Европскиот парламент и фалсификаторите

03.12.2019 18:03
Европскиот парламент и фалсификаторите

 

Западните интелектуалци и лидери долго време се шегуваа на сметка на делумно советските режими тврдејќи дека тие прават ревизија на историјата. Меѓутоа, никој од нив не се потресе кога Европскиот парламент одлучи да ја ревидира историјата од Втората светска војна. На 19 септември оваа година неговите пратеници усвоија резолуција „за важноста на европското сеќавање за иднината на Европа“, која ги поистовети „комунистичките и нацистичките режими“. Концептот „тоталитарни режими“, кој во документот се појавува 22 пати, со иста сила ги осудува Германија која изврши инвазија на Советскиот сојуз и самиот Советски сојуз кој ја претрпе инвазијата, 26-те милиони советски жртви и нивните убијци, генералот Георги Жуков и раководителите на логорите за истребување. Европскиот парламент „тврди дека го загрижува фактот дека симболите на тоталитарните режими сѐ уште се користат во јавниот простор и за комерцијални цели“. Дали за да се смири парламентот треба да се промени името на парискиот Плоштад на битката за Сталинград во „Плоштад на единствениот пазар“, или, како во Унгарија, да се направи обид за да се забрани марката пиво на чија етикета се наоѓа црвена петокрака?

Резолуцијата оди чекор понатаму од овој рудиментарен ревизионизам. „Втората светска војна“, пишува во неа, „почнала како директна последица на злогласниот договор за ненапаѓање кој го потпишаа владите на Германија и Советскиот сојуз на 23 август 1939 година“. Досега историчарите ја припишуваа одговорноста за овој конфликт на борбеното ширење на нацистичка Германија(1).

Во напорот да се обвини и Советскиот сојуз, резолуцијата на парламентот од Стразбур со еден потег избриша еден друг настан од сеќавањето, исто толку морално срамен, во кој учествуваа неприкосновените европски демократии. Станува збор за потпишувањето на Минхенскиот договор во септември 1938 година, после кој Франција и Велика Британија му дозволија на Адолф Хитлер да изврши инвазија на чехословачката област Судет.

Со иронија на судбината, историчарот на Втората светска војна, Кристофер Браунинг, во моментов во своето истражување пишува за новите откритија токму за овој настан(2). Тој покажа во која мера демократиите го охрабриле и зајакнале Хитлер, постојано обидувајќи се да го орасположат, и довеле до избивање на војната. „Во 1938 година Германија немала ниту доволна предност неопходна за брза победа, ниту капацитет да води долготрајна војна“. Покрај тоа, индустриски добро развиената Чехословачка била сојузник на Франција и СССР.

Успехот на нацистите да ја присоединат Чехословачка без борба за нив претставувал двојна корист. „Освоената чешка воена индустрија била одговорна за производство на една третина од новите модели борбени тенкови III и IV кои биле клучни за германската победа во Полска, а потоа и во Франција.“ Капитулацијата во Минхен исто така била удар врз германските противници на фирерот. Група антихитлеровски заговорници планирала да го исфрли диктаторот кога тој ќе тргнел во војна против Чехословачка. „Комплетното предавство на Чембрлен (Артур Невил Чембрлен, британски премиер) во Минхен комплетно ги нарушило плановите и му овозможило на Хитлер да оствари победа без крвопролевање, која ја утврдила неговата положба.“

Но, доста е со истражувања, зашто од сега па натаму историјата ќе ја пишуваат пратениците во Европскиот парламент.

(1) Цитати: Gabriel Gorodetsky, „Les dessous du pacte germano-sovietique“, Le Monde diplomatique, july 1997
(2) Кристофер Р. Браунинг, „Giving in to Hitler“, The New York Review of Books, 26 september 2019. Исто така, да се прочита: Grabriel Gorodetsky, „Un autre récit des accords de Munich“

Гифови: KEVIN WEIR
Извор: Le Monde diplomatique

ОкоБоли главаВицФото