Што, по ѓаволите, ни има дадено таа проклета Југославија!?

02.11.2022 11:03
Што, по ѓаволите, ни има дадено таа проклета Југославија!?


Во култниот филм „Животот на Брајан“ неповторливата екипа на „Летечкиот циркус на Монти Пајтон“ изведува една незаборавна сцена на таен состанок на револуционерната ќелија што треба да организира бунт против Римската Империја во Палестина, некако во истото време на Исусовото житие. Шефот на ќелијата, кого брилијантно го игра Џон Клиз, држи пламен говор во кој треба да го предизвика праведничкиот гнев на бунтовниците против Римјаните. Во климаксот на говорот тој го поставува реторичкото прашање, на кое се претпоставува дека сите треба во глас да одговорат негативно: „Конечно, што воопшто Римјаните некогаш направиле за нас!?“ На негово изненадување, еден од присутните срамежливо прашува: „Аквадукт?“ „Добро“, се снаоѓа водачот и продолжува: „А, што Римјаните направиле за нас освен аквадукт?“

И, се разбира, како што тоа бива во фантастичниот хуморескен свет на Монтиевците, почнува вистинско наддавање на институциите и на нештата што римската власт ги вовела, за на крај од ѓурултијата разбеснетиот Клиз да земе збор повторно, со истото реторичко но сега веќе сосем апсурдно смешно прашање: „Добро, добро, но сепак, што Римјаните воопшто некогаш направиле за нас, освен аквадуктот, канализацијата, јавните патишта, обилството на храна, системите за наводнување, медицината и јавната чистота, едукацијата, мирот и благосостојбата, аааа!?“



Овој урнебесен хумор би бил веројатно вистинскиот начин да се пародира – некаде агресивната, некаде тивката – антијугословенска пропаганда што им ги пере мозоците веќе триесет години на жителите на некогашните југословенски републики. Овој доминантен и безалтернативен политички и јавен наратив како да има за цел да воспостави апсолутен временски, историски, мемориски и културен дисконтинуитет помеѓу југословенското време и времето на неверојатниот просперитет по 1991 година.

Нашата историја како да почнала со денот на независноста, а историскиот континуитет се воспоставува за некои со седумдесетгодишен прескок или за други со полвековен југословенски дисконтинуитет. Нашата независност ние ја втемеливме во некоординираните револуционерни сништа и дамари на неколкутемина анонимни сонувачи во солунската книжарница, во последната деценија од 19 век, како и во краткотрајниот крвав и залуден блесок на Крушевската република 1903. Како вториот камен во историската брза река потем го спомнуваме деперсонифицираниот македонски антифашизам, (како тој кобожем во четириесеттите да бил општонародно убедување), заедно со пушката што мистериозно самата лебдела, лута и одлучна, подготвена да пукне во вистинскиот момент и насока. И, на крајот, тука е и АСНОМ како сенародно отелотворување на вековните ако не и милениумските стремежи, целото време спомнуван како да е камен среде река што бил неопходен за народот македонски да искокне од историските пранги и да доскокне на брегот на својата милениумска цел: независноста и членството во НАТО и во ЕУ.



Фрлањето на златниот век на јужните Словени во историски заборав, меѓутоа, не беше доволно за да ја оствари својата пропагандна цел, а тоа е да оневозможи какво и да е споредување на животните искуства, културните и општествените достигнувања и сите други вредности од југословенското време, со неверојатните резултати што југословенските бодри државни мртвороденчиња по мајчината смрт ги постигнале во последните три децении. За таа цел се напишани гзилион статии и студии во кои се анализира „неодржливоста“ на Југословенската Федерација, економската неуспешност и фаталната задолженост на федерацијата, комунистичкиот терор и милионите невини жртви на титоизмот, итн. Како што реков, не беше доволно само да се запалат кубни километри книги за југословенскиот период да се избрише од колективното сеќавање, или да се срушат илјадници споменици и гробници на комунистичките и партизанските паднати херои, секаде каде што нивните коски ја армираа победата на Титовата антифашистичка и социјалистичка револуција, туку мораше и да се изврши комплетно изопачување на историската вистина, да се заменат местата на окупаторите и борците за слобода, на џелатите и жртвите.

И така, денес на целата територија на некогашна Југославија, сите нејзини мртвородени наследнички ги чествуваат и слават соработниците на окупаторот од Втората светска војна, било да се тоа вмровските контрачети во Македонија, Тодор Александров и Ванчо Михајлов, како и нивниот бугарски газда царот Борис, па четниците, недиќевците или љотиќевците во Србија, припадниците на Бали Комбат на Косово, усташите во Хрватска, есес ханџар дивизијата во Босна и сите други фашисти и човечки талози и црни тињи што беа победени во светската војна, но во меѓувреме ја преземаа власта во поголемиот дел од крвавиот континент, та со вкусот на ладно сервирана одмазда ја испишуваат наназад историјата, како тие да биле жртвите на светската војна, што конечно дошле во позиција да го исправат нејзиното исходиште.



Сите го исплукаа Титовото наследство, а во последно време усилбите и аспирациите за коригирање на неговите злостори добиваат и правни и политички форми во напредниот систем на владеење на правото и негувањето на европските вредности. Ете, Бугарите успеаја да го добијат разбирањето на целата Европска Унија да застане зад нивните оправдани побарувања да се исправат Титовите зулуми во Македонија, бугарската беневолентна администрација на Македонија под Хитлерова закрила историски да се легитимира, да се рехабилитираат милионите негови бугарски жртви и да се воспостави конечно административната, културната и историската унија помеѓу бугарската матица и откраднатиот цвет на бугарската земја и нација – Маседонија Мајндлес.

Читам и дека новоизбраната италијанска премиерка дала изјава во која ги истакнува исто така оправданите италијански побарувања да им бидат вратени Истра и деловите од Далмација што со милениуми биле дел од целокупна Блгарија, пардон Италија, а биле откраднати од страна на злосторникот Тито и неговите партизански бандити. Мислам дека неочекуваната насока во негувањето на европските вредности од страна на Европската Унија и нејзините членки ќе исправи многу историски неправди што се случиле со сосем погрешното завршување на Втората светска војна. Крајно време е работите отворено и јавно да се кажат: фашистичка Европа беше вистинската жртва на Втората светска војна, а вистинскиот агресор и окупатор беше комунистичкиот Советскиот Сојуз и, разбира се, неговата балканска експозитура – комунистичка Југославија. Да живее вистината, да живеат европските вредности! Вива ла муерте!



И, конечно, да не должам, што воопшто ни дала нам Југославија?! Што воопшто им дала Југославија на Македонците, освен државност, слобода, еднаквост, братство и единство, меѓународно признание и почитување, гордост и достоинственост на планетарни победници над фашизмот, најнапредниот систем на социјална правда во историјата, најправедниот систем на производство и дистрибуција на доброто, општествена сопственост на сите општи добра и на средствата за производство, најправично општествено-политичко устројство и најсофистицирано законодавство што планетата го запознала откога го создала животот пред милијарди години, универзална и бесплатна здравствена и социјална заштита, бесплатно и универзално достапно образование од основно школо до докторат на науки, безбедност и спокојство, сигурност на вработувањето, работниот век и пензија за сите, слободата на движењето со најверодостојниот и најпроодниот пасош на светот, пошуменоста на нашите историски голетини, грандиозниот систем на заштитни и иригациони канали, производи уредени по југословенските стандарди што беа поуредени и од ДИН нормите, културен и уметнички процут и експлозија на филмскиот, медиумскиот и музичкиот изблик на јужните Словени… невидената и никогаш на друго место забележана солидарност во дарувањето стотина милијарди долари неповратна помош во обновувањето на Скопје по катастрофалниот земјотрес, апсолутната заштита од сите големобугарски и други фашистички аспирации кон нашата самостојност и територијална сувереност… Освен тоа, што, по ѓаволите, ни има воопшто дадено таа проклета Југославија!?



Фотографиите се од филмот Monty Python's Life of Brian (1979)

Извор за текстот: Слободен печат

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото