Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (6)

28.03.2024 13:28
Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (6)

„Илина и шумските тролови”, Хана Корнети, „Или -Или”

Како што наближуваше викендот, станував сѐ понервозна.Тоа е нормално кога имаш десет и пол години, пардон, единаесет, не е мама тука да ме поправи, а се очекува да спасуваш некојси таму тролови од злобна вештерка што нема симпатии кон деца. Во бајките барем и да не те сака вештерката, прво ти го полни стомакот со слатки. Вистина, Вирџинија ни даде кекси кога бевме кај неа, ама беа од тие здравите, интегрални, кои не се важат бидејќи речиси ништо здраво не е вкусно.

Ме загрижуваше и тоа што амајлијата уште не се докажа дека ја бива, иако, да бидам фер, не се ни случи нешто од кое треба да ме штити. Мислам технички, имаше едно девојче што ме зафркаваше дека предните заби ми се зајачки и малку раздвоени, како авион да ти поминал меѓу нив, ха, ха! и плус ме зафркаваше дека веѓите ми се споени, ха ха, мекдоналц! И тоа од нигде никаде. Добро, не нај од нигде никаде, можеби и јас направив коментар дека едно перче од косата ѝ штрчи и прашав колку канали фаќа, ама тоа беше очигледно добронамерна зафрканција. И нема врска, потоа ја фатија како препишува на тест по физика. Но не мислам дека тоа беше дело на амајлијата, туку старата добра карма. Доби кец и ја кажаа на нејзините.

За секој случај, ја замoлив мама да ми ги искубе веѓите каде што се спојуваат. Мама рече дека не се ни забележува, освен тоа дека сум премногу млада за да кубам веѓи, ѝ кажав што се случи на школо, и мама ми рече да не се грижам. Дека за среќа личам на неа а не на тато и дека сум многу слатка, а кога ќе пораснам, ќе бидам убава. И за забите ми рече дека се баш харизматични, ама дека ако некогаш притреба, од здравствени причини, Илина, ќе носам протеза. Според неа, тие работи се решаваат, па се решава дури и лошиот однос на девојчето што ме зафркаваше. Само, додаде мама и ги стесни очите луто, ќе треба да поразговарам со мајка ѝ.

Нека.
Поентата ми е дека тоа сѐ уште ме загрижуваше - дали, ако се најдам во опасна ситуација, амајлијата ќе ме штити?

Немав одговор, а викендот дојде. Се договориле за сабота. Не знам дали тато беше поканет, ама секако излети со мене и мама не беа, како да кажам, негов стил. Ако мама запнеше, доаѓаше, ама обично за викенд одеше со другарите во кафана, а со нас некои вечери се дружеше на домашно кино.

Штафелајот, платното, боите, четките и другите тракатанци на мама за сликарскиот проект труцкаа на задното седиште. Мама зачудувачки точно го имаше запаметено патот , нешто за кое тато да беше со нас ќе ја пофалеше. Да не е за џабе, јас ја пофалив. Ама штета, си помислив, бидејќи баш сега сакав што подоцна да стигнеме. Барем мама изгледаше возбудена што ќе слика. Неретко се случува да се радува за сосема обратните работи од мене.

Вирџинија нѐ пречека на клацкалката пред куќата со книга во рацете. Се запрашав дали навистина седи во двор и чита во саботните утра или се наместила така за да изгледа интелектуално и кул кога ќе стигнеме. Да имав двор и јас ќе читав во него за викенд, ама не за да ме види некој.

„Илина“, рече и ми ја подаде раката како да сме на некое свечено отворање, „почна на училиште?“ ме праша спремно како да размислувала што е безбедна тема за дете.

„Технички продолжив“, одговорив гордо дур се поздравуваа со мама, „сега почнав петто одделение.“

„Што убаво“, заклучи, и тоа беше тоа од нашиот муабет. Почнаа да зборуваат со мама за нејзината – впрочем, мојата, иако не го нагласив тоа – идеја за сликање на куќата. Дали од подалеку да ја црта за да биде како дел од пејсаж? Или да ја слика само неа? Дали да ја фати одблиску, па подоцна од околу да додаде природа? Или бла-бла-бла не ме интересира. Важно ќе бидат надвор и нема да е чудно ако сакам да си влезам внатре.


                                          ***


„Зборови”, Јордан Коцевски, „Антолог”


Стефан повторно погледна во сатот. Девет и петнаесет, само една минута откако последен пат го виде. Веќе еден час откако се разбуди, одмараше во позицијата на фетус. Редно беше да стане. Се чувствуваше како целата енергија да му беше исцедена од телото. Не се ни сеќаваше дали вечераше.

„Треба да каснам нешто“, си кажа на глас, како тоа да го материјализираше неговиот глад, кој не го чувствуваше.

Се сврти на другата страна од креветот. Шумско овошје. Посегна по другата перница и ја повлече поблиску. Го пикна лицето длабоко во нејзината мекост. Боровинки.

„Во ред, ќе станам“, се обрати на празниот простор. Ги постави стапалата на подот и се исправи во седечка положба. Со рацете го држеше работ од креветот. Ја заврти главата сосем малку назад. Нејзината насмевка. Покана да остане. Нејзината коса раширена на перницата. Нејзината града ѕирка од ноќницата. Неговите усни се претворија во полунасмевка на левата страна. Погледна пред себе и повторно во перницата.

„Извини, морам да одам да ги проверам новите книги пред да ги продадат интересните“.

Се ослободи од горните пижами, се исправи и ги слече и долните, оставајќи ги на креветот. Се упати до плакарот. Ја лизна вратата. Изборот за денес му беше сини шорцеви и пурпурна маица. Пред да излезе од спалната, се заврти и рече:

„Не грижи се, ќе ги измијам забите“. Така и направи.

Утрата во Охрид, посебно за време на викенд и пред десет часот, беа едни од нештата кои со нетрпение ги чекаше. Мирисот на свежиот воздух пред неговата зграда. Чистото небо.Тишината. Свежи печива.Треба да јаде.Посегна во џебот и ги изброја парите. Имаше доволно да купи храна и да му остане колку што планираше за книги.

Беше втор по ред. Мирисот на сирење. Нејзината неодлучност. Кроасан со сирење. Охридски ѓеврек. Бурек со спанаќ. Никогаш пица. Јогурт. Бели мустаци. Смеење.

„Еј, комши. Што треба?“

„Ѓеврек и јогурт.“

Стефан забележа дека продавачот не го праша каков јогурт сака. Ја отвори устата за да му каже од која фирма сака, кога младото момче посегна по видот во кој тој уживаше најмногу. Погледна надолу, станувајќи свесен дека продавачот го познаваше неговиот вкус, а тој не му го имаше запаметено ни името.

А зошто?, помисли додека му ги даваше парите. Му рече на младичот дека не сака ќесе и ги зеде јогуртот и ѓеврекот в раце. Само што излезе, касна од ѓеврекот. Мислите не му дозволуваа да ужива доволно во крцкавата обвивка со сусам и блажината на меката внатрешност од ѓеврекот, бидејќи му беа насочени кон избор на најдобриот пат до тезгата со книги.

Покрај езерото, ќе пешачам од таму. Дојде до долгата права улица која водеше до езерото. Не е ни чудно што ја викаат „писта“. Вообичаено, овде поминуваа бројни коли рано наутро или попладне, но во овој дел од денот можеше да си ги слушне сопствените мисли. Која книга да ја купам денес? Па, Јордан најверојатно ќе има препораки за мене, можеби некои нови домашни автори кои ветуваат. Се надевам дека ја има најдено книгата што му ја побарав...

Книгата од Сара. Омилената. Ја читаа заедно. Многупати. Разговараа за неа. Ја читаа на глас. „Шеќерна приказна“. Првото нешто што го прочитаа во градинката. Сара...

„Ние сме на работ на откритие за тоа како да разговараме или да ги видиме тие што не се повеќе меѓу нас“, се сети на зборовите од докторот. Продолжи да оди додека зборовите му одекнуваа во главата. И прашањето, проклетото прашање. Дали сака да ја види пак? Да разговара со неа? Може ли? Но го правам сето тоа. Разговарам со неа секој ден. Таа е со мене. Сигурен сум. Го чувствувам нејзиното присуство.

„Окно” во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски” и оваа година објавува фрагменти од делата кои беа во конкуренција за наградата Роман на годината за 2023 година. Претходните извадоци прочитајте ги овде.