Нова Европа

15.02.2016 14:15
Нова Европа

Крајната десница во Франција за само неколку години од 15% поддршка стигна до 30%, а во некои области и до 40%. За тоа придонесоа бројни фактори: Порастот на невработеноста и ксенофобијата, големото разочарување од левицата на власт, чувството дека пробавме сè и дека е време за нешто ново. Сè се тоа последици од катастрофалните одговори на финансискиот крах кој почна во САД во 2008, кој ние во Европа го преторивме во трајна европска криза. Вината за тоа ја сносат институциите и несоодветните политики, особено во еврозоната која се состои од 19 земји. Имаме заедничка валута со 19 јавни долгови, 19 каматни стапки врз основа на кои финансиските пазари шпекулираат сосема слободно, 19 даноци на добивка на корпорациите кои беспоштедно си конкурираат една на друга, додека истовремено сме без заеднички систем на социјална сигурност или заеднички образовни стандарди. Ова просто не може, ниту некогаш ќе може да функционира.

Само вистинска социјална и демократска реконструкција на еврозоната, насочена кон поттикнување на растот и вработувањето, покрената од мало јадро земји спремни да ги предводат промените и да развијат нови политички институции, може да ги спречи мрачните националистички импулси кои ѝ се закануваат на Европа. Минатото лето по грчкото фијаско, францускиот претседател Франсоа Оланд покрена иницијатива за формирање на парламент на еврозоната. Франција со своите главни партнери треба да претстави конкретен предлог за таков парламент и да постигне договор за него. Во спротивно, расправата ќе ја преземат земјите склони кон изолационизам, на пример, Велика Британија и Полска.

За почеток би било многу важно европските лидери, пред сè францускот и германскиот, да ги признаат своите грешки. Можеме да расправаме за малите и големите реформи кои членките на еврозоната се обидоа да ги спроведат: промена на работното време на продавниците, создавање поефикасен пазар на труд, различни услови за пензионирање итн. Некои од овие реформи беа корисни, а некои не. Во секој случај, со неуспехот во спроведувањето на овие реформи не може да се објасни наглиот пад на БДП во еврозоната во периодот 2011-2013, кога американската економија на големо закрепнуваше. Сега нема сомнеж дека закрепнувањето во Европа е задушено со обидите за нагло смалување на дефицитот меѓу 2011 и 2013 и зголемувањео на данокот, особено во Франција. Поради примената на строги буџетски правила, БДП на еврозноната дури ни во 2015 не го достигна нивото од 2007 година.

Со задоцнување, сепак се случија некои важни промени, како што е Европскиот фискален договор од 2012, донесен од страна на Европската централна банка, со кој е создаден Европски механизам на стабилност со буџет од 700 милиони евра. Тоа овозможи обединување на долгот, то ест долговите на сите членки на еврозоната да добијат заеднички гаранции. Овие мерки конечно го запреа економскиот пад, но беа недоволни за решавање на суштинските проблеми. Закрепнувањето во најдобар случај е млако, а кризата на довербата во еврозоната не попушта.

Што да се прави? Би требало да организираме конференција за долгот на државите членки на еврозоната, по примерот на оние по Втората светска војна, од кои најголема корист имаше Германија. Целта би била намалување на јавниот долг, почнувајќи со нов систем на алокација на отплатата. Во раната фаза би го префрлиле целиот јавен долг - повеќе од 60% - во заеднички фонд со мораториум на отплата, сè додека дадените земји не остварат солиден раст во споредба со 2007 година. Целокупното историско искуство нè води кон тоа: ако долгот надмине одредена гранца, нема смисла да се исплаќа со децении. Дури и за доверителите е подобро да се отпише дел од долгот и да се инвестира во раст.

Тоа бара нов облик на владеење, кој би го спречил повторувањето на катастрофата која нè снајде. Интересите на даночните обврзници и националните буџети бараат основање парламент на еврозоната, во кој пропорционално би седеле пратеници од парламентот на државите членки на еврозоната. (Таквиот парламент би се разликувал од сегашниот Европски парламент, кој вклучува и претставници од државите кои не се членки на еврозоната и кој нема големи надлежности.)

Исто така, националните парламенти на државите членки на еврозоната би гласале за воведување заеднички данок на добивка за корпорациите во еврозоната. Во спротивно, повторно ќе имаме фискален дампинг и скандали како Luxleak, кога во протечените документи се откри улогата на Луксембург во избегнувањето на плаќањето данок. Заедничкиот данок на добивка на корпорациите би овозможил финансирање на инфраструктурата и образованието. Да го земеме познатиот пример, образовната програма Еразмус, која на студентите и професорите им пружа можност да се усовршуваат надвор од своите земји, која е бедно финансирана. Нејзиниот годишен буџет е две милијарди евра, во споредба со 200 милијарди кои секоја година се издвојуваат за отплаќање камати на долговите на државите членки на еврозоната. Би требало да инвестираме во иновациите и во младите. Европа има право и можност да понуди најдобар модел на социјална сигурност на светот. Доста е од пропуштени можности.

Во иднина нивото на јавниот долг на државите би требало да се одредува со заедничка одлука на останатите членки. Многумина во Германија стравуваат дека би станале малцинство во новиот парламент и порадо се држат до автоматските буџетски критериуми. Но, токму спречувањето на демократијата во еврозоната со наметнување строги правила нè доведе на работ од бездна и крајно време е за поинаков пристап.

Ако Франција, Италија и Шпанија (во кои живеат 50% од населението на еврозоната и кои создаваат 50% од нејзиниот БДП, во споредба со германските 25%) дадат конкретен предлог за нов ефикасен парламент, би дошло до некаков договор. А ако Германија продолжи тврдоглаво да го одбива, што не е веројатно, тогаш секоја расправа со критичарите на еврото е однапред изгубена. Планот Б кој подразбира напуштање на еврото го заговара крајната десница, но тој е прифатлив и за крајната левица. Време е за вистински реформи на еврозоната која работи за сите нас.

Извор: The New York Review of Books, 25.02.2016.
Фотографии: Jeff Friesen

ОкоБоли главаВицФото