Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (5)

26.03.2024 12:59
Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (5)

„Среќните луѓе не слават родендени”, Сашо Кокаланов, „Или Или”

Мирис на пржено се лелее низ празната куќа како немирен дух на дамнешен поранешен станар кој мистериозно го завршил животот меѓу овие ѕидови, поточно би било да се каже - на запршка, тежок мирис на запршка со кромид, малку подзагорена, бидејќи во кромидот има линии кои стануваат виолетови, па темни, а особено краевите, рабовите на секое исечкано парченце кромид поцрнуваат наместо да пожолтат, сокот од кромидот се јагленисува минуваќи низ цела низа на нијанси од мириси и бои и сето тоа е обвиено со мирис на масло што тивко црцори. (О, ти благодарам Калвино!) Еве уште малку детали – тоа е масло од маслинки, ладно цедено, стои назначено на етикетата, каде што е сѐ многу прецизно, сите нешта со сопствено име и со впечатоци што ги побудуваат, сите јадења на оган во исто време на ринглите во кујната, секое во свој точно именуван сад, тави, тигани, тенџериња, како и дејствата што се подразбираат во секое готвење – посипува со брашно, мати јајца, сечка краставици на тенки тркалца, ја полни со парчиња суџук кокошката што ќе се испече во рерна. Сѐ е многу конкретно, цврсто, означено со сигурна стручност, или барем впечатокот што таа, Хана, го остава врз тебе, гледачу, е впечаток на домаќинка која газдува со кујната, иако има јадења што не ги познаваш, а тие јадења во сценариото се опишани со подробности, толку многу сликовито, што ќе можеш сигурно да го осетиш нивниот вкус, секако и мирис, макар што во текстов не е наведено што каков вкус има, но во филмот, со сиот визуелен инструментариум што го имаме на располагање, има шанси твоите сетила да бидат допрени од целата симфонија на мириси и на вкусови и набои за да го доловиме богатството на трпезата. А трпезата е нестварно богата. На средината е испечено животно, коза, кечи велеше мајка ѝ, за кое подоцна нараторот ќе ви каже дека е никој друг туку вам веќе познатата Доца. Покрај тоа, има овал со сармички од лозов лист, тенџере со ќешкек од пченица и пилешки гради, манти полнети со праз и јајца наместо со месо, тепсија ѓомлезе, печени костени, урми, сусамки и баклава. Никогаш не била пополна трпезата, а истовремено никогаш не била и попразна. Самотија натопена со вкусови, бои и мириси. Последно ќе е паша – ќофтето, за него се готви запршката со кромидот, а потоа убавите дебели тркалезни ќофтиња ќе бидат спуштени во кромидот како повиени бепчиња во заедничка колепка и ќе ги остави да крчкаат долго сѐ додека морето кромид не фати кора озгора, како кај мармаладот од кајсии што се создава пенлива покривка додека се вари со шеќерот. При месењето на меленото месо со брашно и јајца, црвените и цврсти раце на Хана, прошарани со златни старски дамки, се прекрија со бел прав и парченца свежо месо, па сега е на чешмата, ги трие под млазот вода. Водата може да измие сѐ, освен тагата. Но, нема намера сега да тажи. Роденден е, побогу, иако куќата е празна. Минатата година сѐ отиде наопаку, тежок чемер завладеа со домот на нејзиното семејство. Да, во право сте, водата не може да ги измие ниту спомените. Но, верувајте, ако нешто Хана не би сакала да биде измиено од неа, тоа се спомените. Не постојат лоши спомени. Кога луѓето ги нема, сите спомени се убави, дури и оние најгрдите. А нив сега ги нема. Еден по еден се одјавија, како што набрзо подробно ќе ви биде прикажано и раскажано, а наскоро, се надева,(не може да ја дочека таа среќа) ќе им се придружи и таа. Прв си замина мажот ѝ. Кога човек е толку многу болен, не може да се каже дека смртта дошла неповикана. Поправилно би било дури да се рече дека задоцнила. Една недела по роденденот, ги затвори очите и веќе не ги отвори. Се изгаси тивко, како свеќа. На ликот како да му се прочита ослободување. Биндус беше горе кај овците, замина уште рано утрото по роденденот, без збор, како што дојде, не се поздрави со никого, едноставно се облече и си го фати патот. Сталкер остана уште некој ден, ама не оти таа го виде, си доаѓаше само за спиење, а преку ден акаше натаму - наваму, да се видел со луѓе, ѝ рече, санким толку многу луѓе знаеше, отселен уште како момче. Откако се исповиде со сите со кои се исповиде, рече дека има многу работа во големиот град, нова претстава ќе почнувале, та мора итно назад. Какви се тие претстави, барем да има некој ќар од нив. Ѝ рече нешто што не го разбра, ама убаво го запомни: На големите градови, мајко, им се потребни претстави, а на расипаните народи, романи. Туф, туф, туф, си помисли, ама таков си беше Сталкер, си збираше големи зборови додека џебовите му зјаеја празни.

                                         

                                        ***

 

„Есента во животот на професорот по марксизам”, Моџо Килингтон, „Арс Либрис”


Тие неколку чекори му изгледаа како најдолгиот пат што го има поминато, кога стигна зеде длабок здив, испушти топлина и лутина од ракијата и посегна конечно кон сопственатa Пандорина кутија. Кога ја тргна фасциклата, сите други книги го изгубија совршениот ред, паднаа налево. Падна и Маркс и Ленин и Тито и Енгелс и Самоуправниот социјализам во Југославија. Се изгуби хармонијата на полицата.

Ја носеше свечено фасциклата, како процесија што минува низ град, знаеше дека не е виновен за ништо, ако е виновен за нешто, виновен е што верувал во подобар свет, во еднаквост, во братство меѓу луѓето, а го осудиле оние што не верувале во неговата верба. И подобриот свет и вербата бледнееја, ги снемуваше ден по ден додека сосема не ги снема, а впрочем и веќе никој не веруваше во подобар свет, сите само сакаа да се снајдат во овој свет осуден на пропаст.

Го стави целиот свој живот собран во неколку досиеја, не знаеше ни сам колку, на масата. Ја забриша прашината и набрзина мавна една ракија, за сила и храброст.Запали цигара, размислувајќи дали му треба да буди духови од минатото кои го прогонуваа само него.

Со колебливост што се протегаше до раката која се тресеше ја отвори својата Пандорина кутија. Само на прв поглед прашливи документи, нагризени и пожолтени од чадот од цигари, некои пишувани на рака, некои на машина, педантно, со датум и места, како дневник што го водел некој туѓинец.

Првата пријава беше од први јануари 1975 година. „Со убаво ми тргнала година“, помисли и колку и да беше исплашен од тоа што ќе најде внатре, некако беше горд дека бил дел од систем што не познавал ни празник, ни делник за да работи, а и нивните поткажувачи изгледа работеле без престан. Пријавата беше поднесена од некој со кодно име „Црногорец“. „О мајку му јебем крваву“, помисли. Нормално, го знаеше кој е. Се знаеја долго, уште од војска, пред век или два. Никогаш не беа блиски пријатели, но некако се наоѓаа низ животот, им течеше муабетот, а кога „Црногорецот“ го ставија да биде командант тука, повторно се сретнаа. Според него, според „Црногорецот“, на таа Нова година 1974/75:

„Другарот 068 јавно се фалеше во поднапиена состојба дека следната година со неговата сопруга, која е со германско потекло, ќе заминат на прошетка во Западна Германија, а додаде дека можеби и ќе остане таму“.

Во продолжение од почетокот на дружењето со државната безбедност, за Другарот 068 неговиот пријател бара да биде под постојано следење и се нуди самиот да помогне поради можност Другарот 068 да соработува со западногерманските служби во подривање на социјализмот во Југославија, а како дополнителна причина ја наведува и сопругата со германско потекло.

„Копиле“, викна полугласно и како да се исплаши што го рече тоа. А сепак, немаше ни кој да го слушне, ни кој да го пријави некаде. Сега беше во време во кое е пожелно и посакувано човек да се откажува од себеси, од историјата, од социјализмот, од Тито и од Југославија, да се правдаат дека биле во заблуда, да клеветат и да лажат, познаваше многу такви што брзо преминаа од „И по Тито, Тито“ во „Нож, жица, Сребреница“ и „За дом спремни“.

Мислите му одлетаа многу поназад, спомените се вратија, онаму каде што не сакаше, а сепак мораше да помине низ нив.

Секогаш потеклото на Матилда беше проблем за неа, а и за него. И покрај тоа што беше член и активист на КПЈ, иако и Матилда беше исто членка на партијата, заедно одеа на работни акции, беа идеолошки потковани и за разлика од многу опортунисти, искрено веруваа во подобар свет. Проблемите почнаа уште во нивните први денови. Се запознаа во средно, а Матилда беше најчесто сама, без другарки. За разлика од неа, Другарот 068 имаше многу пријатели и пријателки, барем така мислеше. Ги имаше додека не станаа двојка, додека не почнаа заедно да одат на училиште, да се дружат после часови, да шетаат низ град заедно. Тогаш и тој го зеде нејзиниот крст, нејзината стигма и тежина да биде избегнуван од другите како „предавник“, „петтоколонаш“ и „Хитлерче“.

„Окно” во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски” и оваа година објавува фрагменти од делата кои беа во конкуренција за наградата Роман на годината за 2023 година. Претходните извадоци прочитајте ги овде.