1007 hPa
94 %
17 °C
Скопје - Вто, 10.09.2024 21:59
Никогаш досега не сме имале ваква војна, војна со апсолутна согласност, во целосна тишина и со слепа поддршка. Војна без ниту еден глас против, без протест, без отфрлање на воената мобилизација, без опозиција. Ни на својот почеток ни на својот врв. Едногласна согласност и целосна поддршка, која ги исклучува арапските граѓани на кои им е забрането да се бунтуваат, без ниту едно прашање, па дури и сомнеж.
Дали војната во која загинаа речиси дваесет илјади луѓе во Газа, повеќето од нив невини, и ги уништи речиси сите домови и живеалишта во Појасот, е најоправданата војна во историјата на Израел? Ако не, како нема ниту еден глас кој повикува на прекин на крвопролевањето? Дури и зголемените загуби на израелската страна не го поставија прашањето до кога? И уште колку?
Повеќето од војните што ги водел Израел биле војни по избор. Речиси сите даваа поддршка на почетокот, но набрзо, кога се покажаше неговата страшна цена и бесполезност, започнаше отпорот. Откако ќе завршеа, мнозинството веќе имаше став против војната. Гледајќи наназад, многумина беа против. Така беше во двете неодамнешни војни во Либан и во сите напади на Газа и на Западниот Брег. Сите беа пократки од сегашната војна што ќе заврши со наш спас. А овојпат сите се за и никој ништо не прашува. Медиумите ги перат мозоците на граѓаните дење и ноќе на начин каков што досега не сме виделе. Дури и оние кои почнуваат да се сомневаат не се осмелуваат јавно да ги искажат сомневањата. Затоа што ќе победиме само заедно.
Тоа е резултат на војна што избувна по варварски и криминален напад, но која оттогаш не може да се ограничи. Војна без граници која не смее да се оспорува, на која не смееме да ѝ се спротиставуваме. Во очите на израелските Евреи, нејзиниот оправдан почеток го оправдува и секое продолжение. Сега, по два страшни месеци, редно е да почнат да се појавуваат сомнежи.
Во арапската заедница нема човек кој не го потресуваат сцените од Газа. Тоа се нивните браќа и братучеди. За разлика од Евреите, тие се изложени на реалноста во Газа која нам ни е ускратена од страна на пропагандните медиуми. Но, израелските Арапи не можат да протестираат. Актуелната власт им се заканува повеќе од која било досегашна власт, брутално ги замолчува и ги праќа во затвори. Израелските Арапи моментално живеат во страв од властите и еврејската јавност каква што не запознале од Накбата 1948-та година.
И во еврејската заедница, ако ја оставиме настрана огромната поддршка за војната заедно со сите злосторства што ја придружуваат, има такви кои почнуваат да го гледаат ужасот што го прави Израел. Но и овде стравот од одмазда е голем поради теророт на актуелната власт, улицата и „разочараните“. Резултатот е дека имаме војна на која никој не ѝ се противи.
Во Путиновата Русија има поотворено противење на војната во Украина отколку во наводно демократскиот Израел за војната во Газа. Не зашто двете војни се исти, во Украина војната е многу покриминална, туку во однос на средствата и резултатите тие стануваат сè повеќе слични. Страшни сцени, неописливо страдање на милиони невини, сосема залудно.
Страдањето на Газа не може да му биде корисно на Израел. Зимата се приближува и страдањата ќе се удвојат. Израел никогаш не предизвикал такво уништување и не убил толку многу деца и луѓе како во оваа војна. Кога јавниот дискурс се фокусира само на реалните и замислените воени достигнувања, бескрајно валкајќи се во израелското страдање и само во него, а од друга страна потиснувајќи секакво изразување на противење, резултатот е јасен. Што се однесува до Израелците, оваа војна може да трае бесконечно, а убивањето на жителите на Појасот Газа и неговото уништување засекогаш. Најморална и најправедна.
Слики: Roland Topor
Превод: Н. Г.
Haaretz, 14.12.2023.