Економското заостанување на Европа

22.12.2023 03:04
Економското заостанување на Европа

Европа сè уште се наоѓа во долг период на економски пад кој почна 2008 година, кога Волстрит се најде на раб на клиничка смрт. Секако, во меѓувреме имаше и период на полет (и надеж), но тоа беа епизоди со краток век.

Со оглед на политиките кои ги спроведува Европската унија, тоа можеше и да се очекува. Тие политики се рефлексија на лошото устројство во еврозоната и практично гарантираат хронично ниско ниво на инвестирање во момент кога ни се потребни огромни инвестиции за застарената индустриска база да се оддалечи од валканата енергија, хемиската индустрија и моторите со внатрешно согорување и да им се приближи на капиталот во облак и зелените технологии.

Одговорот на верижната реакција по колапсот на Леман Брадерс во 2008 година беше сличен на двете страни на Атлантикот. САД и ЕУ го извршија најголемиот и најциничен трансфер на приватните загуби од деловните книги на полукриминалните финансиери и ги претворија во јавен долг, истовремено воведувајќи строги мерки за штедење за сите останати со цел да го запрат понатамошниот раст на долгот. Резултатот? Катастрофална замка за ликвидноста која донесе уште поголем јавен долг и создаде огромна несразмерност помеѓу количините расположлива ликвидност и нивоата на капиталните инвестиции.

Економската стагнација е очекуван долгорочен исход. Притисокот беше толку силен и траеше толку долго што го затру политичкиот живот во Европа и САД: Но сите сличности престануваат тука. Сега е видливо сè поголемо релативно заостанување на Европа зад Америка, зашто за разлика од САД, еврозоната нема федерални институции способни во време на криза (како во 1929 или 2008 година) да ја стабилизираат монетарната унија и да спречат долгорочен економски пад.

По избивањето на кризата во 2008 година, ЕУ имаше две расположливи опции за одржување на монетарната унија во живот, со тоа што само првата можеше да спречи долготрајно економско пропаѓање. Оваа опција налагаше де факто, ако не и де јуре усвојување стратегија за федерализација на заедничкиот долг, воведување значајни федерални даноци слични на оние во Америка и паневропски петгодишен агрегатен инвестициски план.

Но за да ја избере оваа опција Европа претходно мораше да се откаже од неомеркантилистичката идеологија која е носечки столб на германскиот и холандскиот деловен модел на кој е изградена еврозоната. Некои веруваа (на пример, јас) дека европските елити без колебање ќе се откажат од неомеркантилизмот, зашто тоа беше релативно ниска цена што требаше да се плати за да се избегне долг период на економски пад.

Тоа беше погрешна проценка. Најуспешните европски извозници и нивните политички агенти не се грижат толку за економскиот динамизам во Европа колку за одржувањето високо ниво на нето извозот кој се финансира со трговскиот дефицит на САД (што е траен извор на агрегатна побарувачка за нивните стоки). Исто така, поважен им е нето извозот во Кина и намалувањето на платите во Германија, отколку пружањето шанса на Европа да го поврати економскиот елан.

Втората опција е заобиколување на квази-федерализацијата со наметнување мерки за штедење за оние држави од еврозоната кои веќе беа во најдлабока економска депресија, со истовремено давање големи монетарни инјекции на земјите на кои тоа им беше најмалку потребно. Тоа е опцијата која е избрана. Со суровиот третман на Грција која беше во најтешка економска ситуација на сите им беше јасно ставено до знаење каква одлука е донесена.

Еврото беше сочувано по цена на трајна стагнација на агрегатните инвестиции во Европа, со понатамошно продлабочување на јазот помеѓу северот и југот на Европската унија (и создавање нов јаз помеѓу истокот и западот). Од друга страна, САД сега спроведуваат голема кампања за јавни инвестиции која ги привлекува и европските индустриски конгломерати, а тоа го зголемува европското заостанување. Очекувано, и покрај најавите за европски Зелен дил, Европската унија не е во состојба да ја финансира ни сопствената зелена транзиција, а камо ли повоеното опоравување во Украина.

Денес нема опасност креаторите на европските да продолжат да ги засилуваат мерките за фискално штедење. Нивното ново омилено оружје за контракција е монетарната политика. Бидејќи веќе направија грешка отфрлајќи ја прогресивната монетарна политика која можеше да го спречи неодамнешниот раст на инфлацијата, сега прават нова грешка со претерано рестриктивни монетарни политки кои траат предолго. Резултатот е дека веќе поделената монетарна унија, на раб на рецесија и среде упорна инфлација (и покрај брзото намалување на понудата на пари), сè повеќе заостанува зад Кина и САД.

Причините се од структурна природа. Контракциските и оттука погубни мерки за штедење се всадени во самата институционална рамка на Европа - заради што владите со поинакви политички ориентации не добиваат можност при водењето на државните политики да пробаат поинакви агенди. Недовршената архитектура на европските интеграции оневозможува експерименти со поинакви индустриски политики, како денес во САД (преку Законот за намалување на инфлацијата и CHIPS и Закнот за наука), и со поинакви програми.

Истовремено, Германија ја напушта ЕУ ортодоксијата и насочува огромни средства во одржување на индустрискиот модел кој заостанува. Последица е рушењето на заедничкиот пазар и откажувањето од некогаш прифатената обврска (повеќе во теорија отколку во пракса) условите на пазарниот натпревар да се изедначат на ниво на цела Европа. Наскоро можат да се очекуваат реакции од земјите членки на ЕУ кои не можат да обезбедат субвенции како Германија, особено оние кои не можат да ги заштитат сопствените индустрии ниту со девалвација.

Поддржувачите на ЕУ го слават опстанокот на еврото, фактот дека заканата од јавен долг сега е помала од претходно и, како најважно, опстанокот на меркантилистичкиот деловен модел. Но сите тие добро знаат дека за тоа мало чудо треба да им се заблагодарат на луѓето во Европската централна банка (и покрај противењето на Бундесбанката) кои успеаја да го покренат печатењето на еврото и да спречат повторување на грчкото сценарио во Италија.

Платена е висока цена во форма на трајна стагнација и понатамошна фрагментација во Европа. Европската монетарна унија останува недовршена. Ѝ недостасуваат политичка и фискална унија без кои системот не е функционален; што е уште полошо, петнаесетте години економска стагнација ги намалија шансите да се реши проблемот. Заради проблематичната валута мораме да се подготвиме за секуларен пад во Европа. Или мораме да преземеме нешто за да го спречиме тоа. Тоа е структурен проблем кој бара политичко решение.

Превод: Алек Кузмановски

Скулптури: Antony Gormley

Извор: https://www.project-syndicate.org/

ОкоБоли главаВицФото