1023 hPa
100 %
7 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 22:59
После првото дете никој не ни трепна; после 50-то, немаше ни благ потрес на авионското крило; после 100-то, престанаа да бројат; после 200-то, го обвинија Хамас. После 300-то, ги обвинија родителите. После 400-то дете, смислуваа изговори; после (првите) 498 деца, повеќе никој не се грижи.
Потоа уследи првото наше дете и Израел се шокираше. Навистина, се кине срцето кога ја гледате сликата на 4-годишниот Даниел Трагерман, убиен во петок навечер во својатак куќа во Шар Ханегев. Убаво дете, кое еднаш се сликаше во аргентински фудбалски дрес, сино-бел, со бројот 10. Кое срце не би се скршило над таа слика, и кој не би вреснал дека детето е криминално убиено. „Еј, Лео Меси, види го тоа дете“, пишуваше во една порака на Фејсбук, „ти му беше херој“.
Одеднаш смртта има лице и сонливи сини очи и светла коса. Мало тело кое никогаш нема да порасне. Одеднаш смртта на малото дете има некакво значење, одеднаш е шокантна. Тоа е човечки, разбирливо и потресно. Човечки е и убиството на израелското дете, нашето дете, да побуди посилно поистоветување отколку смртта на туѓото дете. Она што е несфатливо е израелскиот одговор на убиството на нивните деца.
Во свет каде има барем малку добрина, децата би биле изоставени од суровата игра наречена војна. Во свет каде има барем малку добрина, би било невозможно да се сфати тоталната речиси монструозна бесчувствителност пред смртта на стотици деца - не наши, ама од наша рака. Замислете дека стојат во ред: 478 деца, во завршното одделение на смртта. Замислете како носат дресови од Меси - и некои од тие деца некогаш ги носеле, пред да загинат; и тие го сакаа Меси, како нашиот Даниел од кибуцот. Но нив никој не ги гледа; нивните лица не се гледаат, никој не е шокиран од нивната смрт. За нив никој не пишува: „Еј, Меси, види го тоа дете“. Еј, Израел, види ги тие деца.
Челичниот ѕид на негирање и нечовечност го штити Израел од срамните дела на неговите раце во Газа. И навистина, тешко е да се сварат овие бројки. За стотици убиени мажи би можело да се тврди дека биле „вмешани“; за стотици жени дека биле „живи штитови“. За малиот број деца, би можело да се каже дека најморалната војска на светот немала намера да ги убие. Но, што да кажеме за речиси 500 убиени деца? Дека IDF не сакала намерно, 478 пати? Дека Хамас се криел зад нивните грбови? Дека затоа нивното убивање е легитимно?
Можеби Хамас навистина се криел зад некои од тие деца, но сега Израел се крие зад Даниел Трагерман. Неговата судбина веќе се користи за заташкување на сите гревови на IDF во Газа.
Вчера на радио веќе зборуваа за „убиство“. Премиерот веќе го нарече убиството „терор“, но стотиците деца во Газа во своите нови гробови не се жртви на убиство и терор. Израел морал да ги убие. И на крајот на краиштата, што се Фади и Али и Ислам и Разек, Махмуд, Ахмед и Хамуди - во споредба со нашиот единствен Даниел.
Мораме да ја признаеме вистината: палестинските деца во Израел се сметаат за инсекти. Тоа е страшна изјава, но нема друг начин да се опише атмосферата во Израел во летото 2014. Кога за шест недели ќе се убијат повеќе стотици деца; нивните трупови затрупани од урнатини се натрупуваат во мртовечниците, понекогаш дури и во замрзнувачи, бидејќи нема друг простор; кога нивните занемени родители ги носат телата на своите малечки како најприродна работа, кога нивните погреби се менуваат, 478 пати - дури ни најбесчувствителниот Израелец не може да остане рамнодушен.
Некој овде мора да стане и да викне: Доста. Многуте оправдувања и објаснувања нема да помогнат - не постои дете кое смеете да го убиете и дете кое не смеете да го убиете. Тоа се само деца убиени за ништо, стотици деца чија судбина не допира до никого во Израел, и едно дете, само едно, околу чија смрт луѓето се обединуваат во жалоста.
Извор: Haaretz, 24.08.2014.