Границите меѓу цивилизацијата и варварството никогаш не се географски

11.11.2022 12:30
Границите меѓу цивилизацијата и варварството никогаш не се географски

„Ова е преглед на историјата од Херодот од Халикарнас, напишан за со проток на времето да не се намали значењето на она што човештвото го сторило, та големите и прекрасни дела – како оние што ги создале Хелените така и оние што ги создале варварите – да не бидат заборавени, а конечно, меѓу останатото, и за да се објасни зошто помеѓу Хелените и варварите доаѓало до војни.“

Со овие едноставни зборови започнува првата и веројатно највредната историја досега напишана. Во оваа една и единствена реченица што Херодот ја употребиl пред 2500 години како вовед во неговото грандиозно дело, се практично дефинирани двете најважни причини зошто е историјата важна и зошто треба таа да се пишува и чита; зошто е таа од најголема и непроценлива важност за секој поединец, за сите народи и за човештвото како целина. Кажано во една реченица, затоа што историјата е единствената алатка за човечкото самоспознавање, со која се одгледуваат хуманите вредности, и со која – меѓу останатото, како што вели Херодот – учиме за грешките што човештвото од искона ги правело убивајќи се меѓусебе во војни, со вечна надеж дека можеби еднаш ќе ни успее да ги одбегнеме.

Значи, од првиот воведен пасус на својата „Историја“ (збор кој на неговиот старогрчки јазик значел „истражување“), а уште повеќе, веќе од првите зборови од вториот пасус и натаму во целото дело, овој генијален Грк од мешана крв и малоазиско потекло, ни го претставува и неговиот основен метод, кој е исто така денес неверојатно актуелен (исто како и предметот на неговото изучување – историскиот судир меѓу Исток и Запад) и го истакнува не само за тоа време, туку и за денешново, најважниот принцип на историјата: објективноста.


Почитувајќи го овој основен принцип, Херодот пишува не за верзијата хеленска – страната на која тој ѝ припаѓа – туку упорно наведувајќи ги персиските верзии на случувањата, или египетските или фениќанските, рушејќи ги предрасудите на своите современици, и инсистирајќи на ставот дека границите помеѓу цивилизацијата и варварството практично никогаш не се географски граници помеѓу земјите, туку дека се работи за морални граници што меандрираат низ секоја земја, секој народ, па дури и низ секој поединечен човек.

И, како почнало, според Херодот, милениумското непријателство помеѓу Азија и Европа? „Сегашните персијски научници тврдат дека Фениќаните се виновни за почнувањето на овој сукоб“, е изненадувачкиот став од вториот пасус, со кој историчарот ја почнува својата историја наведувајќи ги „непријателските“ извори како референтни, взо кој веднаш започнува празаплетот на историјата на сукобот Исток – Запад.

Елем, фениќанските трговци дошле во Арг да ја продаваат својата роба, та кога ја завршиле работата, со измама ја грабнале Ија, ќерката на кралот Инах, и заедно со другите грабнати жени од нејзината придружба ја однеле во Египет. Потоа, раскажува Херодот, „некои Хелени“ допловиле во фениќанскиот град Тир и, пак со подла измама, ја грабнале кралската ќерка Европа и ја однеле на Крит. Подоцна Грците отпловиле на голема лаѓа во Колхида и ја грабнале кралската ќерка Медеја. Во следното поколение синот на кралот Пријам Александар (кого го знаеме како Парис), посакал да земе жена од Хелада, па ја грабнал Елена и ја однел во Троја. Персијанците сметале дека Хелените први ја почнале војната против Азија, зашто „заради една единствена Спартанка собрале голема војска, отишле во Азија и ја уништиле Пријамовата држава.“ Односно, ја уништиле Троја од епот „Илијада“. И оттогаш Азија и Европа се вечни непријатели.


Иако почетокот на непријателствата меѓу Западот и Истокот бил сместен длабоко во предисториската митска доба, зачудувачки, дури вчудовидувачки е што денес линијата што ја означува границата на непријателството помеѓу цивилизациите, повторно меандрира покрај бреговите на северна Африка, па угоре по Средоземјето, повторно ја лизнува Троја, во која војната започнала пред 3200 години, па низ Црното Море оди северно во тогаш непознатите земји на Скитите, се до ледениот северен крај на Светот во денешна Русија.

Меѓутоа, за разлика од Херодотовиот метод на објективност, со кој тој активно зборува за повеќе верзии на истите настани, раскажани од различните страни учеснички, на исклучително модерен и револуционерен начин, често повторувајќи дека не е сигурен што е вистината, но дека до неа најдобро може да се приближи со почитувањето на различните верзии на настаните и со рамноправен третман на различните цивилизации, кои на најдобар начин се отсликуваат една со друга; велам, за разлика од Херодот, денешните судири почнаа да се пренесуваат само од гледиштето на едната страна – секогаш „нашата“ – а сите други верзии се забрануваат, се цензурираат или се осудуваат како „пропаганда“.

Суров доказ за тоталитаристичкиот хаос во кој се наоѓа денешниот свет е веста за гласањето и усвојувањето на Резолуцијата на Обединетите Нации за „Спротиставувањето на глорификацијата на нацизмот, неонацизмот и другите практики што придонесуваат кон напливот на современите форми на расизам, расна дискриминација, ксенофобија и слични нетолерантности.“ Гласањето за оваа – за сите нормални луѓе на светот, ќе помислите, неспорно позитивна и прифатлива резолуција – што изразува „загриженост за жртвите на расизмот, расната дискриминација, ксенофобија и (…) историските жртви на ропството и трансатлатската трговија со ропство“, помина во најмала рака сомнително, да не речам и скандалозно, неподносливо и до блуење неприфатливо.


Во резолуцијата се „повикува на Повелбата на Нирнбершкиот трибунал и пресуда, што ја сметаат за криминална организацијата на Есесовците, вклучувајќи ги Вафен Есес одредите, како починители на воени злочини и злочини против човештвото“, и алармирајќи на современото појавување на екстремистички партии и расистички движења и идеологии, како и манифестации на насилство и тероризам поттикнати од ултра-национализам, расизам, ксенофобија, во резолуцијата одлучно се повикува на загриженост и осуда на славењето на овие ретроградни движења, подигањето на споменици и меморијали и одржување на јавни демонстрации во слава и глорификација на нацистичкото минато. И, уште повеќе, во резолуцијата се изразува спротиставување на рушењето и девастацијата на спомениците на жртвите на фашизмот и паднатите борци против фашизмот (…), како и осуда на современите обиди за одрекување и негирање на холокаустот и минимизирањето на жртвите на фашизмот и холокаустот„ итн, итн, и на тоа слично…

И, што се случи на 77-мата седница на Генералното собрание на Обединетите Нации? Оваа антифашистичка резолуција е изгласана и усвоена со 105 гласа на земји членки, со 15 членки што биле воздржани, и, со неверојатни 52 гласа против?!? И, кои земји се против резолуцијата што го осудува историскиот фашизам и нацизам и ги осудува современите повампирувања на овие најзлосторнички движења што светот ги познава во целата своја историја? Против антифашистичката резолуција одлучно гласале САД, ВБ, Франција и, да не набројувам, сите земји на ЕУ и други земји од глобалниот запад, односно земји во вазални односи со САД што – сите заедно – се нарекуваат „земји на слободниот свет и либералната демократија“!?!


На човек му доаѓа да си ги протрие очите, да се почеша зад ушите, да се подстегне со палецот и показалецот над веѓите…. и ништо нема да помогне: денешниот свет до таа мерка се тоталитаризирал и се втерал во воено-пропагандна малоумност, едноумност и безумност, што без око да му трепне ги жртвува најтемелните вредности на човештвото по Втората светска војна за да обезбеди дневно-политички и воено-пропагандни ефекти во светската војна што – иако необјавена – во моментот ја води.

Срамно и мракобесно. За нас, можеби, ќе биде „утешно“ дека нашата земја заедно со Австралија, Јапонија и Либерија, предложиле амандман кон резолуцијата во кој се изјаснуваат дека се тие нападно против нацистичките движења, но воедно се и одлучно против Русија, зашто таа како предлагач на Резолуцијата, всушност, сака со неа да „ја оправда својата територијална агресија против Украина“ и со тоа „сериозно да ги поткопа автентичните напори за борба против неонацизмот“. Разбирлива вазална фрустрација за Македоња: ем мораме да бидеме против фашизмот, зашто сме антифашистичка рожба (што е и во моментов загрозена од бугарските фашистички аспирации), но мораме да сме и „во линија“ со САД и ЕУ, во чиишто мишки сакаме да се грееме.

Која ли светска брука: една локална војна што е престорена во светска империјалистичка војна за геополитичка превласт на планетата, која експлодира последниве месеци, на заедницата на „слободните народи“ ѝ е доволна за да се посере на милионите жртви на фашизмот и на сите „вредности“ вградени во темелите на ОН, ЕУ и кој и што сè не. Одвратно.


Слики: Henning Wagenbreth

Извор за текстот: Слободен печат 

Слични содржини

Европа / Свет / Историја
Општество / Европа / Свет / Теорија
Свет / Теорија / Историја
Став / Теорија / Историја
Свет / Теорија / Историја
Европа / Свет / Теорија
Европа / Балкан / Историја

ОкоБоли главаВицФото