1025 hPa
62 %
10 °C
Скопје - Вто, 12.11.2024 14:56
По бугарското вето за нашите евроинтеграции, конечно, можеме со олеснение да здивнеме и да му се вратиме на вистинскиот живот. Не затоа што не вредеше да се напрегаме и саклдисуваме толку за да ги задоволиме заумните бугарски барања. Не – вредеше, вреди и ќе вреди секој напор да се совладаат препреките на единствениот пат што го избравме – туку затоа што ужасната дискрепанца помеѓу официјалните европски изјави за општата согласност за продолжување на нашиот пат кон членството во Унијата и вистинската позадина – и ужас! – на бугарските барања ни овозможија еден вид епифанија, согледување и безмалку материјално пројавување на вистината за нашите „пријателски“ односи со соседите.
И тука не мислам на купиштата малоумни и навредливи изјави на бугарските врвни „политици“ – чиешто ниво беше толку долно што не заслужуваше ни одговор, ниту каква и да е реакција – туку повеќе на она што бугарскиот парламент го изгласа како писание кое потоа нивната влада го испрати како Објаснувачки меморандум на земјите членки на Унијата.
Сенката на чудовишниот бедем
Се покажа дека зад бугарското вето не стојат дневнополитички мотиви – барем не зад содржината на нивниот став, туку можеби само зад избраниот миг кога го истопорија на виделина. Зад ветото да ти стоеле 142 години трајни чувства, ресентимани, внатрешни крварења и отворени рани, соништа и историски фрустрации; се слоеле воени порази и тешки историски грешки и злостори; се трупале овие несреќи и погрешни очекувања кај братјата век и половина, за на крајот, еве, пред самиот почеток на нашите пристапни преговори да создадат калдера што еруптираше во спис кој според својата искреност може да се нарече Исповест или Интимен дневник на една држава.
Од една страна чувствувам олеснување по прочитаниот меморандум, како човек што на својот пат наишол не на препрека – соборено дрво, насип, палисади или само кратер од фекална граната – туку на бедем чии врвови се губат во облаците. Што чувствува човек кога наидува на таков бедем? Секако не фрустрација поради неможноста да го пробие или прекачи; тој чувствува мир во сознанието дека не е негова одговорноста што не може да го совлада бедемот, туку на оние што го подигнале.
Во сенката на овој чудовишен бедем човек може да се замисли малку, да се огледа околу себе и да се загледа во себе; може да го потсреди своето домаќинство што веќе предолго го држи на ветрометина – на предолгиот пат, сосем скудоумно наречен „транзиција“ – и да поработи малку на себеси, да собере сила, здив и кондиција, да изгради филозофија со помош на која ќе го заобиколи бедемот, промисла што ја оставил некаде на почетокот, кога набрзина се пакувал, или, што ја фрлил попат оти му се всекувала в рамо, како лошо изработен ранец наполнет со непотребни тежини…
Сепак, две незгодни мисли – ко камчиња в чевла – ми го бијат и тријат мозокот. Првата е сеќавање на моќните зборови на Воланд – инперсонификацијата на Ѓаволот во Булгаковиот бесмртен роман „Мајсторот и Маргарита“ – кој на жалбата дека Мајсторот своето животно дело, единствениот оригинал на својот ракопис во очај го изгорел во оган, реагира категорично: „Ма, глупост – ракописите не горат“. На ѓаволот може да му се верува на збор – особено ако му диктирал в перо на генијалниот Булгаков – па ме грижи што тивката и плитка ѓоа оптимистичка меѓународна реторика околу „одложувањето“ на почетокот на нашите преговори, е далеку од очекуваната реакција на Европа на бугарската себична и социопатска злоупотреба на европскиот механизам на одлучување. Тоа шушкање нема температура да запали ниту чкорче, а не пак ракописната маса на Меморандумот, мокра и расквасена од век и половина лиените бугарски солзи.
Знам, во политиката на 21 век зборот – па бил тој и државен – нема некоја тежина, ниту има цврста конзистенција, па ниту трајност, особено доколку идната година во гнаснава игра се појави – разбуден од неколкугодишната интровертна фаза – и големиот играч отаде океанот што може да запали се што ќе посака. Одлучната интервенција на САД сигурно ќе го обезбеди „пофлексибилниот“ став на Бугарија, но од аспект на бугарските „вистини“ искажани во нивниот Објаснувачки меморандум, веќе сè е попусто: тие се писание, што по дефиниција веќе станало историја, па што и да се стори во меѓувреме, тој ракопис – како и сите други – веќе нема да може да изгори.
Ревизија на европската историја
Втората мисла што ме „жули“ во черепот – вие веќе заборавивте на неа, нели – се однесува на практично непостоечката реакција на членките на Европската Унија на бугарскиот меморандум. На бугарските преформулации на текстот на преговарачката рамка реагираа Чешка и Словачка – секоја чест – но оној товар сточен измет измешан со провинциско-империјалистички солзи – зборувам за „Објаснувачкиот“ – Европејците го сркнаа во тишина, ко да беше свежа острига залиена со ладно суво шардоне. Таа просушена европска тишина укажува дека бугарските ставови за историјата на 20 век, што се темелат на заумна профашистичка ревизија на историјата, во преовладувачката европска политичка струја се смета за прифатена, веќе ревидирана и архивирана работа. Загрижувачки се јасните знаци на веќе извршената ревизија на европската историја, во која најголемото зло на векот да ти бил комунизмот, кој го завиткал векот во ропство, гибел и несреќа, додека наци-фашизмот бил една несреќна епизода што ја предизвикал еден полуден каплар. Во оваа верзија на историјата на дваесеттиот век – која, инаку, е изгласана и како декларација во Европскиот парламент – вистинското зло не го произвел капиталистичкиот империјализам во двете светски војни, што се престорил во фашистичка инкарнација на Најголемото Зло кога и да е. Не, туку вистинското зло почнало со упадот на дивјачките орди на Црвената армија во Европа, кој се продолжил низ децениите од нејзиното поробување, сѐ до победата над комунизмот и распадот на Империјата на Злото.
Оваа зла скаска не е испрдната од цревата на некој забеган неофашист, туку е скратен приказ на една нова владејачка парадигма што веќе подолго време се вдомува во Европа, а богами и во пристоен дел од светот. Најмалку што може да се рече на таа тема е дека оваа парадигма, што како да излегла од заболените мозоци на нашите или на бугарските вмровци, не може да ѝ погодува на нежната македонска културно-историска појава, најмногу поради тајната вистина за наталната природа на нејзината државна дребност која е, нели, комунистичка творба пар екселанс.
На крајот, не треба да нè загрижуваат премногу содржините на овие мои мисловни камчиња што ми влегле во черепот, зашто не е важно колку европските вредности се изопачуваат кај членките на Унијата; единственото важно е тие да се одразуваат во нашиот поглед кон Европа, во нашата решеност да ги оствариме дома, во визијата за нашето сопствено пресоздавање според нивниот – замислен и идеализиран – лик. И, конечно, кој знае зошто бугарското вето е добро? Не случајно Мефистофел (Гетеовиот Ѓавол) на прашањето… но, конечно, кој си ти?, одговорил: Јас сум дел од онаа сила што вечно стреми кон злото, но вечно твори добро.
Фотографиите се од филмот „Фауст“ на Александар Сокуров, 2011.
Извор за текстот: Слободен печат