Колективна меморија и бришење на историјата

26.04.2023 13:53
Колективна меморија и бришење на историјата

Албански главен град во Северна Македонија. Тоа што градоначалникот Билал Касами така го доживува Тетово, еден од најстарите градови во Македонија, во кој се испреплетувале разни култури, е секако во согласност со неговото сфаќање како би требало да се склопуваат парчињата на колективната меморија на неговите сонародници, и на каков начин таа понатаму ќе се создава. Се разбира, од гледна точка на албанскиот наратив, преку кој албанското малцинство ќе се наметне како „државотворен чинител“. Со историјата на Република Македонија, онаа што постоеше пред појавата на Северна, Касами тешко дека чувствува макар и тронка поврзаност.

Целиот Балкан е преплавен со најразлични обиди и проекти за „интервенирање“ во историјата и приспособување на колективната меморија на новите реалности, при што колективните сеќавања ќе се модифицираат за да се постигнат повисоки политички цели. Во Македонија еден таков проект секако беше прочуената, контроверзна и чудесна антиквизација, која најпосле резултираше, меѓу другото, со договорно лепење табли на спомениците, со објаснување дека личностите се дел од „хеленското наследство“, како и со брусење на Сонцето од Вергина од градските шахти.

Во периодот по падот на комунизмот Бугарија имаше околу девет милиони жители. Но, последниот попис, спроведен во 2021 година, покажа дека силниот демографски пад во Бугарија не запира, така што за три децении бугарското население се намали за два и пол милиони. Уште една јасна потврда за „успехот“ на државните транзициски политики на Софија. Демографското опаѓање, патем речено, е карактеристика на развојот на сите држави во регионот, но бугарските лидери пристапуваат кон оживување на великобугарските санстефански соништа, негирајќи го постоењето, историјата и јазикот на соседната Македонија, фрлајќи прашина во очите на ЕУ за да ги замаглат историските факти и да ги натераат сите во Европа да веруваат дека во бугарската колективна меморија Македонија е нешто сосема друго од она што луѓето кои живеат во таа држава мислат и веруваат за себе и за својот национален идентитет.

Софија ќе се согласи Македонија да влезе во ЕУ, но не со Македонци, туку со самосвестени македонски Бугари, кои, меѓу другото, ќе ги избришат и написите за бугарските фашисти и окупатори на спомениците од Втората светска војна. На таков начин ќе ги сменат претставите во колективната меморија на Бугарите на Балканот, значи не само на територијата на Република Бугарија, туку и на историските „бугарски земји“ во соседството. А што мисли Брисел за тоа, е мошне нејасна приказна. Во низа пригоди досега веројатно веќе се уверивме дека е така.

На разни места во Европа, посебно од страна на десничарски националистички режими во источноевропските земји, последниве години се прават обиди за бришење на историјата и посегнување кон историски ревизионизам од поновото минато. Колективните сеќавања, историските трауми и историографијата на нациите во значаен дел се претвораат и во борба меѓу опозицијата и државното раководство. Група шведски истражувачи пред извесно време презеде иницијатива за собирање документација за оваа проблематика, од што произлезе обемна студија, со која се опфатени и поголем број држави во централна и источна Европа, во кои историчари и научни институции наидуваат на проблеми кога други актери во општеството свесно го ползуваат пишувањето на историјата за остварување на сопствените интереси.

Добар пример за тоа е Литванија, каде што долго време се води дебата поврзана со ставовите и вреднувањата на движењето на отпорот против советските власти во текот и по Втората светска војна, и тоа како во Литванија, така и во Украина. Најголемото спротивставување на гледиштата се однесува на погледот врз соработката на групите на отпорот со германските окупатори и нивното евентуално учество во уништувањето на еврејското население.

Ставовите посебно се судираат околу улогата на антисоветскиот лидер Јонас Норејка, во чија чест беше поставена спомен-плоча во центарот на Вилнус. Норејка соработувал со Германците во текот на окупацијата на Литванија во 1941-44 година. Може ли тој, и покрај тоа, да се смета за симбол на литванската ослободителна борба? Дебатата околу ова прашање го подели јавното мислење во таа прибалтичка земја.

Еден друг пример што привлекува внимание се однесува на двајца реномирани историчари во Полска на кои им беше наложено јавно да се извинат поради тоа што презентирале податоци за домашното учество на Полјаци во холокаустот на стотици илјади полски Евреи во Втората светска војна. Актуелното полско државно раководство, според критичарите, не покажува политичка волја да дозволи обзнанување факти поврзани со ова темно поглавје од полската историја.

Веќе во 2018 година полската влада сакаше да го криминализира откривањето на полските злосторства во текот на германската окупација, но таквиот предлог беше повлечен поради силните меѓународни протести. Колективни сеќавања што не одат во прилог на националното единство, и не придонесуваат кон засилување на националната гордост, не се пожелни во јавен контекст. И во Бугарија упорно се негираат фактите и се заобиколува одговорноста и придонесот на бугарската држава во прогонот и депортацијата на Евреите од Македонија и од другите окупирани територии.

Веќе од поодамна стана јасно дека за забрзувањето на македонскиот пат кон Брисел се бара, односно се поставуваат услови, за едно порадикално сфаќање на проблематиката поврзана со односот кон идентитетските прашања. Повеќе од очигледно е дека нарушените претстави за историјата, и за колективната меморија, се користат, и злоупотребуваат, за на најбескрупулозен начин да се објасни една или друга позиција, при што искуствата покажуваат дека европското „проширување“ тешко кореспондира со контроверзиите од минатото.

Посочената изјава на тетовскиот градоначалник Касами, сфатена или како реторички грубо и невешто формулирана или, пак, како свесно политички провокативна и злонамерна – иако веројатно е малку претерано да се става во поширокиот контекст на посочените историски мистификации и нескриени ревизионистички апетити – сепак не отклонува од сферата на свесно задирање во колективната меморија, која никогаш не може целосно да биде објективна и неутрална во погледот кон подалечното или поблиското минато. А со тоа и во односот кон сегашноста.

Изборот на наративот овде не може да биде поинаков, освен свесно селективен. Токму онака како што можат да се манифестираат разликите меѓу луѓето што живеат во иста држава, но со сосема различни перцепции за стварноста во која функционираат.

Слики: Toni Hamel

Извор за текстот: Слободен печат

Слични содржини

Европа / Балкан / Историја
Европа / Балкан / Историја
Европа / Балкан / Став
Европа / Балкан / Историја

ОкоБоли главаВицФото