Морија и огнот

02.10.2020 15:46
Морија гори

 

Отворете шампањ, сервирајте избрани јадења, славете! Бог постои, Морија гори.

Не, сега сосем сигурно не следи увод со „ужас, срам и жалост“, никакво ламентирачко ЈАС кое европската бегалска политика ја доведува во сомнеж навалувајќи кон реторика на запрепастеност, „депримирано, згадено, поразено“ и така натаму. Бидејќи тоа политичко излагање, кое темата на бегалците ја третира од сигурна дистанца на учесник-набљудувач, ретко говори за тоа, туку повеќе за состојбата на нашиот ум.

Изјавите, почнувајќи од „Сочувствувам“ до „Не можеме секого да го спасиме“ немаат никаква смисла. Не е важно како ни е НАМ додека читаме, слушаме или – глупав збор – „доживуваме“ нешто во врска со бегалските кампови. Не се работи за нашиот емоционален интегритет и за нашата огорченост и немоќ и таа полна со самосожалување, жалопојна проза; се работи само за физичката и психичката стабилност на двогодишните жители на бегалскиот камп, кои од неухранетоста и занемареноста си ја кубат косата.

Никаква улога веќе не може има тоа што вие или кој било друг читател на весник мисли и чувствува. Она што е потребно се објективни и неутрални стандарди во односот кон бегалците. Мерливи критериуми како човечност, хуманост и милост.

Морија гори и тешко е да се поверува дека овој затвор на отворено, кој некогаш бил планиран за 3000 луѓе и бил замислен како попатна станица – додека за што пократко време не биде завршен процесот на одобрување азил – дека ова островско место станало крајната станица за 13000 луѓе.

Сѐ започна со тоа што најпрво на Лезбос 1000 бегалци беа интернирани во некогашна фабричка хала. Општо е познато дека интернирани значи дека луѓето се изолирани и затворени, претворени во затвореници но без никакво правно покритие, без судски пресуди – и пред сѐ, без вина. Овој камп со сѐ на сѐ 1000 луѓе тогашниот заменик министер за безбедност на Грција, Спирос Вујас, во една прилика го нарече „полош од Дантеовиот пекол“.


Знаете кога беше тоа? Во 2009 година.

Помина повеќе од една деценија откако една идеја од неопходност се претвори во трајно решение. Сегашната влада планира бараките под ведро небо да ги замени со затворени објекти. Такво нешто слободно може да се нарече затвор, значи со вистински ѕидови и бодликава жица наместо со провизорни огради.

Дантеовиот пекол веќе не е фантазија стара 800 години, не е никаква божествена комедија за вечните маки и пеколната агонија. Дантеовиот пекол е политичка нормалност, европско секојдневие. Додуша, аналогијата на поранешниот заменик министер содржи една мисловна грешка: во Дантеовиот пекол се наоѓаа грешниците. Што е гревот на бегалците? Во што точно е нивната вина? Дали ги прави виновници тоа што побегнале, што се обиделе да се оттргнат од својот пекол, па сега мораат да се крчкаат во овој пекол?

Бегалскиот логор, тоа можеби мора уште еднаш да се објасни, навистина е место кое ги поништува луѓето. Кој и да заврши на Морија или во еден од четирите преостанати кампови на егејските острови – на Хиос, Лерос, Самос или Коса – некогаш бил човек со име и со дом. Со право на живот, на достоинство и со заблуда дека е еднаков меѓу еднаквите. Таму каде човекот побегнал за да си го спаси животот, а го држат заробен како да е никој и ништо, не може веќе да стане збор за уточиште и заштита. Онаму каде луѓето завршуваат во логор, таму започнува неправдата.

Да го замислиме тоа уште еднаш: луѓето бегаат и во десетици илјади се симнуваат на европските острови, каде нема ниедно достигнување од цивилизираниот свет. Нема канализација, тоалет, струја, луѓето живеат како во Средниот век. Ги раѓаат децата во шатори и во нив ги одгледуваат. Тие деца никогаш нема да дознаат дека поинакво детство е можно. Зад логорите започнува прекрасната Европа, туристи ноќеваат во сместувања со четири или пет ѕвездички. Веднаш покрај нив: населба од лим. Луѓето гладуваат, се смрзнуваат, се разболуваат, нема полиција која ги чува, нема адвокат, нема политички застапници. Се обидуваат да си го одземат животот. Деца. Возрасни. Не се ниту војната ниту бедата причината што сакаат да се убијат, туку нашите кампови. Лекарите без граници од самиот почеток на својата работа во грчките кампови известуваат за високата стапка на самоубиства, пред сѐ помеѓу децата.


А потоа изби големиот пожар и некои велат дека Морија изгорела. Други тврдат дека луѓето може одново да се вратат. Но зошто? Зошто би требало да се вратат? Со какво право некој би сакал да ги спречи да бегаат и понатаму, да го прогласи нивното бегство за завршено?

Десет илјади луѓето изгубено лутаат по Лезбос. На сликите се гледаат стотици од нив како спијат по уличните плочници. Како исфрлени од цивилизацијата. Некои родители помеѓу себе ги стиснале малите тела на своите деца, под нив прљавштина и прашина, над нив небо.

Војната од овие луѓе направи бездомници, но нив Европа ги направи бескуќници.

Морија нема официјална поштенска адреса, на бегалците не може да им се пише ниту може нешто да им се прати. Морија е официјалниот крај на Европската Унија, крајот на политиката.

Сега повторно шушкаат десничарските екстремисти, фашисти, тоа зло во човечка форма: бегалците намерно го подметнале пожарот за со уцена да добијат европски азил. Па што, мора да им викне секој вистински демократ: ПА ШТО? Оној што е без причина заробен мора да се спротивстави, мора гласно и видливо да се побуни, инаку душата му е одамна мртва. Оној за чија куќа ќе се испостави дека е затвор нема друг избор.

Само оној кој не разбира ништо за вредноста на животот може да зборува за „уцена“. Ако луѓето сами подметнале пожар, го направиле единственото правилно нешто. Храбар чин. Побуна на очајниците. Нашата задача е сега да бидеме покрај нив. Бегалците имаат морално право да се спротивстават со сите средства кои во недемократскиот систем на владеење им стојат на располагање. Бидејќи Морија не е ништо друго освен место на страдање, без поделба на власта и без право на збор. Овие луѓе немаат ништо, можат само да подметнат пожар или да се убијат.

Нашиот страв станал нивно проклетство. Стравот на Европјаните од војната на онеспособените, сиромашните и беспомошните бегалци, од муслиманите и црнците. Во страв од сите луѓе кои не ги доживуваат како еднакви на себе, Европјаните сосем губат разум. Стравот од од просветените и писмени граѓани прави безумни луѓе. Ги претвора во пиромани, атентатори, разорувачи на демократијата и мирот, во жестоки фашисти.

Ништо овој континент и неговите жители не ги притиска толку како нивниот страв од наводни странци кои им чукаат на врата. По што се разликува странецот од братот? Секако, по потеклото, по верата, по бојата на кожата. Само ако чукне вистинскиот, ќе биде дочекан со отворено срце, великодушно и солидарно.

Брегзит масовно ја засили миграцијата на Британци во Европа. Бројот на британски граѓани кои добиле пасош ЕУ-27 порасна во цела Европа од 2016 преку 500%, во Германија дури преку 2000%. Почнувајќи од референдумите за Брегзит 31600 Британци земале германско државјанство, што прави речиси третина од британското население о Германија. Ниеден Германец не се плаши од Британците.

Од Морија оваа година во Хановер се доведени 47 деца.

Извор: Pescanik
Слики: Reuters

Слични содржини

Општество / Европа
Општество / Активизам / Gif
Општество / Европа / Теорија

ОкоБоли главаВицФото