Резолуција со која фашизмот стана победник во Втората светска војна

31.10.2019 18:12
Резолуција со која фашизмот стана победник во Втората светска војна

Длабоко во срцевината на секоја лага е запретана вистината за нејзиниот автор. Така лагата станува вистинито сведоштво за природата, мотивите и намерите на нејзиниот создател. Оваа поука е од суштествено значење во ситуации кога се вршат обиди за ревизија на историјата, зашто историскиот ревизионизам не е ништо друго освен лажење за минатото.


А, како што не потсетува Орвел во неговата „1984“, оној што повторно сака да ја измислува историјата, има намера да ја контролира иднината, па историскиот ревизионизам непогрешно упатува на неговата тоталитарна природа.

Затскриена улога

Како тогаш човек да ја прими Резолуцијата со наслов „Важноста на европските сеќавања за иднината на Европа“, што Европскиот парламент ја донесе пред околу еден месец, на 17 септември, по повод 80-годишнината од отпочнувањето на Втората светска војна, во која се пласираат чудовишни лаги за основните факти за Втората светска војна: кој и кога ја започнал, што ја предизвикало, кој бил агресор и злосторник во најзлата и најсмртоносната од сите војни, а кој се борел против него, го победил и ја ослободил Европа? Практично сите овие факти – по војната општопознати и унисоно признати од историографиите на земјите од целиот свет – чијашто вистинитост е седумдесет и кусур години заверена со крвта на десетици милиони жртви, во Резолуцијата се искривоколчени и претворени во своите спротивности. Фашистите и антифашистите се потполно изедначени, а победата над фашизмот од страна на Црвената армија се претвора во здружена и континуирана окупација на Европа од страна на нацистите и комунистите. Во новите европски „сеќавања“ фашизмот – како зло што ја поклопи безмалку целата планета, а Европа ја претвори во фашистички континент, воопшто не постои; она што го зацрни светот да ти биле здружениот комунистички и нацистички тоталитаризам!? Резолуцијата како да ја пишувал доктор Гебелс лично, кој по чудо ја преживеал војната, па денес во позна старост се присетува како фашизмот победил во Втората светска војна и е среќно на власт на целава планета, до денешно време и за век и веков. Но, да одиме по ред.


Резолуцијата започнува со опис на почетокот на војната, а тоа е наводно Спогодбата за ненапаѓање, што „комунистичкиот Советски Сојуз и нацистичката Германија го потпишаа на 23 август 1939“, која непосредно ја предизвикала војната еден месец подоцна, со упадот на Хитлеровите трупи во Полска и две недели подоцна, со упадот на Сталиновата армија во источниот дел од распарчената земја. Дека почетокот на Втората светска војна е нападот и окупацијата на германските војски на Полска, тоа сите го знаеме, но дека озлогласениот Молотов-Рибентроповиот пакт е причината за војната, нејзиниот вистински предизвикувач и почеток, тоа е сурова историска лага (инаку, веќе неколку децении подготвувана од страна на неогебелсовската историографија), со која победникот во Студената војна – неолибералниот капитализам – сака да ја затскрие својата вистинска улога во подготвувањето на најголемата кланица во историјата.

Имено, од резолуцијата произлегува дека ширењето на фашизмот низ Европа и Хитлеровото подготвување за воени освојувања, со кои ќе ја уништел „комунистичката опасност“ во Москва, напредувањето кон исток како исполнување на нацистичката програма „Drang nach Osten“, со која по урнек на средновековните тевтонски воени експедиции за освојување и поробување на полските и руските земји, новиот сегермански „lebensraum“ (животен простор), дека сиве овие случувања, практично од доаѓањето на Хитлер на власт во 1933 година, немаат никакво значење во препознавањето на виновникот за војната?! Дека во 20-тите и 30-тите години од минатиот век Европа станувала, земја по земја, фашистички континент, првин со Италија, па Португалија и Шпанија, Австрија, Франција, Романија, Бугарија и конечно, со германската окупација до 1942, практично сите држави во Европа, освен Британија и Советскиот Сојуз, биле оригинерни или сателитски фашистички режими, за тоа во резолуцијата нема ниту збор.


Понатаму, срамната улога на големите либерално капиталистички земји, Франција и Велика Британија, во растењето, наоружувањето и освојувањето на соседните земји од страна на Хитлер, што се случуваше од 1934 до 1939 година, и нивното пасивно помагање и овозможување оваа нараснувачка опасност да стане катастрофа, не, тоа не е предмет вреден за помен во новото европско Министерство за вистина. Долго по војната, целиот свет знаеше дека токму пасивноста и толеранцијата на Британија и Франција кон фашистичкиот експанзионизам и милитаризам се вистинските настани што го „поплочија“ патот во катастрофтата. Токму таа нивна дипломатска соработка и ѓоа пацифизам ја обезбедија победата на фашизмот и уништувањето на Шпанската република 1936 – 1939, во која Хитлер и Мусолини ги испробуваа своите оружја. И исто толку срамната политика на толерирање на првите Хитлерови агресии, анексијата на Австрија во 1938 година и распарчувањето и окупацијата на Чехословачка, одобрени со Минхенската спогодба и со Англо-германскиот договор за ненапаѓање истата година, беа вистинскиот вовед и почеток на војната. Половина век ова беа основни факти за Втората светска војна, но во Резолуцијата не само што не се основни, туку воопшто не се ни факти – тие не постојат, а на нивно место стојат нови и свежи антикомунистички и профашистички „факти“ што треба да ни ја одредуваат иднината!

Црвената армија е вистинскиот победник

Конечно, еден од основните факти за Втората светска војна е дека во периодот 1933 – 1939, додека светскиот либерален капитализам со симпатии гледаше кон фашистичкиот команден капитализам, единствени политички сили во Европа што повикуваа на здружување и борба против фашизмот беа Советскиот Сојуз и европските комунистички движења и партии. И, потоа, во окупацијата на Европа, единствените ефикасни движења на отпорот беа водени од комунистичките партии, а победата над Хитлер и над фашизмот беше остварена, пред сè и повеќе од сè, со воените напори и крвта на војниците на Црвената армија кои се вистинските победници и ослободители на Европа. Но, во Резолуцијата за „Важноста на европските сеќавања за иднината на Европа“ нема ниту збор за тоа. Како што реков – само лаги зад коишто стои вистината за нивните автори и нивната намера да ја контролираат иднината на 21 век со ревизија на фашистичките вредности. Алелуја!


Можеби ви изгледа непригодно, почитувани читатели, да пишувам за овие историски ревизии на Европскиот парламент, во овие траорни мигови (четврток вечер, 17.10.2019), кога со растреперени утроби го чекаме утрешниот ден, за да сознаеме дали Мајката Европа ќе ни одреди датум за преговори за членство и ќе ни ги раскрили своите топли пазуви, да се нурнеме – ние сиромашките – главечкум во нив? Сепак, за нас граѓаните на македонската Република, што настана како плод на антифашистичката победа во Втората светска војна, мислам дека нема лошо време за да се сознаат вистините за она што нè очекува зад вратите на коишто упорно чукаме, нели?

Монтажи: John Heartfield
Извор: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото