Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (4)

22.03.2024 11:03
Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (4)

„Цик -цак, ку-ку”, Жан Илиески, „Антолог”

Чудно е да се плива во ист базен со шефот. Тоа е Фелипе, но сепак е мој шеф. Не ме прашува ништо за домот, ни кога го купивме, ни колку чини, ни дали беше веќе изграден кога го купивме, ни дали влијаевме врз архитектурните решенија. Зошто му е тоа да го знае, може утре да купи дваесет вакви, иако сега живее кај мајка му, во најмалиот имот од сите кои ги поседува, во станот крај метрото на Плаза де Торос де Лас Вентас, со темни ходници во вечната сенка. Можеше да ѝ одбере на дона Нуриа, мајка му, кој било од становите, но го одбра најтемниот, зошто таа така сакаше. Сега мора да живее со тоа.Знам дека сака отворен, светол простор, но сега мора да остане со неа, таму му е најудобно. Оттаму ги извршува најважните телефонски повици и издава наредби, половина од станот го исполни со документи, не знам уште колку ќе го трпи дона Нуриа. Стои во поплиткото, водата му е само до градите. Џинот и весникот ги оставил до себе, да не му стане здодевно. Секогаш прави така, вели дека помалку пие кога џинот е веќе турен во чашата и знае дека може да се напие со мало посегање на раката. Вели и дека помалку чита кога весникот му е на дофат. За пет часа им е летот, нема уште многу време, сега ќе го заврши тоа што го отпочна вчера вечерта. Сепак ми кажа малку порано. Гледа дека јас сѐ уште пливам, и чека кога ќе се уморам.Сега си ги собра мислите.

„Па, момче, имаш новости за мене денес?“

„Фелипе, такви работи не се решаваат за една ноќ. Ми даде два дена, целосно ќе ги искористам и ќе ти кажам.“

Не гледа во мене, но знам дека сака да ме убеди сега, додека е сѐ уште овде, додека сѐ уште железото е врело, знае дека подоцна ќе има помалку влијание, дека може да оладам, но не ни знае дека никогаш не бев ни загреан за ваква идеја.

„Ти повторувам, момче. Ти си единствениот кој може да ја земе оваа позиција. Само ти знаеш германски толку добро. И си живеел таму“.

„Не, во Швајцарија.“

„Сеедно. А и не мора да си таму повеќе од шест месеци во годината. Потоа ќе ја освоиме цела Јужна Америка, момче, ќе видиш.“

Посегнува по џинот. Намерно прави подолга пауза.

„Разговараше вечерта барем со Пела за тоа?“

Зарем се дрзнува да ме праша такво нешто?

„Извини, не мурти се, те молам.“

Сега и гласот му затрепери, или така ми се причини?

„Извини. Тоа не е моја работа, како ќе решиш. Само знам дека... дека сѐ решавате заедно. Пела изгледа како жена со силна волја. Но најважно е дека се сакате.“

„Фелипе...“

„Никому не верувам повеќе, момче.“

Сега повторно прави долга пауза. Не е сигурен како да продолжи.

„Знаеш што? Сега ќе бидам искрен со тебе. Ќе ти кажам сѐ.“

Сега ги крева рацете кон небото. Гледа кон прозорците да види дали некој можеби нѐ гледа или нѐ слуша.

„Ќе бидам искрен, ќе ти кажам сѐ. Повеќе никому не верувам, во тоа е работата. Не само поради јазикот. Те одбирам тебе поради тебе самиот. Ти верувам тебе, момче. Дури ни на Мигел не би му ја дал оваа работа.“

„Но јас имам најмалку искуство во тоа.“

„Тоа не е важно. Ти велам. Ако јас сум подготвен да ризикувам, тогаш ти воопшто не треба да се грижиш, значи јас веќе сум помислил и на тоа.“

„Но зошто да не вработиш нов експерт за позицијата?“

„Морам да одберам од луѓето што веќе ги имаме.Морам да му верувам на тој човек. Станува збор за големи потенцијали. Парите и не се толку важни сега, туку перспективите.На крај, се разбира, парите се важни, но мора да почнеме со малку.“

                                       

                                       ***

 

„Силуваната невеста”, Томе Илиевски, самостојно издание

Дали сосема случајно или пак природата си поиграла со нашите личности, наместо да присуствувам на првиот час во огромната аула на факултетот и запознавање со новите студенти и професори, јас и мајката на Дане заминавме во гинеколошката ординација. Патот кон споменатата цел го доживеав како пат кон пеколот, однапред претчуствувајќи црни сценарија ако навистина во утробата носам нов живот.

Средбата со лекарот специјалист и неговите веќе вообичаени активности се одолжија околу половина час, но резултатот веќе беше познат и недвосмислен кон мојата иднина. Во утробата започнал да се развива новиот пород. Ниту денес а најмногу во тие мигови, ни самата не можам да се присетам како и на кој начин сум го доживеала тој нов шок, ниту пак на кој начин сум се однесувала спрема сите оние кои во тие мигови ме опкружуваа во белата ординација на лекарот.

Замислував дека престојувам во пеколот и час поскоро посакував да се отвори земјината кора и да заминам во некој сѐ уште непознат свет во нејзината длабочина. Постојано се обвинував за одбегнувањето да ги употребуваме веќе познатите заштитни средства при интимни односи, но дел од таа одговорност упатував и кон Дане кој упорно ме убедуваше дека Господ е со нас и ќе нѐ заштитува од несакани последици.

Впрочем, никој од нашата околина не беше виновен за таа нова состојба, па затоа самите треба да се насочиме кон иднината во новите услови за живеење во домот. Долгите разговори кои ги водев со неговата мајка беа насочени во повеќе правци, давајќи предност на оние збиднувања кои по некој вообичаен редослед ќе се надоврзуваат и во иднина. Карактеристичните први дни од бременоста имаа приоритет за разрешување на секоја неповолна состојба или, пак, со внимание да се насочиме кон бројните упатства кои ни ги препорача лекарот за нивно соодветно исполнување во потребниот миг. Веднаш потоа, мошне сериозна грижа ни причинуваше и почетокот на факултетот или поточно дали воопшто да го започнам тој процес или, пак, да одложам за идната година кога ќе се породам и ќе бидам ослободена од грижа кон малото суштество. Нова тема за размислување ни причинуваше и нерешениот статус на сѐ уште неоформената брачна заедница и грижата за одредување термин за свадбениот чин во разурнатиот град. Веднаш потоа нова тема на разговори ни претставуваше и станбеното прашање или поточно дали и обајцата се сложуваме да живееме во иста станбена куќа со неговите родители, или, пак, имаме некоја поинаква идеја за во блиска иднина. Финансиите и новиот начин на опстојување додека студираме беше нов пат на движење на мислите, како и на кој начин да се однесуваме во новите услови или, пак, целосно ќе бидеме под патронат на неговите родители сѐ до мигот на добивање на соодветните дипломи и вработување во некои познати фирми.

Дилема по дилема, и тоа секоја од нив со посебна вредност и брз термин за разрешување, водејќи грижа притоа никој од семејството да не биде во подредена улога и во спротивност со сопственото размислување.

Само неколку дни по потврдувањето на мојата блажена состојба, неговите родители спонтано или пак намерно со некоја цел организираа заедничка вечера со однапред подготвени теми за разговор. Мајката на Дане предложи да организираме уште истиот месец мало и мошне скромно свадбено одбележување во некој познат угостителски објект и тоа во присуство на најблиските роднини и соседи во улицата. Таа нејзина идеја беше поткрепена од разурнатиот град и непријатните случувања речиси во сите семејства, но и со неповолниот амбиент за такви свечености. Музички оркестар и вообичаените практикувања во такви пригоди во обете семејства, уште во првите мигови беа негативно оценети, па затоа таа се залагаше само да се изврши чинот на потпишување на свечените изјави во матичната служба и веднаш потоа сето тоа да го прославиме на скромен начин со закуска во некој ресторан во најблиското опкружување. Спротивно од неа, пак, таткото на Дане предлагаше уште веднаш да се известат и моите родители и со нивен благослов обете семејства на истата трпеза да ја прославиме идната брачна заедница.

„Окно” во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски” и оваа година објавува фрагменти од делата кои беа во конкуренција за наградата Роман на годината за 2023 година. Претходните извадоци прочитајте ги овде.