Зошто ми е забранет влезот во Германија

02.05.2024 12:30
Зошто ми е забранет влезот во Германија

Додека ги пишувам овие редови забрането ми е не само да стапнам на германско тло туку и преку видео линк да учествувам на кој било настан во Германија. Зошто?

На осми октомври, еден ден откако Хамас го нападна Израел, бев во Берлин и дознав за настаните од претходниот ден за време на ТВ интервју. На прашањето „Дали го осудувате Хамас?“, одговорив:

„Го осудувам секое злосторство, кој и да е сторителот или жртвата. Она што не го осудувам е вооружениот отпор против системот на апартхејд осмислен како дел од забавената но неумолива програма за етничко чистење. Мислам дека е важно како Европејци да се воздржиме од осудување кој било Израелец или Палестинец кога ние, Европејците, сме тие што ја предизвикаа оваа бескрајна трагедија: бидејќи со векови практикувавме екстремен антисемитизам, што доведе до исклучително страшниот Холокауст, со децении сме учесници во бавниот геноцид над Палестинците, небаре две неправди прават една правда“.

Неколку дена подоцна австриската Академија за ликовни уметности ја повлече поканата да одржам предавање во рамки на престижниот серијал „Ото Вагнер“. Потоа, на 16-ти февруари, во берлинското кино Вавилон беше одржана премиерата на филмот „Во окото на бурата: политичката одисеја на Јанис Варуфакис“, шестделен документарец на британскиот режисер и филозоф Раул Мартинез. Полицијата го притиснала сопственикот на Вавилон да го откаже настанот. Прашани за причините, надлежните одговориле едноставно: „Варуфакис“. Пркосејќи, сопственикот на Вавилон, инаку Евреин, ѝ рекол на полицијата дека нема да попушти. Беше навистина трогателно да се види како стои солидарно заедно со еврејските, палестинските и германските поддржувачи и ја спречува полицијата да изврши рација.

Ирис Хефетс

Пред еден месец мојот германски издавач Verlag Antje Kunstmann ми испрати мејл во кој ме предупредува дека моето учество на Палестинскиот конгрес, кој требаше да се одржи на 13 и 14 април во организација на мојата политичка партија во Германија (МеРА25) и Еврејскиот глас за мир, ќе ги „засени“ моите следни книги во Германија. Така заврши врската со издавачот кој последниве десетина години ми објави шест книги во Германија.

Додека растеше бројот на мртви тела во Газа, а сослушувањата пред Меѓународниот суд на правдата ја доведуваа во прашање германската официјална политика Staatsräson (безбедноста на Израел е германска raison d'etre, цел на постоењето), властите почнаа со испади. Ќе го наведам примерот на мојата колешка Ирис Хефетс. Израелската психоаналитичарка која живее во Берлин, Ирис, беше уапсена под обвинение за антисемитизам зашто сама одела по улица со транспарент на кој пишувало. „Израелка и Еврејка: запрете го геноцидот во Газа.“

Гасан Абу Сита, британско-палестински хирург и ректор на Универзитетот во Глазгов, на 12-ти април бил спречен да влезе во Германија за да ни се придружи на Палестинскиот конгрес. По неколку часа испитување на аеродром бил депортиран во Обединетото Кралство. Во меѓувреме, 2500 полицајци се мобилизирале пред просторот во кој требаше да се одржи конгресот и ги вознемирувале присутните. Бил уапсен еврејски активист кој имал транспарент на кој пишувало „Евреи против геноцидот“. Додека го носел, во полушега ги прашал полицајците: „Дали ќе беше во ред ако пишуваше 'Евреите го поддржуваат геноцидот'?“

Нашиот конгрес почна со малубројната публика која успеала да се пробие низ полицискиот кордон. Пред да ѝ се обратам на публиката преку видео линк, полицијата упаднала во салата, ги грабнала микрофоните и ги искорнала каблите на опремата за жив пренос. Го снимив говорот што не успеав да го изнесам пред публиката и го поставив на мојот приватен блог. На властите не им се допадна тоа.

Во саботата на 13-ти април ми беше издадена забрана за каква било политичка активност, Betätigungsverbot, која досега е користена само неколку пати против оперативци на Исламската држава. Нашите адвокати ги потсетија надлежните дека освен што сум државјанин на ЕУ, во 2019-та година бев кандидат во Германија за Европскиот парламент, кога освоив респектибилни 135000 гласови. По долгата, срамна тишина, Betätigungsverbot беше заменет со „поблагата“ забрана за влез, Einreiseverbot. Германските власти до денес ги одбиваат моите барања за писмено образложение.

Очигледно е дека германската Staatsräson не ги штити Евреите. Станува збор за заштита на правата на Израел да изврши какво било воено злосторство по сопствен избор. Сето тоа е тажна рефлексија на економската моќ во опаѓање, која го прифаќа сè пофарсичниот авторитаризам.

Извор: https://www.newstatesman.com/

ОкоБоли главаВицФото