Изборот на Украина: Украина е Палестина, а не Израел

27.09.2022 09:41
Изборот на Украина: Украина е Палестина, а не Израел

Еднаш, го прашав мојот помал син дали може да ми го подаде соларникот, а тој ми одговори: „Секако дека можам!“ Кога ја повторив молбата, тој ми врати одважно: „Ме праша дали можам, и јас убаво ти одговорив. Не ми рече дека треба.“

Кој беше послободен во оваа ситуација, јас или син ми? Доколку слободата ја сфаќаме како слобода на избор, мојот син беше послободен, бидејќи имаше дополнителен избор како да го толкува моето прашање. Можеше да сфати буквално, а можеше да сфати и во вообичаената смисла, како молба учтиво срочена во прашање. Од друга страна, јас практично се откажав од овој избор и автоматски се потпрев на конвенционалната смисла на своето прашање.

Замислете сега свет во кој многу повеќе луѓе се однесуваат како мојот син кога ме мота. Никогаш не би можеле да бидеме сигурни што сакале нашите соговорници да кажат и би губеле време на бесмислени толкувања. Не е ли баш тоа прикладен опис на политичкиот живот во текот на последнава деценија? Доналд Трамп и другите популисти на алтернативната десница го искористија фактот што демократската политика се потпира на одредени непишани правила и обичаи кои ги кршеа кога им одговараше, избегнувајќи ја одговорноста со тоа што не секогаш експлицитно го кршеа законот.

Во Соединетите Американски Држави, ваквата стратегија ја користат лакејите од Републиканската партија на Трамп во подготовките за следните претседателски избори. Според нивната правна теорија, постои дупка во федералниот изборен закон што ќе му овозможи на законодавниот дом на државата да именува свои претседателски електори доколку државниот секретар рече дека не може да ги потврди резултатите од изборите. Републиканците, кои го негираат поразот на Трамп на последните избори, сега се кандидираат за позициите што ќе им бидат потребни за да ја прегазат волјата на гласачите во 2024 година. Партијата на тој начин се обидува да уништи еден од основните услови на демократијата: сите политички учесници да зборуваат на ист јазик и да ги почитуваат истите правила. Во спротивно, земјата ќе се најде на работ на граѓанска војна - исход што сега го очекуваат речиси половина од Американците.

Истите услови важат и за глобалната политика. За да функционираат меѓународните односи, сите страни мора барем да зборуваат на истиот јазик кога зборуваат за концепти како слобода и окупација. Русија јасно го поткопува овој услов кога ја опишува својата агресорска војна во Украина како „специјална операција“ за „ослободување“. Но, во оваа замка падна и украинската влада. Во обраќањето пред израелскиот Кнесет на 20 март 2022 година, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече: „Ние сме различни земји, во сосема различни околности. Но, заканата е иста и за нас и за вас - тотално уништување на народот, државата, културата. Па дури и имињата: Украина, Израел.“

Палестинскиот политиколог Асад Ганем го опиша говорот на Зеленски како „срам кога станува збор за глобалната борба за слобода и ослободување, а особено за палестинскиот народ“. Зеленски „ги смени улогите на окупатор и окупиран“. Се согласувам. Исто така, се согласувам со Ганем дека „на Украинците мора да им се даде секаква можна поддршка додека се спротивставуваат на [руската] варварска агресија“. Без западна воена поддршка, голем дел од Украина сега би бил под руска окупација, уништувајќи го столбот на меѓународниот мир и ред: интегритетот на границите.

За жал, говорот на Зеленски во Кнесетот не беше изолиран настан. Украина редовно зазема став за поддршка на израелската окупација. Така, во 2020 година, таа го напушти Комитетот на Обединетите нации за остварување на неотуѓивите права на палестинскиот народ; минатиот месец, украинскиот амбасадор во Израел, Евгениј Корничук, рече: „Како Украинец чија земја е под многу брутален напад од нејзините соседи, длабоко сочувствувам со израелското општество“.

Оваа споредба меѓу Израел и Украина е сосема погрешна. Ако ништо друго, ситуацијата во која се наоѓаат Украинците е повеќе слична на животите на Палестинците на Западниот Брег. Да, Израелците и Палестинците барем ја признаваат другоста на нивниот противник, додека Русија тврди дека Украинците всушност се само Руси. Но, не само што Израел негира дека Палестинците се нација (како што Русија прави со Украина); на Палестинците исто така им се порекнува местото во арапскиот свет (како на Украинците во Европа пред војната). Згора на тоа, како Русија, Израел е нуклеарна воена суперсила, која фактички колонизира помал, далеку послаб ентитет. Како Русија во окупираните делови на Украина, и Израел практикува политика на апартхејд.
Минувачи покрај проекциите на националните знамиња на Русија и Украина на ѕидовите на Стариот град во Ерусалим.
Ammar Awad/Reuters
 

И покрај тоа што израелските лидери ја поздравуваат поддршката на Украина, тие не возвратија во иста мера. Наместо тоа, тие се двоумат меѓу Русија и Украина, бидејќи на Израел му е потребна континуирана руска толеранција на израелските воени напади во Сирија. Но, целосната поддршка на Украина за Израел главно го одразува идеолошкиот интерес на нејзините лидери да ја претстават својата борба како одбрана на Европа и европската цивилизација од варварскиот, тоталитарен Исток.

Таквото толкување на борбата е неодржливо, бидејќи бара од нас да ја занемариме улогата на Европа во ропството, колонијализмот, фашизмот итн. Од клучно значење е Украина да се брани во рамки на универзалните поими и заедничкото значење на зборовите како „окупација“ и „слобода“. Да се сведе украинската војна на борба за Европа значи да се користи истата рамка како „дворскиот филозоф“ на рускиот претседател Владимир Путин, Александар Дугин, кој повлекува линија меѓу „руската вистина“ и „европската вистина“. Ограничувањето на конфликтот во Европа ја засилува глобалната пропаганда на Русија, која ја претставува инвазијата на Украина како чин на деколонизација - дел од борбата против западната неолиберална доминација и неопходен чекор кон мултиполарен свет.

Со третирање на израелската колонизација на Западниот Брег како одбранбена борба за слобода, Украина ја поддржува агресијата на друга сила и на тој начин ја компромитира сопствената, целосно оправдана борба за слобода. Порано или подоцна, таа ќе мора да направи избор. Дали ќе биде навистина европски, со учество во универзалниот еманципаторски проект што ја дефинира Европа? Или ќе стане дел од популистичкиот бран на новата десница?

Кога Украина го праша Западот: „Можете ли да ни дадете арилериско оружје?“, Западот не одговори цинично - „Да, можеме!“ Западните земји разумно одговорија на барањето и испратија оружје за борба против окупаторите. Меѓутоа, кога Палестинците бараат било каква поддршка, во најдобар случај добиваат празни фрази наместо одговори, често придружени со изјави за солидарност со нивните угнетувачи. Кога тие ќе побараат сол, противникот ја добива.

Превод: Марина Туфекчиевска
Извор:
Project Syndicate 

Слични содржини

Општество / Европа / Став / Теорија
Европа / Свет / Теорија
Општество / Европа / Свет / Теорија
Општество / Европа / Став
Општество / Став / Теорија / Историја
Општество / Европа / Теорија

ОкоБоли главаВицФото