1017 hPa
38 %
23 °C
Скопје - Нед, 13.10.2024 15:59
Тероризам, тероризам, тероризам. Одиме повторно: Израел ќе го „искорени палестинскиот тероризам“ - што безуспешно тврди дека ќе го направи веќе 64 години - додека Хамас, најновата „палестинска“ морбидна паравојска, објавува дека Израел „ја отворил вратата на пеколот“ со убиството на нивниот водач Ахмед ал-Џабари.
Хезболах неколку пати објави дека Израел „ја отвори вратата на пеколот“ со нападот на Либан. Јасер Арафат, кој прво беше супер-терорист, па потоа супер-државник - по капитулацијата на тревникот на Белата куќа - па потоа повторно стана супер-терорист кога сфати дека е изигран во Кемп Дејвид; и тој дрдореше за „вратата на пеколот“ во 1982.
А ние новинарите сме како панаѓурски мечки, ги повторуваме истите клишеа веќе 40 години. Убиството на г-дин Џабари беше „прецизен напад“, „хируршки прецизен воздушен напад“ - како израелските „хируршки прецизни воздушни напади“ од 1982 кога беа убиени речиси 17.000 цивили во Либан, 2006 кога беа убиени 1.200 Либанци, главно цивили, или 2008-2009 кога настрадаа 1.300 Палестинци во Газа, или кога минатата недела во Газа од „хируршки прецизни воздушни напади“ настрадаа бремена жена и бебе - и 11 цивили убиени вчера во една куќа во Газа. Хамас барем не тврди дека нивните „Годзила“ ракети се хируршки прецизни. Нивната цел се Израелците - кои било Израелци, мажи, жени и деца.
Што важи, ако зборуваме право, и за израелските напади на Газа. Но, не смееш да го кажеш тоа, за да не испаднеш антисемитски нацист; што е речиси подеднакво зло, расипано, подло и гадно како Хамас, со кој - ни тоа не смее да се спомне - Израел радо преговараше во осумдесеттите, кога ја охрабруваа оваа мафијашка група да ја преземе власта во Газа и така да му ја скине главата на протераниот супер-терорист Арафат. Новиот курс во Газа за палестинските и израелските жртви сега е 16:1. Нормално дека тој ќе порасне. Курсот во 2008-2009 беше 100:1.
Ние создаваме и митови. Последниот воен поход на Израел во Газа беше толку застрашувачки успешен - „го искорени тероризмот“, нормално, - што нивните наводно елитни единици не можеа дури ни да го пронајдат својот заробен војник Гилад Шалит, кој на крајот го размени лично г-дин. Џабари.
Г-дин Џабари беше „мистериозен водач бр. 1“ на Хамас, како што јавува Associated Press. Но, како побогу, може да биде мистериозен кога го знаеме точниот датум на неговото раѓање, неговата семејна состојба, годините кои ги поминал на робија во Израел, кога преминал од Фатах во Хамас? Кога веќе сме кај тоа, годините на робија во Израел баш и не го пренасочиле г-дин Џабари кон пацифизам, зарем не? Па добро, тогаш нема причина за плачење; кој се фаќа за меч, од меч и ќе загине, но таквата судбина, нормално, нема да ги поколеба израелските воздухни војувачи додека убиваат цивили во Газа.
Вашингтон го поддржува „правото на Израел да се брани“, па се колне во божемната неутралност - како израелските бомби кои паѓаат на Газа да не дошле од САД, како што ракетите Fire-5 стигнуваат од Иран.
Во меѓувреме, несреќниот Вилијам Хејг смета дека Хамас „сноси најголема одговорност“ за најновата војна. Но, нема докази дека тоа е точно: според списанието Atlantic Monthly, можеби последната војна ја започнало убиството на „ментално заболениот“ Палестинец кој залутал и тргнал кон границата. Други велат дека како провокација послужило убиството на едно палестинско момче. Но, Израелците го убиле него кога вооружена група Палестинци се обидела да ја премине границата па наишла на израелските тенкови. Ако тоа е точно, можеби Палестинците - до душа не Хамас - започнале размена на оган.
Но, зарем ништо не може да ја прекине оваа будалаштина, оваа идиотска војна? Стотици ракети паднаа во Израел. Точно. Илјадници хектари земја Израел украде од Арапите - за Евреите и само за Евреите - на Западниот брег. Повеќе нема ни доволно земја за палестинска држава.
Избришете ги последните две реченици, ве молам. Во овој скандалозен судир постојат само добри и лоши момци, а Израелците тврдат дека се добри, додека западните земји им аплаудираат (а потоа се прашуваат зошто толку муслимани баш и не ги сакаат западњаците).
Проблемот е во тоа што постапките на Израел на Западниот брег и неговата опсада на Газа го забрзуваат она исто случување од кое Израелците на сиот глас треперат: уништување на Израел.
Во борбата со ракети - вклучувајќи ги и иранските Fire-5 и беспилотните летала на Хезболах - двете страни влегуваат на нов терен. Повеќе не станува збор за преминување на израелските тенкови во Лбиан или во Газа. Станува збор за ракети и беспилотни летала, а компјутерските напади - или „кибер-тероризмот“, нормално, кога извршителите се муслимани - ќе бидат уште помалку значајни отколку во минатите три дена.
Арапското будење сега се движи по нов пат: водачите ќе мораат да го следат расположението на своите граѓани. Како и, претпоставувам, кутриот јордански крал Абдула. Американското глумење „посредник“ на страна на Израел повеќе не поминува кај Арапите. А ако Бенјамин Нетанјаху мисли дека падот на првата иранска Fire ракета заслужува Израел да одговори со огромен удар во Иран, а потоа и Иран одговори - а можеби и Американците - а тука е и Хезболах, и ако Обама повторно се вплетка во уште една муслиманско-западњачка војна, што ќе правиме тогаш?
Па, Израел прво ќе бара прекин на огнот, што веќе рутински го прави во војните против Хезболах. Повротрно ќе апелира за вечната поддршка на Западот во борбата против светското зло, во кое спаѓа и Иран.
А зошто не го славиме убиството на г-дин Џабари? Ве молам, заборавате дека Израел преговараше, со посредство на германските тајни служжи, токму со г-дин Џабари, пред помалку од една година. А со терористите нема преговори, зарем не? Овој последен колеж Израел го нарекува „Операција - Столб на одбраната“. Столб на лицемерието би одговарало повеќе.
Извор: The Independent, 18.11.2012