1017 hPa
38 %
23 °C
Скопје - Нед, 13.10.2024 15:59
Тенденциите на Русија да влијае врз политичко-економските состојби на Балканот не се феномен познат од вчера: официјална Москва, со децении, а може да се каже и со векови, има поизразена директна или индиректна улога во крупните општествени случувања во балканските земји, напори што оваа земја не ги ослабна ниту по тектонските нарушувања на полуостровот, кои настанаа по распадот на југословенската федерација, односно оттргнувањето на Бугарија од Варшавскиот пакт кон крајот на 1980-тите и во почетокот на 1990-тите години.
Руското влијание, според бројни анализи и укажувања, е присутно и во Македонија, а особено се засилува по февруари 2022 година, кога почна руската инвазија врз Украина. Така, на пример, Центарот за проучување на демократијата од Софија, во својата анализа за ширењето на дезинформациите и дестабилизирањето на демократиите во Југоисточна Европа од страна на Русија, тврди дека дури шест милијарди долари од руски извори се слеале прикриено и илегално во македонските финансиски текови од 2000 до 2020 година.
Според анализата, Македонија во последниве години е изложена на многу силно руско пропагандно влијание, а тоа е потпомогнато од илегално внесување руски пари преку политички партии, социјални групи и влијателни поединци преку кои Москва влијае и врз политичките одлуки во државава. Исто така, се посочува дека на малигно руско влијание не се имуни водечките медиуми и влијателни политички партии во регионот, како Левица во Македонија, Преродба и БСП во Бугарија, СНС и СПС во Србија, бугарската национална телевизија БНТ и РТРС во БиХ.
Добар дел од јавноста веќе од поодамна ја перципира Левица како проруска партија во земјава, длабоко навлезена во пропагандната машинерија на Кремљ.
Иако основните заложби ѝ се борбата за работнички права и социјална правда и демократизација на сите сфери на живеењето, многу често лидерот на партијата, Димитар Апасиев, но и неговите членови поддржуваат авторитарни и недемократски режими како што е тој на Русија.
Тие, во своите излагања, војната во Украина ја условуваат како „специјална операција“ и на таа линија, не само што ги следат руските наративи, туку и го користат истиот јазик.
Левица е евроскептична и анти-НАТО партија, која НАТО алијансата ја претставува како терористичка организација што креира конфликти и војни насекаде во светот и, наместо да биде сојуз за заштита, всушност е сојуз што пропагира војна, сѐ со цел поголемо производство на оружје, кое ќе ѝ донесе богатење. Во овие пораки партијата Левица сосема се поклопува со еден од поголемите наративи на Кремљ дека „Војната, всушност, се води меѓу Русија и НАТО, а не меѓу двајца братски народи“.
Левица не ја осуди руската агресија врз Украина и промовира блискост со рускиот режим
Левица, во повеќе наврати, ги осудила институциите и Министерството за одбрана за давање помош на Украина и следење на препораките на НАТО, тврдејќи дека тоа претставува вовлекување на државата во војна и дека земјата се претвора во протекторат на воената организација.
Кога сме кај ставовите за ЕУ, партијата смета дека местото на државата не е во ЕУ и дека таа и самата има многу проблеми, а, од друга страна, се однесува лицемерно кон нас и применува двојни стандарди. Според Левица, Северна Македонија треба да размислува за друга алтернатива спротивна на ЕУ, а тоа е евроазискиот пакт предводен од Русија и БРИКС. Со ваквата порака става до знаење дека Русија со евроазискиот пакт е другата алтернатива на ЕУ, што во целост е идентична со руската порака, кога станува збор за Унијата.
Левица, освен што ги шири наративите на Кремљ, исто така е и соработник и поддржувач на руската дипломатија во земјава и не ја испушта можноста да се сретне со рускиот амбасадор во Северна Македонија и да упати критика кон власта, која воведе санкции кон Русија и јавно ја осуди воената агресија. На Вториот пленум на Левица, на кој за лидер повторно беше избран Димитар Апасиев, присуствуваше рускиот амбасадор Сергеј Баздникин, кој и самиот изрази благодарност што му била укажана ваква чест.
Освен блискоста до Русија, партијата Левица отворено зборува за тоа колку е важна соработката и со Кина, па така нивниот подем најавува една нова геополитичка слика. Во новиот мултиполарен свет, малите земји како Северна Македонија, ако сакаат да опстојат, мора да играат со сите големи сили, а западната глобализација мора да биде сопрена, па макар и со војна.
Претставниците на партијата остваруваат работни средби и со кинескиот амбасадор, изразувајќи надеж дека во блиска иднина ќе се интензивира соработката во сите области од заеднички интерес за двете земји, со посебен акцент на образованието, како и потребата да се искористат сите можности што ги нуди иницијативата „Појас и пат“ и организацијата БРИКС.
Нивната соработка не ја ограничуваат само на дипломатскиот кор. Партијата, исто така, има соработка и со Комунистичката партија во Кина. Од испраќање пријателски писма до учество на Светскиот самит на Комунистичката партија на Кина, партијата не пропушта да истакне важни теми, како потребата од надминување на постоечкиот западен неолиберален поредок и неизбежното раѓање на еден нов и поправеден мултиполарен свет.
За Родина ЕУ и НАТО се „вештачки воено-хушкачки творби“, кои само што не се распаднале
Во земјава, освен Левица, како помала парламентарна партија што ги следи проруските ставови и се надоврзува на руските дезинформациски наративи, постојат и други мали партии, кои, иако немаат големо влијание, сепак во сферата на своето дејствување го делат гласачкото тело и на своите поддржувачи им пропагираат антизападна реторики.
Една од нив е и партијата Родина, која на својата официјална веб-страница истакнува дека вештачките воено-хушкачки творби ЕУ и НАТО, кои ни се распаѓаат пред очи, наскоро нема да постојат и нивната програмска цел е да ја подготват Македонија за надоаѓачката геостратешка реалност и единствена природна опција за следните најмалку 100 години, а тоа е идејата на Шарл де Гол за Евроазија, од Лисабон до Владивосток, како заедница на слободни и суверени народи.
Родина, иако се декларира за македонска родољубива платформа, ја користи руската реторика за изгубен идентитет и таа пробува да сее страв од бришење на националниот идентитет на Македонците. Предизвикувајќи со тоа конфликт меѓу сите што не се согласуваат со нивната реторика, карактеризирајќи ги како предавници и слуги на западните служби. Истакнатите поддржувачи на партијата шират и анти-ЛГБТ сентимент, сметајќи дека тоа се идеи, кои се туѓи за македонскиот народ и за народностите што живеат во С. Македонија и, притоа тврдат дека следењето на „неолибералните идеологии, кои го разоруваат традиционалното македонско семејство, природните односи во него, ќе доведе до целосно уништување на општеството“.
И во оваа инстанца, тие сосема се совпаѓаат со наративот дека „Путин е бранител на традиционалните вредност наспроти декаденцијата што доаѓа од Западот“.
Друга помала политичка партија, која меѓу основните цели и задачи има наведено „вклучување на Република Македонија во Евроазиската економска унија и стратешко партнерство со Русија, како рамноправен и респектиран субјект во меѓународните односи“, е Единствена Македонија. Претседателот на Единствена Македонија, Јанко Бачев, во своите објави истакнува дека Турција, членка на НАТО, промовирала неутралност во војната во Украина, како и дека „македонските марионетски власти, наместо да одберат принципиелна и неутрална политика во однос на војната, одбрале лигавење“. И покрај неточноста на овие тврдења, сепак неговите објави имаат значителен број реакции.
Претседателот на Македонска акција – Конзервативна партија (МААК), Страшо Ангеловски, исто така, е познат по своите чести јавни истапувања и коментари со очигледни антизападни и проруски наративи. Во колумната од 11.1.2024 година, на порталот „Денешен“, насловена „Залезот на Западот“, го критикува концептот на западната либерална демократија и тврди дека таа неминовно оди кон пропаст, што сосема се поклопува со наративите и со пропагандата на Русија.
На 5.10.2023 година, пак, на истиот веб-портал, Ангеловски има колумна насловена „Нацистичките вредности – врв на западната ‘демократија’“, каде што со своите наоди имплицира дека руската инвазија врз Украина, всушност, е оправдана, поради тоа што Русија морало да се одбрани од напливот на нацизам и фашизам кај својот сосед.
Лидерот на ГРОМ, вината за руската агресија ја префрли на „комичарот Зеленски“
Политичката партија ГРОМ, во својот статут, како политичка цел има наведено: „интегрирање на Република Македонија во светските политички и економски текови…“, при што не е прецизно јасно искажано дека се залага за евроатлантските интеграциски текови, што значи дека партијата остава простор за алтернативни поврзувања на Македонија со Русија, нејзините евроазиски сојузи, итн. Пет години пред руската инвазија врз Украина, лидерот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, во интервју за руското пропагандно гласило „Спутник“, се пофали дека нема друга партија во Македонија што заговара Македонија да биде воено неутрална зона.
Но, и Стевчо Јакимовски не остана воопшто неутрален во однос на руската воена агресија во Украина, туку се покажа како пропаганден спинер, кој се обиде вината за руската агресија да ја префрли на „комичарот Зеленски.“
Најголемата партија на Србите во Македонија (ДПС), политичка партија што ги застапува интересите на Србите во Македонија, служи како продолжена рака на српската проруска пропаганда.
Претседателот Иван Стоиљковиќ, пратеник во актуелниот парламентарен состав, беше еден од тројцата пратеници, кои на 4 март 2022 година гласаа против Декларацијата за осуда на воените напади, кои го загрозуваат територијалниот интегритет и суверенитет на Украина.
Стоиљковиќ, во таа пригода, рече дека меѓународното право многупати било прекршено досега, а однесувањето на САД во последниве 30 години го нарече „конструктивна деструкција”.
Овој политичар е отворен поддржувач на политиките на Владимир Путин и досега во два наврата, во 2019 и во 2023 година беше на безбедносен форум во Москва, каде што свои обраќања редовно има и рускиот претседател.
Сите овие партии отворено или прикриено промовираат руски наративи, идеологија и пропаганда и припаѓаат на екстремниот лев или десен крај од политичкиот спектар. Освен Левица, како позначаен играч на политичката сцена со два свои пратеника во парламентот, речиси сите проруски партии во Македонија пропагираат конзервативни демохристијански ставови, со изразено десничарска идеологија.
Заедничко во нивните политички платформи и цели на дејствување, а што се совпаѓа со руските наративи е заложбата за оттргнување на Македонија од патот на евроатлантските интеграции, бидејќи Западот, односно ЕУ и НАТО биле зафатени од декаденција, кај и да е ќе се распаднат и државава својата алтернатива треба да си ја бара преку сојузништво со Русија и со нејзините сателити.
Извор: https://meta.mk/