Што навистина сака Хамас?

29.07.2014 12:30
Што навистина сака Хамас?

Откако е кажано сè што може да се каже за Хамас: Дека е фундаменталистички; дека е недемократичен; дека е суров; дека не го признава Израел; дека пука на цивили; дека крие муниција во училишта и болници; дека не го заштити населението на Газа - после сè што е кажано, и тоа со право, треба да се запре и да се сослуша Хамас; можеби дури можеме да се ставиме во нивна кожа, можеби дури и да ја цениме смелоста и издржливоста на овој наш заколнат непријател во тешки услови.

Но, Израел повеќе сака да ги затне ушите на барањата на другата страна, дури и кога тие барања се праведни и кога се во склад со долгорочните интереси на самиот Израел. Израел порадо немилосрдно ќе удира врз Хамас, без никаква друга цел освен одмазда. Овој пат тоа е особено очигледно: Израел вели дека не сака да го сруши Хамас - дури и Израел сфаќа дека наместо него ќе ја добие Сомалија - но не сака ни да ги сослуша барањата на Хамас. Дали сите тие се „животни“? Да речеме дека е така. Но тие се тука и ќе останат тука, дури и Израел мисли дека е така, па тогаш зошто да не ги сослуша?

Минатата недела беа објавени 10 услови во име на Хамас и Исламскиот џихад, за 10-годишно примирје. Можеме да се сомневаме дали се тоа нивистина барања на тие организации, но тие би можеле да послужат како добра основа за договор. Меѓу нив нема ниеден неоснован услов.

Хамас и Исламскиот џихад бараат слобода за Газа. Има ли поразумно и поправедно барање? Нема начин да се спречи денешниот циклус на убивања, а да не добиеме нов круг за неколку месеци, ако тоа не се прифати. Ниедна воена операција, од воздух, од копно или море, нема да донесе решение, само суштинска промена на ставот кон Газа може да го донесе она што сите го бараат: затишје.

Прочитајте го списокот на барања и кажете искрено дали тука има барем едно неправедно барање: повлекување на израелската војска и дозвола за земјоделците да ја обработуваат својата земја сè до оградата; ослободување на сите затвореници разменети за Гилад Шалит кои повторно се уапсени; прекин на опсадата и отворање на премините; отворање на пристаништата и аеродромите под заштита на ОН; проширување на зоната за риболов; меѓународна контрола на преминот кај Рафа; израелска гаранција за 10-годишно примирје и затворање на воздушниот простор на Газа за израелски авиони; дозвола за жителите на Газа да го посетуваат во Ерусалим и да се молат во џамијата Ал Акса; израелска гаранција дека нема да се меша во внатрешните прашања на палестинската политика како владата за национално единство; отворање на индустриските зони во Газа.

Ова се цивилни барања, средствата за нивно постигнување се воени, насилни и криминални. Но горчливата вистина е дека кога Газа не испукува ракети врз Израел, никој не се грижи за неа. Погледнете ја судбината на палестинските водачи на кои им беше доста од насилство. Израел направи сè што можеше за да го уништи Махмуд Абас. Депримирачка порака? Само силата успева.

Денешната војна е прашање на избор, избор кој го имавме. Точно, бидејќи Хамас почна да испукува ракети, Израел мораше да одговори. Но, за разлика од она што израелската пропаганда се обидува да го протне, ракетите не паднаа од небо туку така. Да се вратиме неколку месеци наназад: израелски прекин на преговорите; војна против Хамас на Западниот брег по убиството на тројцата ученици, за што постои сомнеж дека Хамас не го планирал, вклучувајќи и лажно апсење на 500 активисти на Хамас; запирање на исплатата на платите на работниците на Хамас во Газа и израелско противење на владата за национално единство, која можеше да ја воведе оваа организација во политичката сфера. Секој што мисли дека ова можеше да биде прифатено без приговор веројатно страда од ароганција, самодопадливост и слепило.

Застрашувачка количина крв се лее во Газа - во помала мера и во Израел. Таа крв се пролева залудно. Хамас е поразен од Израел и понижен од Египет. Единствената шанса за вистинско решение е нешто спротивно од ова што го прави Израел. Пристаниште во Газа, каде би можеле да ги извезуваат своите одлични јагоди? За Израелците тоа е недозволиво. Повторно порадо се зема (палестинска) крв наместо (палестински) јагоди.

Извор: Haaretz, 20.7. 2014.

ОкоБоли главаВицФото