Израел и Палестина: Прашања и одговори

04.12.2023 16:19
Израел и Палестина: Прашања и одговори

 

За егзистенцијалните стравови на Израелците

 

Зарем Израел не војува за сопствен опстанок?

Не, не војува за тоа. Израел е нуклеарна сила со една од технолошки најнапредните армии во светот. Покрај тоа, ја ужива целосната поддршка на американската воена машинерија (вклучувајќи спремни носачи на авиони). Не може да стане збор за симетрија со Хамас или Исламски џихад, групи кои можат да им се закануваат на израелските жители, но не можат да ја победат израелската армија или да го спречат Израел да продолжи со етничкото чистење на Палестинците кои живеат под режим на апартхејд изграден со поддршка на САД и Европската Унијата.

 

Зарем не е оправдан стравот на многумина Израелци дека многу Палестинци најрадо би ги турнале во морето (а можеби и би ги истребиле во некој нов масовен погром)?

Секако дека е! Многу Палестинци, за жал, сонуваат за Палестина без Евреи или со Евреи целосно ним потчинети ‒ исто како што многу Израелци, за жал, сонуваат ултра‒ционистички сон за голем Израел без Палестинци или со целосно потчинети Палестинци. Ова е трагичната реалност на денешна Палестина. Да, имајќи предвид дека Евреите беа изложени на холокаустот, а пред тоа и на погроми и вековен и длабоко вкоренет антисемитизам во Европа и Америка, сосема е разбирливо што жителите на Израел денес стравуваат од нов погром ако израелската армијата биде поразена. Меѓутоа, со наметнување режим на апартхејд врз Палестинците, Бедуините и другите и со нивно третирање како припадници на инфериорна раса (или како човечки животни), израелската држава дополнително го разгорува антисемитизмот и ги зајакнува во редовите на Палестинците токму оние сили кои сонуваат за Палестина без Евреи (наместо да ги зајакнува оние кои сонуваат за мирен соживот со Евреите); со тоа придонесувајќи за страшната вознемиреност што ги мачи Евреите и во Израел и во дијаспората. Извршувањето апартхејд спрема Палестинците не е добра одбранбена стратегија ‒ во најмала рака. Кога го поддржуваат или игнорираат израелскиот апартхејд и етничкото чистење на Палестинците, Европејците и Американците му прават лоша услуга на еврејскиот народ.

 

Но, Израел секако е во војна со Газа.

Израел не е и не може да војува со Газа. Газа не е држава. Тоа е палестинска територија незаконски окупирана од Израел во 1967 година. Тоа што Ариел Шарон, во тоа време премиер на Израел, во еден момент одлучил да ја повлече израелската армија (и еврејските доселеници) од Газа за таму да изгради затвор на отворено за милиони Палестинци (затвор кој е целосно ограден и редовно бомбардиран, и чии залихи со вода, храна, гориво и сè останато целосно зависат од добрата волја на Израел) ‒ не ја прави Газа држава. Ниту тоа што Хамас ја презеде контролата врз Газа по повлекувањето на израелската армија ја прави држава. [Споредба за љубителите на филмот: ако се сеќавате на Карпентеровиот филм „Бегство од Њујорк“, тоа е исто како да тврдите дека Менхетен е во војна со Америка во тој филм.]

 

Дали навистина очекувате Израел да го снабдува непријателското население со вода, храна и лекови?

Не е важно што очекуваме јас и вие. Важно е што вели меѓународното право за тоа, вклучително и Женевската конвенција, која тоа го налага! Ускратувањето на вода, храна, лекови, гориво и други потреби на окупираното население затворено во Газа е воено злосторство. Злосторство е и кога на населението му ја ускратувате можноста да ги задоволи основните животни потреби за да го принудите да се пресели на друго место.

 

Дури и ако неговото постоење не е директно загрозено, дали Израел нема право да се брани?

Секако дека има. Секој има природно право да се брани. Како и да е, исто како што моето право да се бранам кога мојата куќа е провалена е ограничено со закон (на пример, немам право да убијам натрапник ако прво сум го разоружал, и секако немам право да го убијам целото негово семејство, за одмазда), така што правото на државата е ограничено за одбрана од друга држава или вооружена група на окупираната територија. Затоа постои Женевската конвенција и Меѓународниот кривичен суд чии статути јасно покажуваат дека израелските воени напади врз Газа извршени по 7 октомври претставуваат серија воени злосторства (види Анекс 1).

 

За Хамас

 

Дали ги осудувам злосторствата на Хамас?

Ги осудувам сите злосторства и сите воени злосторства (како што е дефинирано во меѓународното право, види Анекс 1) без разлика кој е сторителот и која е жртвата, било да се тоа членови на Хамас, израелски доселеници или израелски вооружени сили. Женевската конвенција се однесува на сите или на ниеден. Она што не го осудувам е вооружениот отпор спрема окупаторите и режимот на апартхејдот, кој е дел од долгорочната програма за етничко чистење. [Исто така, не ги осудувам легитимните воени акции на IDF во одбрана на сопствените војници или израелските цивили во Израел.]

 

Зарем Хамас не е терористичка организација?

Како што добро знаеме, лицетоа кое некои луѓе гo нарекуваат терорист, за други луѓе може да биде борец за слобода. Дали Јицак Шамир (израелски премиер од 1986 до 1992 година) и неговата организација Stern Gang биле терористи? Британската влада и повеќето европски земји мислеа дека се, но многу Евреи не мислат така. Дали IRA беше терористичка организација? Можеби е така, но без таа организација (и нејзиното политичко крило Sinn Fein, која денес е најголемата ирска политичка партија северно и јужно од границата) немаше да го има Великиот петок и немаше да има крај на крвопролевањето. Дали Нелсон Мандела бил терорист? Г‒ѓа Тачер и претседателот Реган мислеа и рекоа така ‒ така што ANC и нејзините членови беа долго наведувани како терористички организации во САД и Велика Британија.

Што се однесува до Хамас, нема сомнеж дека Хамас користи терористички тактики и/или врши воени злосторства. Но, израелската држава го прави истото повеќе од седум децении (незаконски иселувања, нелегални населби, нелегално затворање цивили и претставници на граѓанското општество на окупираните територии, убиства и ритуални понижувања, фосфорни бомби, уништување болници и цели станбени населби и така натаму) .

 

Хамас не се разликува од ИСИС или Ал Каеда. Израел има право да го елиминира Хамас исто како што САД, Иран, Курдите и другите ја елиминираа ИСИС.

Тоа е погрешна аналогија. Ал Каеда никогаш немала упориште во локалните заедници. Тоа не беа домородни движења ‒ за разлика од организациите како ANC, IRA, PKK во Турција или Тамилските тигри во Шри Ланка. Ал Каеда беше составена од увезени мажи под оружје, без органска врска со Суданци или Авганистанци. Исто како ISIS. Хамас, од друга страна, на еден или друг начин (со значителна помош од Израел, кој сакаше да го направи Хамас внатрешен противник на PLO), засади длабоки корени во палестинското општество (особено во Газа) ‒ обезбедувајќи му на очајното население услуги што никој друг не можел или не сакал да му ги даде. Така што, дури и ако изберете да го наречете Хамас терористичка организација, фактички е погрешно да се тврди дека нема разлика меѓу Хамас и Ал Каеда или ИСИС. Ова е многу важно, бидејќи мировниот процес ќе мора да го вклучи Хамас (како што оној во Северна Ирска мораше да ја вклучи IRA).

 

Но, Хамас ги користи Палестинците како жив штит.

Израел и Палестина заедно формираат мала земја со две (доминантни) популации кои војуваат осумдесет години. Во толку затворен простор, не е можно да се води војна без „човечки штитови“. Со други зборови, идејата за војна која се води некаде во пустината меѓу вооружените борци од двете страни, далеку од цивилите, нема многу смисла. На пример: каде е штабот на израелската армија, која има многу повеќе простор за маневрирање од која било палестинска вооружена група? Во центарот на градот, среде густо населенiot Тел Авив! Дали ова значи дека израелската армија го користи цивилното население во соседните населби како жив штит? Дали палестинските борци (Хамас или кој било друг) имаат право да го срамнат со земја тој дел од градот, вклучително и блиските болници, и тоа да го опрадаат со тврдењето дека „израелската армија користи цивили како жив штит“? Ова е глупост, како и израелските објаснувања во кои огромните цивилни жртви се оправдуваат со повикување на аргументот „човечки штит“.

 

Очигледно, Хамас не се грижи многу за сопствениот народ, знаејќи добро дека Палестинците ќе бидат бомбардирани веднаш штом ќе бидат нападнати цели во Израел од Појасот Газа.

Ова е аргументот што го користат сите окупаторски сили за да ја префрлат вината за страдањата на цивилите врз оние кои организираат вооружен отпор спрема окупаторите. Секое движење на отпорот било обвинето дека ги ризикува животите на сопственото население земајќи го оружјето против огромната окупаторска сила. Во Грција ова беше аргументот на нацистичките соработници против движењето на грчкото отпор, бидејќи грчките партизани знаат дека ако нападнат нацистичка патрола, нацистите ќе убијат најмалку 10 Грци на секој убиен германски војник. Нацистите и нивните соработници беа согласни дека партизаните се единствено одговорни за криминалните репресалии на нацистите. Оттука произлегува заклучокот дека единствениот „хуман“ избор е да се согласиш со окупацијата. Дали израелските власти навистина веруваат дека таа линија на на расудување е добра идеја во овој момент? Не мислам така.

 

Палестинците кои живеат во Газа гласаа за Хамас и затоа не се невини.

Израелците треба да се воздржат од користење такви аргументи бидејќи тие лесно можат да бидат свртени и искористени против нив. Нетанјаху и министрите во геноцидната израелска влада (на пример, Безалел Смотрич, Бен‒Гвир) беа избрани врз јасна агенда за воени злосторства и етничко чистење. Тоа не ги оправдува и не може да ги оправда палестинските вооружени групи кои убиваат израелски цивили во верувањето дека тие се колективно одговорни за етничкото чистење на Палестинците. Самиот концепт на колективна вина, освен што е расистички, сам по себе е воено злосторство.

 

Ако Палестинците се навистина невини, зошто не ги екстрадираат членовите на Хамас во Израел?

Прво, членовите на Хамас се вооружени, па невооружените и немоќни цивили што Израел ги истребува со бомби, не може да ги екстрадира дури и да сакаат. Второ, да се обидеме да замислиме што им кажуваме на жителите на Газа со ваквите повици. Еве што им кажуваме:

Израелските војници го убиле дедото во 1948 година, ја земале маслиновата шумичка и куќата и го протерале семејството во Газа. После тоа израелските бомби го убиле твојот брат, неколку роднини и пријатели, мајка ти, а ти сè уште живееш во затвор на отворено каде што каде децата растат неухранети, без перспектива за пристојно образование, без шанси за пристојна работа, без можност за патување, без никаква надеж. На секои неколку месеци бомби паѓаат од небото, а израелските војници повремено влегуваат и пукаат во вас и вашите соседи неселективно. Оставени без друг лек за фрустрацијата и изгубеното достоинство, децата му се придружуваат на Хамас, како медицински сестри, учители, вооружени борци кои сакаат да возвратат на оган. И тогаш „цивилизираниот“ Запад ‒ кој со децении не кренал прст за да ве заштити ‒ го вперува прстот кон вас зашто вие не сте ги предале младите борци на армијата што ве убива и чии команданти одговараат на влада која веќе гордо објави дека немате шанси да станете рамноправни граѓани на ниту една држава. И ова се случува во време кога Западот многу добро знае каква судбина ќе ја снајде Газа доколку Хамас се предаде: етничко чистење од ист вид како она што брзо се спроведува на Западниот Брег, каде Хамас не е ни присутен.

Ви велам, драги читатели, ние Европејците и Американците треба да ја наведнеме главата и да се срамиме од самата помисла да им го кажеме ова на луѓето што живеат во Газа.

 

Зошто не се согласувате дека Хамас, фундаменталистичка исламистичка организација која не го толерира не само Израел, туку и секуларните луѓе како вас, мора да биде елиминирана за да можат луѓето од Газа да се вратат во нормален живот?

Што значи да се елиминира Хамас? Кој е Хамас? Дали треба да се „елиминираат“ медицинските сестри вработени во Министерството за здравство со кое раководи Хамас во Газа? Наставниците вработени во Министерството за образование кое го води Хамас? Заборавате дека, за разлика од Ал Каеда, која никогаш не била поврзана со авганистанските заедници, Хамас е длабоко интегриран во општеството во Газа. Во оваа смисла, барањата на Нетанјаху и геноцидните израелски политичари се пологични и поконзистентни од предлозите (можеби од добронамерни луѓе) кои бараат искоренување на Хамас за Палестинците да живеат среќно до крајот на животот. Бидејќи Нетанјаху и неговите соработници планираат да убијат точно онолку жители на Газа колку што е потребно за да ги принудат преживеаните да се преселат од Газа во пустината Синај или во некоја земја подготвена да ги прими. Накратко, луѓето кои веруваат во проект за физичко елиминирање на секој поврзан со Хамас всушност го поддржуваат геноцидот во Газа (што е само еден чекор на патот кон ставање крај на геноцидот на Западниот Брег).

 

Каква требаше да биде реакцијата на Израел по нападот на Хамас на 7 октомври?

На прво место е должноста на израелската армија да ги неутрализира напаѓачите. Од друга страна, должноста на израелската влада е да ги ослободи заложниците однесени од Хамас во Газа ‒ што ќе повлече преговори во кои ќе биде вклучена меѓународната заедница. Не на трето место е должноста што израелската влада ја има кон израелското општество, должност што израелските влади ја избегнуваа со децении, а тоа е да го објават крајот на апартхејдот и да се помират со фактот дека сè додека Израел ги принудува Палестинците да живеат под режим на апартхејд, насилството секогаш ќе раѓа ново насилство, поради што нема да има живот во мир за Израелците.

 

Израел е држава на апартхејдот и затоа мора да се спротивстави ‒ ако е потребно и со оружје

 

Дали навистина мислите дека Израел им наметнува живот на апартхејд на Палестинците?

Не мора да ми го прифаќате зборот. Слушнете што има да каже поранешниот директор на Мосад, Тамир Пардо за тоа: „... Механизмите на Израел за контрола на Палестинците, од ограничување на движењето до примена на законите за војна ‒ додека го применуваат граѓанското право за еврејските доселеници на окупираните територии ‒ се совпаѓаат со методите што некогаш се користеа во Јужна Африка… Ова е држава на апартхејдот“, рече Пардо. „Ако два различни правни системи важат за две групи луѓе на иста територија, тоа е апартхејд.“ И Пардо не е единствениот што го тврди тоа. Поранешниот претседател на Кнесетот, Аврахам Бург, и познатиот израелски историчар Бени Морис се меѓу 2.000 израелски и американски јавни личности кои неодамна потпишаа изјава во која се потврдува дека „Палестинците живеат под режим на апартхејд“.

 

Сакаш да кажеш дека има сличности меѓу ANC на Мандела и убијците на Хамас?

Оние кои беснеат поради споредбата на јужноафриканскиот и израелскиот апартхејд треба да запомнат дека Нелсон Мандела никогаш не се сомневал дека Палестинците живеат под апартхејд. [Исто така, Израел никогаш не криел дека бил еден од најважните сојузници на белиот расистички режим во Преторија.]

Дезмонд Туту, уште еден херој на отпорот против апартхејдот во Јужна Африка, исто така немаше илузии за израелскиот апартхејд и страдањата на Палестинците.

 

Зошто Палестинците не се обидуваат мирно да ги постигнат своите цели?

Се обидоа. PLO го призна Израел и се откажа од вооружената борба. Што добија за возврат? Апсолутно понижување и систематско етничко чистење на Западниот Брег и во Источен Ерусалим. Ова придонесе за зајакнување на Хамас, кој во очите на многу Палестинци е единствената алтернатива на геноцидот ‒ поради што Хамас ја освои власта во Газа.

 

Патот напред

 

Што е со антисемитизмот? Нели е и тоа зло?

Секако дека е. Антисемитизмот е длабоко вкоренет на Запад и во остатокот од светот и ние секогаш мора да се бориме против него. Нашето прашање е ова: дали геноцидот извршен врз Палестинците придонесува или ја попречува борбата против антисемитизмот? Моето конкретно прашање до Европејците, кои чувствуваат потреба да го поддржат Израел по секоја цена, што и да прават Израелците, првенствено поради нашата колективна вина во врска со холокаустот, е: До каде треба да оди Израел во етничкото чистење на Палестинците за нашето целосно заслужено чувство на вина за антисемитизмот и холокаустот во Европа конечно да ни шепне дека веќе не можеме да го толерираме новото етничко чистење што Израел го спроведува против Палестинците? Со други зборови: Колку палестинска крв ќе ни треба за да ја измиеме вината за холокаустот? НИКОГАШ ВЕЌЕ значи НИКОГАШ ВЕЌЕ ЗА СИТЕ И ЗА СЕКОГО – за Евреите, за Палестинците, за сите.

Моето гледиште за антисемитизмот е изложено во оваа опширна статија напишана долго пред нападот на Хамас.

Линк

 

Западот мора да сфати дека единствениот план за решавање на палестинското прашање што го има Израел во моментов е да изврши геноцид.

Ова отворено ни го кажува израелската влада, но и лидерите на опозицијата. Тие отфрлаат секаква помисла за можноста за посебна палестинска држава, како и идејата за единствена држава во која Палестинците ги уживаат истите граѓански и политички права и слободи како Евреите. Какви опции има во тој случај? Етничко чистење, апартхејд или геноцид. Израелските власти не ја кријат намерата да ги анектираат сите окупирани територии и етничко да ги исчистат Палестинците (освен можеби мал дел од оние кои ќе го прифатат статусот на граѓани од втор ред, а на израелските господари им се потребни како неквалификувана работна сила). Исто така, со децении (и сè повеќе по 7 октомври), израелските власти му кажуваат на светот нешто навистина морничаво:

Израелската армија има право да го УБИЕ СЕКОЈ ПАЛЕСТИНЕЦ во Газа, Источен Ерусалим или Западниот Брег. Вооружени мажи, невооружени мажи, новинари, жени, стари лица, лекари, медицински сестри и фармери ‒ кого и да го убие Израел тој официјално ќе биде прогласен за легитимна цел како директен извршител или како жив штит (чија смрт е вина на Палестинците кои се кријат зад човекот штитови ) или како соучесник по етничка припадност (поради изразено симпатии за движењето на отпорот). Дури и за еднодневните бебиња тврдат дека има оправдување за нивната смрт, бидејќи веројатно би пораснале во терористи.

 

Што може да се направи сега? Како да се донесе мир во Израел и Палестина?

Глобална кампања за бојкот, повлекување на инвестициите и санкционирање на Израел и Хамас додека не се воспостави прекин на огнот, додека не се ослободат сите заложници (оние на Хамас како и илјадниците заложници кои ги држи Израел), додека Израел не ја признае државата Палестина, и додека, под покровителство на Обединетите нации и со поддршка на меѓународната заедница не започне мировен процес кој ќе стави крај на апартхејдот и ќе донесе еднакви граѓански права и политичка слобода за сите. Дали резултатот од тој процес ќе биде една сојузна држава или две мултиетнички држави кои ќе ја делат територијата на античка Палестина, мора да одлучат самите Израелци и Палестинците.

 

Да, но вие и DiEM25, движењето на кое припаѓате, веќе поддржавте решение кое вклучува една секуларна држава.

Да, тоа е точно. Но, тоа е само наше мислење. Како интернационалисти, ние сме должни да имаме мислење за сите важни прашања и политички конфликти низ светот ‒ што, се разбира, не значи дека сакаме да им кажеме на директно инволвираните луѓе што да прават. Што се однесува до мене, покојниот Едвард Саид ме убеди дека решението со две држави е неодржливо (барем од гледна точка на прогресивните интернационалисти) и дека единствениот хуман исход е решението со една држава. Во однос на DiEM25, пред две години имавме долга и жестока дискусија што доведе до усвојување на овој заеднички став. Но, за да не бидам сфатен погрешно, ова мора да го решат Палестинците и Израелците.

Како меѓународна заедница, ние сме должни да им помогнеме на нашите израелски и палестински пријатели и другари да го соборат апартхејдот, да го искоренат антисемитизмот и да ја надминат нетрпеливоста, така што без разлика кое конкретно решение ќе биде усвоено, сите народи кои живеат, работат и сонуваат на територијата на античка Палестина ќе ги добијат истите граѓански права и политички слободи.

 

Анекс 1 ‒ Што вели меѓународното право

Римски статут на Меѓународниот кривичен суд ‒ геноцид

Член 6(в): Намерно изложување група луѓе на услови за живеење кои треба да доведат до нивно целосно или делумно уништување;

Член 25(3)(в): Со цел да се олесни извршувањето на кривично дело, помага, поттикнува или на друг начин придонесува за негово извршување или обид за извршување, вклучително тука и обезбедување средства за извршување кривично дело;

Член 25(3)(д): Во врска со кривичното дело геноцид, директно или јасно ги поттикнува другите да извршат геноцид;

Женевска конвенција член 8(2)(а)(i): Намерно убивање

Член 8(2)(а)(ii): Мачење или нечовечко постапување.

Член 8(2)(а)(iii): Намерно нанесување непотребно страдање, тешки телесни повреди или нарушување на здравјето.

Член 8(2)(а)(iv): Огромно уништување и присвојување на туѓ имот што не може да се оправда со воена нужност, а кое е извршено незаконски и безобзирно.

Член 8(2)(а)(vii): Незаконско протерување или преместување и незаконско задржување лица. Други сериозни прекршувања на законите и обичаите на војна кои се применуваат во меѓународен вооружен конфликт, според утврдените правила на меѓународното право.

Член 8(2)(б)(i): Намерно насочување напади против цивилното население или против индивидуални цивили кои не се директно вклучени во конфликтот.

Член 8(2)(б)(ii): Намерно таргетирање напади врз цивилни објекти, т.е. врз објекти кои не се воени цели.

Член 8(2)(б)(iii): Намерно таргетирање персонал, инсталации, материјали, единици или возила ангажирани во хуманитарна помош или мировна мисија во согласност со Повелбата на ОН, сè додека тие имаат право да заштитат или да пружат помош на цивили или цивилни објекти според меѓународните закони кои важат за вооружени конфликти.

Член 8(2)(б)(iv): Намерно започнување напад, знаејќи дека таквиот напад ќе предизвика колатерална штета или повреда на цивили или оштетување на цивилни објекти или ќе предизвика голема, долгорочна и сериозна штета на животната средина, што би било очигледно непропорционално со очекуваните, конкретни и непосредни воени перформанси.

Член 8(2)(б)(ix): Намерно таргетирање верски, образовни, уметнички или научни објекти или објекти кои се користат за добротворни цели, историски споменици, болници и места каде што се собираат болните и ранетите, под услов да не се воени цели.

Член 8(2)(б)(xii): Изјавување дека против непријателот нема да се постапува со милост.

Член 8(2)(б)(xiv): Намерни напади врз објекти, медицински единици, транспортни средства и медицински персонал кои користат очигледни ознаки наведени во Женевските конвенции во согласност со меѓународното право.

Член 8(2)(б)(xx): Употреба на оружје, проектили, материјали и методи на војување кои се од таква природа што предизвикуваат сериозни повреди или непотребно страдање или го прекршуваат меѓународното право за вооружен конфликт, под услов таквите оружје, проектили, материјали и методи на војување да се забранети и вклучени во анексот на овој Статут а во склад се со со соодветните одредби наведени во членовите 121 и 123.

Член 8(2)(б)(xxv): Намерно прибегнување кон гладување на цивили како метод на војување, базирано на лишување од храна неопходна за нивниот опстанок.


Превод: Н. Г.

Извор за текстот: DiEM25, 20.11.23.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото