Отворање на мултимедијалната изложба „Рефлексии”

26.04.2024 15:41
Отворање на мултимедијалната изложба „Рефлексии”

По повод 20 годишнината од постоењето на фестивалот „Танц Фест” во Мала станица, вечерва (26 април) во 20 часот ќе биде отворена мултимедијална изложба насловена „Рефлексии”.

По повод 20 годишнината од постоењето на фестивалот „Танц Фест” во Националната галерија на Македонија, објект Мала станица, вечерва (26 април) во 20 часот ќе биде отворена мултимедијална изложба насловена Рефлексии”. На настанот ќе бидат претставени фотографии од селектирани дела на Благој Мицевски и изложба на фотографии на реномираната уметница Карла Шу од Холандија.

Изложбата е составена од три дела: посетителите ќе имаат можност да видат дел од програмските материјали од почетоците на „Танц Фест”, на кои ќе се застапени дел од дизајните направени за фестивалот низ годините, на Лидија Божиќ и Јовица Јовановски, Горјан Донев, Русе Арсовски, Симона Димковска, Ивана Мојсова; како и фотографии од Сашо Димовски и Драган Перковски, кои во одредени периоди на фестивалот ги документираа настаните. Во вториот дел ќе бидат претставени фотографии од претстави, кои се дел од творештовото на истакнатиот костимограф Благој Мицевски, кои ги потпишуваат Јозеф Баринка, Дарја Штравис Тису, Павел Бреинер, Дејвид Базимор, Петар Ухан и Драган Перковски. Третиот дел е посветен на истакнатата холандска фотографка Карла Шу, која се претставува со серија портретни фотографии, во кои ја изразува суштината на фотографскиот портрет, каде што се заматуваат границите меѓу внатрешниот и надворешниот свет. Изложбата ќе ја отвори публицистот, новинар и документарист Диме Ратајковски.

Карла Шу студирала фотографија во Холандија, во моментов живее и работи во Амстердам и Франција. Во својот опус има огромен број на портрети од уметници, автори и музичари. Соработува со голем број на списанија, а има повеќе самостојни изложби во Холандија и во странство.

Сашо Димоски е роден во 1965 година во Охрид. Се занимава со фотографија и компјутерска графика. Дипломирал и магистрирал фотографија на Универзитетот ЕСРА, а работел во Македонската телевизија и пишувал за културните рубрики на „Утрински весник“ и магазинот „Глобус“. Од 2007 година бил и фотограф на археолошки истражувања, а свои фотографии и текстови објавувал и во електронското списание „Блесок“. Бил уредник на Галерија Блесок.

Драган Перковски професионално се бави со фотографија од 2006 година, започнува во дневниот весник „Утрински“, потоа во весникот „Време“, од 2007 до 2009, а потоа во весникот „Вест“, се до неговото затворање. Преку соработка со колеги, објавува фотографии во светските новински агенции Ројтер и АП.

Изложбата ќе биде отворена до 2 Мај 2024 година.

ОкоБоли главаВицФото