1025 hPa
87 %
10 °C
Скопје - Сре, 16.10.2024 07:59
Еве уште една кулминација на лицемерието и отсуството на самосвест: претседателите на универзитетите во Израел објавија писмо во кое велат дека се возменирени од манифестациите на насилство, антисемитизам и антиизраелски ставови во кампусите во САД и се обврзуваат да им помогнат на Евреите и Израелците да бидат примени на овдешните универзитети. Со други зборови: дојдете на Ариел1. Дојдете на украдената земја, во срцето на апартхејдот, да учите за граѓанските и човековите права и слободи. На Ариел, како и на сите останати универзитети во земјата ќе видите што се слобода и еднаквост. Тука ќе најдете засолниште за Евреите кои ги прогонуваат во Америка. Сигурно место во светот за Евреите: Ариел.
Драги челници на универзитетите, зарем вие прекорувате некого? Ако намерата ви била да предложите засолниште за еврејските студенти од САД, немате што да им понудите. Во најбурните денови кампусот Колумбија е побезбеден за Евреите од патот до Хебрејскиот универзитет во Ерусалим. Секој арапски студент се чувствува помалку пријатно на вашите универзитети од кој било еврејски студент на Колумбија.
Можеме да се посомневаме и во интензитетот на предочената опасност. „Како Еврејка и Израелка не чувствувам страв и закана по прашањето на личната безбедност“ напиша Ноа Орбах, студентка на Колумбија, на 26 април во Харец. Израел сака да ја преувеличува опасноста која ги демне Евреите во светот и тоа да го користи. Тоа може да го зголеми доселувањето на Евреите во Израел, а добро го поткрепува митот за Израел како засолниште. Не дека во светот нема антисемитизам, но кога сè е антисемитизам, Израел е ослободен од секаква вина.
Не би ви штетела малку скромност, драги претседатели: вашата академија може само да биде љубоморна на она што сега се случува на кампусите во САД. Така изгледа кампус чии студенти имаат граѓанска свест и кои се политички ангажирани. Така изгледа жив, бунтовен и возбудлив кампус за разлика од досадната гробарска атмосфера во израелските.
Точно е дека антиизраелските демонстрации на некои места преминаа во антисемитизам и насилство, но помалку отколку што се зборува во Израел. Сепак, при изборот помеѓу рамнодушен, задоволен и отмен кампус и кампус што се тресе, кој се грижи и е радикален, втората опција е подобра. Тука можеме само да сонуваме за борбени наставници и студенти какви што има во САД. Само тие можат да ја обезбедат следната генерација. Во пустошите на нашите кампуси не можат да се изродат никакви социјални и политички ветувања.
Студентите во Америка покажуваат дека се вклучени и дека се грижат, дури и кога се насилни и губат контрола. На универзитетите во Израел нема шанси да избијат протести против војната која се случува на некој далечен континент. Во добри денови кај нас ќе избие протест заради висината на школарините или заради условите во кои студираат студентите резервисти. Во малку подобри денови грст израелско-палестински студенти ќе стојат на вратите на универзитетите за во тишина да го одбележат Денот на Накбата, опкружени со десетици вооружени полицајци.
Претседателите на универзитетите го кријат и ловот на вештерки кој се одвива во нивните институции, особено по избивањето на војната. Неколку дена по почетокот на војната, здружението на студентите на универзитетот во Хаифа објави дека ќе работи на суспензија на оние кои ќе се осудат да ја објават поддршката за Палестинците. „За нас во овој период не е важна слободата на изразувањето“ напишаа. Така почна макартизмот на академијата чија кулминација беше суспензијата на професорката Надера Шалуб Кеворкијан2. Духот на времето, чиј важен дел е академската заедница, во кој израелски инженер бил отпуштен зашто цитирал извадок од Куранот на социјалните мрежи, многу помалку ги вознемирува претседателите на универзитетите отколку она што се случува во Америка.
Протестите во САД би требало да го загрижуваат Израел3. Еден дел се претвори во омраза и повик на негово уништување. Како и секогаш, треба да се тргне од коренот на нештата. Студентите во САД гледаат многу подалеку од ужасните воени закани во Газа отколку нивните самозадоволни израелски колеги: протестот немаше ни да избие ако не беа војната, окупацијата и апартхејдот.
(1) Израелски универзитет на Западниот брег.
(2) Суспендирана од Хебрејскиот универзитет заради дадена изјава во подкаст дека во Газа се одвива Геноцид над Палестинците.
(3) Во Израел сметаат дека американските студенти се незнајковци, а нивните протести ги отпишуваат како антисемитски. Меѓутоа, освен што имаат етички аргументи, студентите се и добро информирани. Нивните барања во кои бараат да се прекине соработката со израелските институции, во случајот со телавивскиот универзитет значи укинување на заедничките студиски програми со универзитетите Колумбија и Џон Хопкинс.
Превод: Алек Кузмановски
Карикатури: Harm Bengen
Извор: https://www.haaretz.co.il/