1017 hPa
94 %
10 °C
Скопје - Пет, 06.12.2024 14:59
Европа стана непрепознатлива. Некогаш заговорниците на европското единство ја славеа Европската унија како мировен проект кој со космополитизам му се спротивставува на национализмот - кој, како што во 1995 година драматично предупредуваше францускиот претседател Франсоа Митеран, „води во војна“. Визијата на патот кон мирот кој обединета Европа ја води во заеднички просперитет почна да избледнува и пред Русија да ја нападне Украина. Руската инвазија само ја забрза трансформацијата на Европската унија во нешто многу погрдо.
Замената на космополитизмот со етнорегионализмот е најавена со зборовите на Жозеп Борел, висок претставник на ЕУ за надворешна политика, кога Европската унија ја опиша како убава „градина“ опкружена со неевропска „џунгла“ која ѝ се заканува. Неодамна францускиот претседател Емануел Макрон и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, побараа од Европејците не само да се подготват за војна туку и да се помират со иднината во која одбранбената индустрија ќе биде главен носител на економскиот раст и технолошкиот напредок на Европа. По неуспешните обиди да ги убедат Германија и другите, наводно штедливи европски држави во нужноста за воспоставување целосна фискална унија, во очај се повлекоа на резервната позиција за заговарање воена унија.
Ова е пресвртен момент во историјата на ЕУ. Ако ги занемариме ставовите на бучното малцинство евроскептици ќе видиме дека главната линија на поделба во редовите на проевропските сили е онаа која произлегува од прашањето дали понатамошната консолидација на европскиот континент треба да се спроведува со методите на Хамилтон (заедничко задолжување кое ќе доведе до прописна федерација) или треба да се држиме до изворната идеја за поделени држави (постепена интеграција посредувана со пазарот). Изворната визија ја избираат државите чии економии остваруваат суфицит, додека претставниците на економиите во дефицит, секако, се наклонети кон хамилтоновско решение, кое во сегашниот однос на силите е потиснато во втор план.
Кризата на еврото покажа зошто не можеме да продолжиме да се преправаме дека долговите, банките и даноците можат да останат државни ако валутата е транснационална и пазарите се интегрирани. За жал, Европската унија се определи за минимум интервенции потребни да се сочува еврото. Така го доби најлошото од двата света: застрашувачки неефикасна квазифискална унија (во која не постои пропишан инструмент за суверен долг, како што се државните обврзници во САД) и Европска централна банка принудена постојано одново да ја крши сопствената повелба (и тоа го крие зад сè пофантазирачките оправдувања). Најлошо е тоа што зад разнишаниот политички процес за распределба на заедничките пари и заедничките долгови нема ниту привид на демократски легитимитет.
Некои од нас со децении водеа кампања за нов европски зелен договор. Бидејќи е јасно дека на краток рок нема да има федерација, предлагавме решенија со кои ќе се емулираат инструментите на федералниот суверен долг (како што се еврообврзниците на Европската централна банка) со кои преку Европската инвестициска банка би можеле да се генерираат барем 500 милијарди евра годишно за потребите на инвестицискиот фонд за технолошка транзиција и зелена енергија. Наместо тоа, луѓето кои ги донесуваат одлуките во ЕУ избираа алтернативи како што беше планот на Јункер кој беше осуден на пропаст или, за време на пандемијата, Фондот за опоравување кој создаде заеднички долг, но не донесе заедничка корист.
Затоа економијата на ЕУ денес е во очајна состојба, додека германскиот економски модел, нејзиниот носечки столб, забрзано се распаѓа. Избирајќи ја стратегијата на средниот пат (ни фискална унија ни сосема раздвоени долгови и активи на централните банки), ЕУ се осуди себеси на две децении минимални инвестиции, заради што не успеа да го оствари потребниот технолошки развој со освојување на зелените технологии (кои на Европа би ѝ овозможиле да се ослободи од зависноста на евтиниот гас на рускиот претседател Владимир Путин под услови кои самата ќе ги одреди) и технологијата на капитал во облак. САД и Кина го монополизираат капиталот во облак, новиот инструмент за акумулација на богатство, и на Европа ѝ наметнуваат нова студена војна со катастрофални последици во врска со пристапот на германската индустрија до кинеските извозни пазари.
За жал, Европејците на власт одбиваат да сфатат колку е неупотреблив економскиот модел на ЕУ и колку се бескорисни старите решенија во ново пакување. На пример, Германија повторно размислува за енергетски субвенции кои би се финансирале од даночните приходи, како и ограничување на платите за да се унапреди конкурентноста.
Таквите дебати го свртуваат вниманието од многу поважниот европски проблем: германскиот индустриски капитал веќе не акумулира вишоци од кои може да ги финансира економските субвенции за индустриите во опаѓање. Во таков контекст, ограничувањето на платите (како што своевремено правеше Герхард Шредер) нема да придонесе за јакнење на конкурентноста на автомобилската индустрија која не е во состојба да ги совлада новите технологии за производство на батерии или алгоритми со кои произведувачите на модерните електрични возила остваруваат значајна нова вредност.
Што сега? Изгледа дека на отпадот на поновата европска историја Мишел го пронајде нашиот стар предлог за воведување еврообврзници и јакнење на Европската инвестициска банка. Но неговиот предлог не предвидува насочување на новите кредити во зелените технологии или капиталот во облак, туку во развој на нова воена индустрија која, како што тврди, „ќе биде моќна алатка за јакнење на нашата база во технологијата, иновациите и индустријата“.
Дали е можно сериозно да го мисли тоа? Како Европската инвестициска банка ќе ги наплатува кредитите одобрени за одбранбената индустрија која по дефиниција е непродуктивна? Што ќе се случи кога складиштата ќе се наполнат со муниција и проектили? Инвестициските вложувања за кои зборува Мишел во тој случај мораат да пресушат или Европа ќе мора да пронајде начин - со други зборови, некои нови војни - за да се ослободи од залихите.
На поразумните заговорници на обединета Европа им останува само да се молат планот на Мишел што побрзо да тргне по стапките на планот на Јункер. Изгледа дека некомпетентноста на Европската унија останува последната надеж за мирољубивите Европејци.
Ми недостасуваат оние времиња кога ја славеа ЕУ, макар и лицемерно, како проект за рушење на границите и поттикнување отвореност, различност и толеранција. Таа Европа сега е готова, скршена, во повлекување. Се вкорени некоја нова идеологија. Наместо шаренолика демократска федерација која ќе привлекува луѓе од целиот свет, добивме нова визија на бело христијанско царство опкружено со скапи лансирачи на ракети и огради под висок напон. Тоа не е Европа со која ќе се гордеат младите, па ни Европа која остатокот од светот ќе ја сфаќа сериозно.
Превод: Алек Кузмановски
Карикатури: Spiros Derveniotis
Извор: https://www.project-syndicate.org/