отсто од кинескиот бруто домашен производ, што е пресврт на политиката бидејќи сега ја препознава сè помоќната улога на претприемачите во одредувањето на иднината на Кина. Партијата проценува дека околу 113 000 бизнисмени веќе се приклучиле на партијата, така што најавата на Џианг делумно била одраз на реалноста6. „Приватниот интерес беше толку моќен што тој го победи перото на Мара, гилотината на Теророт и мечот на Наполеон како и распетието и сината крв на Бурбоните“, пророчки предупредиле Маркс и Енгелс во нивното заедничко дело „Светото семејство“ (1845).
Јавно и бесплатно воспитување само за децата во урбаните средини. Земјоделството одделено од индустријата, согласно на тоа, класните спротивности помеѓу градот и селото наместо да бидат отстранети тие упорно перзистираат. Економски раст со Танталови маки инвестирајќи во станбен меур преку задолжување. Резултат? Планиран хаос! Мултимилијардерски капиталист на чело на преку 130 000 трутови во „комунистичка“ партија7. Неоколонијализам во Африка со мека дипломатија8. Каков ли прекрасен „социјализам со кинески карактеристики“!9
(1) Ендру Климан, Геноцидно-злосторничка сино-еуфорија, 2015, блог L’Ami du Peuple.
(2) Томислав Захов, Про-кинеските пазарни манијаци од „Antropol.mk“ или зошто Кина навистина не е комунистичка, 2018, блог L’Ami du Peuple.
(3) Томислав Захов, Чаталењето на денгистот Си против другарот Мао, 2018, блог L’Ami du Peuple.
(4) Томислав Захов, Митот за 800-те милиони Кинези извлечени од сиромаштија, 2019, блог L’Ami du Peuple.
(5) Томислав Захов, Како милијардер од претседател стана диктатор на Кина?, 2018, блог L’Ami du Peuple.
(6) Најбогатите во кинескиот конгрес заедно имаат 650 милијарди долари, 04.03.2018, tv21.
(7) „Богатствата на најбогатите 100 членови на кинескиот парламент и на неговото советодавно тело се зголемиле за 64 отсто во последните четири години откако на власт дојде претседателот Кси Џинпинг, според податоците коишто во четвртокот ги објави организација која ги следи богатствата на поединци во Кина. Стотината најбогати вредат вкупно 3 билиони долари, 64 отсто повеќе од 1,84 билиони јуани во 2013 година. Тоа е просечно зголемување од 13 отсто од 2013 до 2016 година, додека во истиот тој период кинеската економија растеше со забавено темпо од 7,2 отсто на годишно ниво.“ (Кинеските богаташи се богатат побрзо од растот на економијата, 02.03.2017, Макфакс)
(8) Дејвид Јурен, Како Кина ја доби контролата врз најважните минерали во Конго, 2021, портал Окно.
(9) Томислав Захов, На исток ништо ново (1), (2), (3), (4), (5), портал Окно