1025 hPa
62 %
10 °C
Скопје - Вто, 12.11.2024 14:56
Хронологијата на верски инспирираниот расизам насочен кон Евреите, познат како антисемитизам, би требало да почне со својата нулта година некаде во четвртиот век од нашата ера, кога императорот Константин го официјализирал христијанството како легитимна вероисповед во Римското Царство. Претходните премрежиња на еврејските рани држави, нивните голготи под асирското царство или вавилонското ропство од времето на Набукодоносор, па и маките со Рим, може да се сметаат за нормални последици на несреќните историски политики, освојувања и страдања од кои не биле поштедени ниту другите народи во минатото. Но, вистинскиот почеток на озаконетите масовни прогони на еврејското верско малцинство во христијанска Европа отпочнало уште со Константин, се засилило со Теодосиус, а станало кодифицирана практика со славниот Јустинијанов законик. Во него се собрани сите претходни едикти и прогласи што ги ограничуваат правата на Евреите, и заедно со Јустинијановите додавки, некаде од средината на шестиот век, може да се сметаат за првите антисемитски закони во историјата.
Тоа бил век на огромни промени, преселби на народите и пред сè катастрофи. Западното Римско Царство практично тогаш престанало да постои, додека Источното Римско Царство во времето на владеењето на Јустинијан го погодија две незапаметени катаклизми, детално опишани во записите на Прокопиј Кесариски. Првин, како последица на чудовишна вулканска ерупција на Исланд, целата северна хемисфера била завиткана 18 месеци безмалку во целодневен самрак, а на места и црна темница, што се претворило во „почеток на најлошиот период во историјата на човештвото“ според историчарот Мекормик. „Сонцето беше сосем без сјај, и светеше матно цела година, едвај како да е Месечина“, запиша Прокопие, а овој почеток на „последната ледена доба“, кога летните температури паднале под 4 целзиусови степени, ги уништило посевите на целата хемисфера, што предизвикало глад и масовно умирање од Кина до Британија, кое траело безмалку цел век.
И, за да ја докажат народната изрека дека несреќата никогаш не доаѓа сама, во 541 година во Египет се истовариле бродски стаорци што веројатно од Кина ја донеле бактеријата Yersinia pestis, која ја предизвикала првата и веројатно најголемата пандемија на бубонската чума, која истребила помеѓу две петтини и половина од човештвото. Во такви немили времиња се разгорувала омразата кон „другите“ што можеби влијаело и на антисемитските одредби на славниот Јустинијанов законик – Corpus Iuris Civilis, во кој е запечатена судбината на Евреите од Европа и од Блискиот исток за следните 1.500 години.
Антисемитските одредби на Јустинијановиот законик се, меѓутоа, инспирирани од една постара книга, мајката на сите антисемитизми, веројатно најпечатената во историјата на христијанскиот свет, а вие веќе погодивте дека е тоа „Новиот завет на нашиот Господ Исус Христос“. Таму, во Светото евангелие според Јована, во поглавјето 8, во Христовата Беседа против неверувањето на Евреите, во стихот 24 Исус им соопштува на Евреите: „(…) и навистина, ако не поверувате дека сум Јас, ќе умрете во гревовите свои“. А, во стихот 37 тој продолжува: „Знам дека сте семе Авраамово, но сакате да Ме убиете, зашто словото Мое не може да се смести во вас“. И во стихот 40: „А сега сакате да Ме убиете, Мене Човекот, Кој ви ја кажав вистината што ја чув од Бога“. И, конечно во стихот 44, каде што е изречено вечното проклетство што е виновно за подоцнежниот милионски гибел на Евреите, од почетокот на средниот век до модернизмот на крвавиот 20 век: „Вашиот татко е ѓаволот; и вие сакате да ги исполнувате желбите на вашиот татко; тој е човекоубиец од почетокот и не стои во вистината (…)“.
Листата на прогони и протерувања на Евреите од европските градови и држави во средниот век е предолга и претраорна за да се пренесе во детали, но вреди да се спомнат само „најславните“ геноциди, етнички чистења и протерувања на членовите на јудејската вера. Ќе почнам со протерувањето на Евреите од Александрија во 415 година изведено од Свети Кирил Александриски и масакрирањето и протерувањето на целото население на Галилеа во 629 година од страна на Византија; потоа следуваат масакрите и прогоните на еврејските заедници на патот на крстоносците од 1095 до средината на 13 век; протерувањата на Евреите и запленувањето на сиот имот кои во Франција по кралски наредби се случија во годините 1254, 1306, 1322, 1359 и 1394; во 1290 година со кралски едикт е протерано вкупното еврејско население од Англија; во 1360 Евреите се протерани од Унгарија, а во 1392 од Швајцарија; од 1420 до 1442 Евреите се протерани од Австрија и Баварија; во 1492 се случило можеби „најславното“ општо протерување на Евреите од Шпанија, од Кастиља и Арагон, и потем од Сицилија, кога повеќе од 250.000 Сефарди нашле засолниште во градовите на Османската Империја и продолжува во текот на 16 и на 17 век, кога Евреите се протерувани од градовите на централна Европа, Австрија, Германија и Северна Италија.
Човек навистина треба да земе здив од чувствата на ранетата човештина и силуваната морална интуиција што се грчат во одвратност додека го пишувам овој геноциден список на злодела, континуирано со векови вршени на територијата на цивилизирана Европа. Малава починка ќе ви ја исполнам со „весел“ цитат од христијанскиот реформатор и хиперморалист Мартин Лутер, кој во раниот 16 век неуморно држел острастени проповеди против Евреите: „Ние грешиме ако систематски не го убиваме… тој ѓаволски народ“ тие „отровни црви“ полни со „ѓаволски измет… во кој се препелкаат како свињи“.
И да завршам со познатиот крај на оваа ужасна листа, со злочинот над злочините, со холокаустот на европските Евреи под идеолошкото водство, организација и индустриска ефикасност на нацистичка Германија, во кој исчезнаа цели 6 милиони европски Евреи. За волја на вистината, во овој чудовишен злочин учествуваа безмалку сите европски држави, некои со сопствени фашистички власти, другите под германска окупација со колаборационистички власти и квислинзи од сите видови и маштапи, безмалку сите со своите масовни антисемитски денунцијанти од градска и селска провениенција, што безмилосно ги препознаваа и ги пријавуваа Евреите во бегство и во нивните скривалишта.
Во неверојатната бројка жртви на холокаустот учествуваа и Соединетите Американски Држави, Велика Британија, Аргентина и други прекуокеански држави, кои во триесеттите години, кога почна организираниот прогон на Евреите од нацистите, воведоа имигрантски квоти со кои сурово ја ограничија бројката на Евреи што бараа азил, па дури и враќаа полни бродови со бегалци назад во Германија да завршат во нацистичките крематориуми. Европската историја им должи на Евреите милиони ненадоместливи животи и неброено многу ужасни страдања и несреќи, тоа не смее да се заборави, а не знам и како би можело да се прости.
И затоа, дали поради историското чувство на вина или како резултат на тоталната загуба на суверенитет и претворањето во „репресивно-политичка подружница на страховладата со седиште во Вашингтон, во еден гарнизон на периферијата“ (како што тоа прецизно го срочи Виктор Иванчиќ), Европа реши не само да го поддржува слепо и безусловно геноцидот што над палестинското цивилно население го врши израелската солдатеска, туку и непосредно да учествува во завршницата на геноцидот и, со полна свест, умисла и со директна акција да учествува во „конечното решение“ на палестинското прашање.
Врз основа на недокажаното израелско обвинување дека дузина вработени во УНРВА (UNRWA – United Nations Relief and Works Agency) учествувале во масакрот над израелските цивили од 7 октомври, САД, Обединетото кралство, Германија, Италија, Холандија, Австрија, Швајцарија, Финска, Австралија, Канада, Шведска, Естонија и Јапонија ја суспендираа финансиската поддршка на агенцијата на Обединетите нации што ги снабдува со храна, медицински потреби и други основни комунални работи, двата милиона палестински цивили во Газа!
На овие главни донори на хуманитарната агенција на Обединетите нации што ги одржува во гол живот Палестинците во Газа и милионите палестински бегалци распослани по Блискиот Исток по израелската окупација на нивните земји, не им беше пречка што наводните дузина учесници се помалку од еден промил од 13.000 вработени во агенцијата: тие се решија во секунда на колективна казна на целата агенција, а воедно ги подвргнаа двата милиони палестински цивили во Газа на колективна геноцидна казна на сигурна, но бавна и ужасна смрт од глад. Но, тоа ќе биде и конечно решение на здодевниот палестински проблем со нивната непристојна упорност во желбата да живеат на својата окупирана земја.
Слики: Francisco José de Goya y Lucientes (1746–1828)
Извор за текстот: Слободен печат