1022 hPa
100 %
6 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 11:59
Некни, и тоа сосем случајно, така отпат, сознав дека наредниот ден е неработен, празник, славниот 1 Мај, најсвечениот и највозбудливиот државен празник на моето детство. Тогаш прв меѓу празниците, 1 Мај беше празник што со вистинско достоинство и радост го празнуваа сите, а денес е испразнет од секакво значење и втопен во булукот верски празници, како случајно преживеан реликт од време исчезнато дамна од пред потопот. А тогаш 1 Мај го красеа – сега потполно незамисливите – првомајски паради, на кои учествуваа сите слоеви на населението, сите професии и сите возрасти од целото општество. Сите беа свечено облечени – тој ден се облекуваше најдоброто и најмалку крпеното парче облека – или беа во своите свечени униформи или во најрепрезентативните руби што ги имаа, едноставни и сиромашки, но внимателно испрани и испеглани за таа прилика.
Уште пред да се истури целиот народ на главниот градски плоштад – Маршал Тито, по куќите владееше егзалтирана нервоза, сите се подготвуваа да учествуваат на парадата, некои како активни учесници што маршираат со своите транспаренти, банери и знамиња, некои што глумеа скулптури на работници што го слават својот производ качени на камионските платформи, а некои – како што кажува едно од моите најрани сеќавања – како активни гледачи, седнати на татковските рамења, голтајќи ги сите детали од парадата со оџагорени очи.
Во тој избледен видеозапис за првата парада на којашто присуствував, (во кој сигурно ретроспективно се втопиле слики и детали и од подоцнежните првомајски паради што сум ги следел), најмоќно втиснат впечаток ми остави воениот дел од парадата, особено скромната но застрашувачка колона тенкови што протатни преку плоштадот и исчезна во сопствениот црн чад покрај вардарскиот кеј. И ден денес тоа ми е едно од најинтензивните сеќавања во мемориската видеотека: метални чудовишта, со топови што заканувачки штрчат од куполите, обоени во тешка сивомаслинеста боја, што на чуден начин ги истакнуваше грубите железни нерамнини на металниот оклоп.
Но она што го издвојува ова сеќавање од многуте други е бучавата што оклопните чудовишта ја произведуваа, која очигледно најдлабоко се врежала во детскиот мозок, зашто другите сеќавања ми се главно од подвижни или замрзнати слики, по правило глуви и безвучни. Тој ужасен звук, тоа демонско застрашувачко машинско рикање, всушност содржеше две компоненти: едната беше неподносливиот татнеж на тенковските мотори, но онаа другата, од која и ден денес ми се ежи кожата и чувствувам детски страв и трепет во стомакот, тоа беше нечовечкото и сосем неподносливо чкрипење на металните гасеници на чудовиштата што се бореа со гранитот од уличната калдрма.
Ах, тоа чкрипење на тенковските гасеници, да не знаеш дал челикот се дере и вреска, дал тоа гранитот писка, тој траорен чкрипеж, кој како да доаѓаше од дното на пеколот – и како да го најавуваше неговото појавување на јаве, го слушам и ден денес, всушност при секое спомнување на војната, при секој военохушкачки говор, какви во денешново јадовито време станаа редовен наратив и преовладувачка реторика особено на европската политичка сцена.
Да, од политичката бина на онаа иста Европа, тој мрачен предмет на нашите желби, секојдневно со прозелитистички жар се зборува за војната, за нејзината оправданост, за нејзината неопходност и важност, било да е тоа војната што НАТО земјите ја водат во Украина против Русија, било да е тоа она што го нарекуваат „војна против Хамас“ а е всушност истребување на Палестинците во обид да се протераат засекогаш од нивната земја …
Интересно е што овој острастен милитаристички наратив целокупната европска јавност – политичка, економска, културна, медиумска или која и да е – без каков и да е проблем го калеми на стеблото на своите основачки принципи и вредности, кои се пак апсолутно спротивни на денешнава военохушкачка хистерија.
Европа е изобличена до непрепознатливост: нејзините слогани се темелеа на интернационализмот, соработката и пацифизмот, што ќе ја остварат големата модерна идеја за Европа од Лисабон до Владивосток!? А денес Европа е милитаризирана буквално до безумие, со високи граници од боцкави и жилет-жици што чекаат низ нив да биде спроведена и струја од висок напон. И тоа не се само илјадниците километри ограда против поминување луѓе и животни, што по границите на Финска и Полска гордо ги изградија овие некогаш по памет и култура познати земји, туку се тоа уште многу такви што се градат веќе цела деценија, граници што ја испресекоа Европа како што таа не била никогаш во својата крвава историја.
Денешната Европа се подготвува за војна против орди варвари што надоаѓаат од дивината што се простира секаде наоколу европската градина. Параноидниот наратив на загроза однадвор – тој опробан империјалистички и фашистички штос – е спакуван да ја оправда милитаризацијата на Европа, нејзиното претворање во воена краина на американската империја, изопачувајќи ги некогашните европски вредности во еден навидум нов – а всушност прастар – мисионерски колонијализам и супрематизам. Никој подобро ова не го дефинира од Жозе Борел, европскиот министер за надворешни работи, на својот инаугуративен говор на Европската дипломатска академија во Бриж пред две години: „Да, Европа е градина. Ние изградивме вистинска градина. Тука сè функционира: тоа е најдобрата комбинација на политичка слобода, економски просперитет и социјална кохезија, што човештвото успеало кога и да е да ја оствари (…). Остатокот од светот (…) не е баш некоја градина. Повеќето од останатиот свет е џунгла, а џунглата може да ја освои градината. Градинарите што се грижат за неа нема да успеат да ја заштитат градината само со градење на ѕидови. (…) Бидејќи џунглата има силен растечки капацитет, а ѕидовите никогаш не се доволно високи да ја заштитат градината. (…) Градинарите се тие што треба да тргнат кон и во џунглата. Европјаните мораат многу повеќе да се ангажираат во остатокот од светот. Инаку, остатокот од светот ќе изврши инвазија на нас, на различни начини и со различни средства.“
Неодамна, пишува Варуфакис, францускиот претседател Макрон и претседателот на Советот на Европа Шарл Мишел побараа од Европејците да се подготвуваат за војна и за времињата што надоаѓаат во кои воената индустрија ќе биде главниот носител на економскиот раст и технолошкиот напредок на Европската Унија. На луѓето очигледно им колабирале мозоците, иако се чини како тоа никој сè уште го нема забележано. НАТО земјите веќе почнаа да се тркаат во зголемување на воените буџети, па веќе не е реткост земјите да го надминуваат бараниот воен расход од 2 отсто од бруто националниот доход.
Минатата година, покрај тоа што беше рекордно жешка година откога температурите се мерат на планетава, таа го постигна и веројатно најглупавиот и најсрамниот рекорд за трите и пол милијарди години откога постои живот на земјава: светот на оружје потроши 2.400 милијарди долари, од кои ние, гордите членки на НАТО, потрошивме безмалку 1.500 милијарди долари. Па, за тие пари за само една година ќе ги нахраневме сите што умираат од глад, ќе ги искореневме сите болести од кои умира сиромашниот свет вон високите ѕидови на европската градина, ќе го сопревме затоплувањето на планетата и којзнае што се не?!
Секоја војна е воен злостор, и секоја војна е инхерентно криминална во својата суштина, па оправдувањето на војната и другите пропагандни военохушкачки срања се исто така сурово и бесрамно криминални. Генералот Смидли Батлер, најмногу одликуваниот генерал на маринските трупи во историјата на САД, по учеството во десетина војни што ги водела неговата земја, вклучувајќи ја и Првата светска војна, кога се пензионирал за војната ја кажал суровата вистина: дека е таа рекет на капитализмот. Тој понатаму зборува дека тој самиот, најодликуваниот офицер во Америка, не бил ништо повеќе отколку гангстер на капитализмот, борејќи се во Мексико за да го направи сигурен за американските нафташки интереси, војувајќи на Хаити и Куба за американските банки, и пацифирајќи ја Доминиканската Република за индустријата на шеќер. „Војната е рекет во кој потчинетите земји се експлоатирани од финансиските елити и Волстрит, додека граѓаните ги плаќаат сметките за војната и ги жртвуваат своите млади мажи и жени на боиштата, а сето тоа само и единствено поради корпорациската алчност.“
Но, мене ми беше намерата да ги коментирам изборните резултати од првиот круг избори во Македоња Вечна. И, што да речам? Триумфот на вемерето не е изолиран случај што се случува само во нашата земјичка. Тој се лизга на бранот на фашисоидната милитаризација на целата Европа, на плимата на пандемијата на деснило што се шири како чума по континентов. И пролупаната Европа во слични ситуации имаше инстинкт во вториот круг да ја исправи сопствената глупост од првиот круг, и да сфати дека секое ВМРО што ќе дојде на власт ќе ја направи ситуацијата уште многу полоша отколку што мислевме. Но, дали тој инстинкт за преживување уште го имаат жителите на Македоња?
Слики: George Grosz (1893-1959)
Извор за текстот: Слободен печат