Атака врз територијалноста на минатото и на јазикот

10.12.2021 19:22
Атака врз територијалноста на минатото и на јазикот

Пред неколку месеци, пролетоска, Денко Малески нѐ потсети на моќните зборови на Пол Валери, напишани во неговиот есеј „За историјата“: „Историјата е најопасниот продукт што се развил од хемијата на интелектот. Нејзините својства се добро познати. Предизвикува соништа, труе цели народи, им дава лажни сеќавања, ги забрзува нивните рефлекси, им ги држи отворени старите рани, ги мачи и кога одмораат, им создава илузии или за величина или за прогонетост и ги прави нациите огорчени, арогантни, неподносливи и суетни“.

Навистина, секој збор на Валери претставува гранитна вистина, концизно и елоквентно искажана. Но, тој „најопасен продукт на хемијата на интелектот“ е воедно и сѐ што човековиот интелект поседува; тој е единствениот духовен багаж со кој човекот патува по животната обиколка на светот. Буквално, сеќавањата за минатото се единствениот интелектуален имот што му е даден на човекот, тие се единственото нематеријално наследство на кое човечките заедници сакаат да го втемелат легитимитетот и идентитетот на колективот. Затоа овој скапоцен културен имот секоја цивилизација сака да го претвори во недвижност врз која има сопственички права.

Не е тешко да се сфати оваа културна тектоника: минатото е изворот на сето човеково знаење. А, бидејќи јазикот е медиумот со кој се памети, чува и пренесува знаењето, тој станува градбена единица на културната недвижност на човечката заедница. Така, како единствена нематеријална недвижност, распослан на целиот наш видокруг, на целиот светоглед, тој ја омеѓува територијата на нашето сознание и ја остварува дефиницијата на Конески: бидува нашата единствена татковина. Токму поради оваа територијалност на минатото и на јазикот, зборовите на Валери од погоре, ја добиваат својата ужасна димензија. Токму затоа, безмалку сите големи цивилизации, култури, држави и нации се проектираат себеси на територија врз која ја распостилаат својата историја и го разгласуваат својот јазик.

 

Причини за одбранбена војна

Нека не ве залажува метафоричноста на оваа релација, почитувани читатели: минатото и јазикот се територијални елементи на нацијата и на државата, физикални и просторни, димензионални и вредносни, како и секој друг елемент на географската стварност, како и планините и котлините, езерата, реките и бреговите. Токму поради оваа суштинска, но сурова, вистина бугарската атака врз нашето минато и јазик, не претставува непристојно идентитетско мешање во интимни внатрешни работи на македонската држава, туку отворено и вулгарно посегање по нејзината територија. И, токму поради ужасната сериозност на бугарските територијални аспирации, за коишто легитимитетот – кои ли кретени! –го наоѓаат во негирањето на постоењето на македонскиот јазик и нација, сите учесници во оваа гнасна претстава – и бугарската и македонската страна, исто како и меѓународната заедница – упорно и конзистентно глумат недоветност и ја зачадуваат сцената со магла од еуфемизми.

А, конечно, да не постоеше дипломатскиот јазик, составен повеќе од работи што не се кажани отколку од оние изречените, и меѓународните прашања да се водеа врз основа на незатскриени вистини, меѓународните спогодби немаше ниту да постојат, а државите ќе беа во состојба на перманентна војна. Стварно, да не беше добрата волја да се постигне компромис и решение во секоја ситуација – што не е можно без дипломатскиот говор составен од обилно многу еуфемизми, со Бугарите требавме да се гледаме само преку нишан. Зашто, да се разбереме: не толку со бугарското вето на нашето членство во европскиот клуб, туку најмногу поради неговата содржина „објаснета“ во нивниот Објаснувачки меморандум, тие ѝ објавија војна на Македонија. Да, бугарските барања во меѓународното право (доколку претпоставиме дека тоа сѐ уште постои) се нарекуваат casus belli.

Casus belli или причина за војна е по дефиниција она нешто – акт или настан – што претставува оправдана причина за објавување или отпочнување војна. Најчестата и најоправданата причина за војна – според меѓународното право – е директната закана по стабилноста, егзистенцијата и/или територијата на една земја. Casus belli со време од „причина за војна“ се претвори во „оправдана причина за војна“, а најоправданата причина за војна, повторно според меѓународното право, е самоодбраната. Бидејќи бугарските тврдења дека македонската земја е бугарска по происход, а таков е и народот што ја населува, обаче и јазикот на кој говори, тоа се јасни територијални аспирации, кои оправдуваат самоодбранбена војна, што Македоња, разбира се, треба да ја води за спасение на сопственото постоење.

 

Европа како извориште на заканите

Но, пред првиот куршум да биде испукан, редно е да забележиме неколку интересни аспекти на овој театар на апсурдот. Прво, територијалните закани доаѓаат од Бугарија, членка на одбранбениот воено-политички сојуз познат и како НАТО, а упатени се кон Македоња Норд, исто така членка на НАТО, која роди коза со рогови за да биде примена во тоа привилегирано членство и да го реши прашањето на својата меѓународна неповредливост. Ах, да, и членка на ЕУ, кон која стремиме заради нашата безбедност и благосостојба. До пред некое време, најголемата закана беше друга членка на НАТО и ЕУ, а од времето кога со неа ги решивме проблемите, друга членка – всушност, трета досега – на НАТО и ЕУ зема активно учество во дестабилизирањето на земјава со давање политички азил на Груевски. И, конечно, доколку бугарското вето опстои доволно долго, тоа ќе ја одлепи Албанија од прегратката со Македоња, која потоа ќе заита кон Европа повлекувајќи го западниот дел од земјава со себе и неминовно предизвикувајќи цепење на „истата“ (како милуваат да кажат правниците упропастувајќи го јазикот).

Заклучок? Сите егзистенцијални закани за територијалниот интегритет и опстанокот на Македоња Јадна доаѓаат од членките на НАТО и ЕУ, меѓународните организации на чијашто бројка во рулетот на историјата – еве веќе 30 години – сме ги ставиле сите недвижности, материјални и културни и на чијашто заштита сметаме цело време. Апсурдно, нели? Но, овој апсурден заклучок од оваа прилично неконтролирана мисловна прошетка (тргнавме од минатото како културна недвижност со територијално простирање, ееееј), не служи како повик за војна или за прекин на преговорите со бугарските соседи. Напротив: идејата е дека напорите за членство во Унијата мора да продолжат (со исто темпо и содржина како и досега), но решението на проблемот треба да биде на територијата на Бугарија, односно ЕУ, зашто – премногу очигледно – извориштето на срањата во врска со македонските евроинтеграции е самата Европа.

 

Слики: Emily Furr

 

Извор за текстот: Слободен печат

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото