Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (12)

29.04.2024 08:35
Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (12)

„Сѐ уште можам нешто да сторам”, Фросина Пармаковска, „Или Или”

Марко беше секогаш на патеката по која пешачевме и во пораките што ги добивав кога ќе ме снемаше за време што и на двајцата ни е необично, во потиштеноста што го зафаќаше и ја припишуваше на многу работи како несоницата, но јас помислував дека кога двајца се толку блиски, е неизбежно страда-нието едновремено да им доаѓа.

Уште кога ја почна терапијата за стимулирање и следење на јајниците, Пина се натрупа со многу работа која ја прифаќаше од сите страни на луѓето што масовно закажуваа свадби, во услови кога тоа веќе може да се прави без никакви ограничувања.

Сите прегледи и испитувања беа добри и нашиот доктор беше оптимист со позитивни видувања кон претстојната процедура, а тоа убаво влијаеше на Пина која, за да не се оптоварува со непотребни грижи, работеше неуморно, понекогаш работејќи ја дочекуваше ноќта и така беше сѐ до вадењето јајце-клетки од матката.

Сиот тој месец, откако Пина ќе легнеше исцрпена од работа, го барав Марко и ги пуштавме нашите зборови по пешачката патека и во ноќта што секогаш се стишуваше зашто веќе ја знаеше нашата рутина. Марко околу полноќ си одеше дома заради ноќната стража што тој, несоничарот, ја имаше земено многу сериозно како нешто со кое се гордее и докажува дека неговата улога на татко е непорекливо битна, особено додека другите спијат.

Само на Марко можев да му кажам за сневеселеноста што ми доаѓаше кога ќе помислев на Пина со асоцијациите што следуваа, а што толку многу се трудев да не ја покажувам дома. Ги пушев цигарите што не ми беа допуштени дома и реченица по реченица, зборувајќи го освестував мојот страв и ужасот пред можноста за уште еден неуспешен обид во времето кое ене го, доаѓа. И вината ја дознавав зборувајќи со Марко и која беше од најлош вид затоа што беше апстрактна и апсурдна – можеби е поради мене, можеби и не е, можеби со некој друг не би имало проблем, можеби би имало, можеби ако оплоделе повеќе јајце-клетки ќе добиевме бебе, а можеби немаше да преживеат ниту тие. А беше тука, во целата апсурдност, сепак силно постоеше со темни облаци обвиена мојата вина пред сите слики од Пина и од доктори, документи во илјада лавиринти на нашите институции, ваучер со помош на телефонски повици, крвни слики, шприцови, врски за овој документ, врски за оној преглед, врски за тој доктор, второ мислење, хормони, здрава храна, болните последици на пункцијата, оставање свеж материјал од кој внимателно ќе се зачуваат најздравите и најактивни преживеани војници во борбата, зеленчуци, риба, пилешко, калинки, бразилски ореви, боцкања дома, апчиња за овој саат, витамини за ова и за она, апчиња во фрижидер, апчиња до бескрај. И сепак на крај, тој бескрај можеше да се претвори не во среќа, туку во бездна.

Марко на една од тие прошетки ми рече дека читал. Тој читаше сѐ што можеше да најде, а мислеше дека ќе му биде некому од корист во дадена ситуација. Читал дека откако ќе се направи ембриотрансферот, има многу работи кои може да повлијаат, дури и такви кои зависат само од матката на Пина. И дека тоа понатаму е работа на природата, на среќа, на Бога, како сум сакал да го кажам.

Му реков дека можеби е така, тоа проклето можеби што никогаш не ме остави на раат.

Со извесна доза воздржаност што никако не беше потребна меѓу нас, ме праша дали во најлош случај, би размислувале за друга варијанта, донор, на пример.


                                         ***

 

„Мртва коска“, Димче Парталоски, „Арс Либрис“


Утрото, на влезната врата од станот број четири, на улицата „Прашка“ број три, први влез, се слушна чукање. Чукањето се повтори неколку пати. Во станот немаше струја, па затоа, тој што тропаше не притисна на прекинувачот од ѕвончето, туку тропна со раката. Секако дека во едно друго време, станот имаше електрична енергија, но поради огромните неплатени сметки и големиот долг, Електродистрибуција ја исклучи струјата. Тогаш Давид налутен отиде во Електродистрибуција да негодува. Да ги моли и убедува да му ја вклучат струјата, барем во зимските месеци, кога најмногу му беше потребна. Кога од студот му се расклопуваа коските на целото тело. Кога му штракаа вилиците. Колку – толку, барем малку да се загрее. Но, знаејќи дека не е вработен и дека нема од што да плати, ни за дотогаш, ни за оттогаш, тие одбија да му ја вклучат струјата. Му рекоа дека додека не се плати целиот долг, нема да добие струја.

Полека се одзина вратата од станот. На неа се покажа главата од Давид. Сосема се беше изменил. Не беше тоа оној Давид кого во последно време го познававме и го распознававме. Беше со уредна коса, не смрдеше, поради нехигиена и испарталеноста, туку, може да се рече, дека беше еден сосема пристоен човек, кој држи до себе и кој штотуку некој го беше разбудил сабајлето, непланирано, од длабокиот сон. И тоа како да не му се допаѓаше, бидејќи се случи, токму во време кога сонот му беше најдлабок и најсладок. Сѐ уште недорасонет, кога го забележа младото момче пред вратата, праша:

-Да?! Молам?! Кој ви треба?!

Момчето ги ококори очите. Од нив како да искреше пламен. Како да посакуваше целиот тој пламен да го истури во очите на Давид, па на двајцата да им пламнат. Воедно како да се притесни. Малку подразмисли и некако несигурно рече:

- Ти, ми требаш! Токму ти!

- Јас?! – се подизмести Давид и широко ги ококори очите, небаре за да види подобро кој е тој непознат што сака токму него да го види.

Многу години наназад, за него никој не се интересираше. Сѐ до пред една година, кога на плоштадот пред Градскиот трговски центар, еден млад човек, кој токму заради него и заради неговото пеење и свирење со акустична гитара, не го доби облогот со неговата девојка. Оттогаш и животот на Давид се промени за сто осумдесет степени. Тој непознат, млад човек, тогаш му ја подари акустичната гитара, а таа непознатата, неговата девојка, го повика Давида, односно го извади од улицата и го вработи во своето радио, токму во музичкото студио како диџеј. Давид ја селектираше и ја пушташе најсофистицираната рок музика. Сите правци на рокот: хард –рок, хеви- метал, блуз, соул, блуз-соул, блуз- рок, џез, џез-блуз, џез –рок, рокенрол и какви сѐ не трендовски композиции. Тој за музиката и за правците во кои таа се развиваше, од поодамна до негово време, а особено за рокот, беше „тата-мата“. Понекогаш во живо, на тоа исто радио, свиреше во паузите, како интермецо и тој. Ги свиреше композициите на Смоки, Дајар Стрејс, Тин Лизи, Стикс, Битлси, Дорс, Гензис роузис, Металика, Скорпионс и многу други, одамна некои од нив непостоечки групи, кои во своето време оставија длабоки траги и беа авангарда на светскиот рок. Секогаш пред да започне со свирењето ќе речеше:

-Оваа композиција на „Смоки“ ја посветувам на мојот син. Виктор! Виктор, ако ме слушаш, те бакнувам!- и ќе почнеше да музицира и да пее, во невиден транс низ етерот.

Стана јавна личност и човек, кој си ја познава, сосем стручно, својата работа, од која живееше, а и од која сосем добро заработуваше. Во ноќните контактни емисии, постојано му се јавуваа слушатели и слушателки, од негов ков. Го споредуваа со Џими Хендрикс, со Боб Дилан, со Боб Марли и со кого уште не. Тој си остана скромен.

„Окно” во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски” и оваа година објавува фрагменти од делата кои беа во конкуренција за наградата Роман на годината за 2023 година. Претходните извадоци прочитајте ги овде.