Европеец?

06.03.2013 10:05
Европеец?

Европска Унија е меѓународна наднационална организација каква што не постоела никогаш во историјата. Иако првичната цел на почетната европска соработка беше избегнување на конфликти како што беа двете светски војни, добрата соработка и резултати доведоа до постепено интегрирање на сè повеќе подрачја кои дотогаш беа под државна надлежност. Европското соединување и интегрирање беше толку успешен проект што потоа беше користен како пример при креирањете на други такви регионални организации во Јужна Америка, Африка, југоисточна Азија и др.

Денес целиот тој европски проект се наоѓа во криза каква што не доживеал во својата педесетгодишна историја. Ако ја следиме максимата ’никогаш не испуштај добра криза’, ниедна, па ни оваа криза не би требало да претставува проблем, туку напротив, би требало да ја гледаме како шанса за подобрување и исправување на грешките. Иако важи правилото дека Европа во последните 50 години секогаш излегувала посилна после секоја доживеана криза, денес многу луѓе се скептични околу нејзината иднина.

Моменталната економска криза најпрво започна како банкарска криза, каде што беше под знак прашалник стабилноста на бројни банки од различни европски држави, но потоа, заради помагање на банките или преголемо задолжување, продолжи како должничка криза на самите држави. Најзагрозени од нив беа таканаречената група на држави ПИИГС во која што спаѓаат Португалија, Италија, Ирска, Грција и Шпанија. Очигледно е дека, со исклучок на Ирска, станува збор за држави од јужниот дел на Европа, што беше причина за идеите за Европа во две брзини, Јужна и Северна Европа, коишто ќе се движат по различни траси во иднина. Таквата поделеност ја потврдуваат и последните економски предвидувања на Европската Комисија коишто покажуваат дека невработеноста во Австрија, Холандија и Германија во 2014 ќе биде околу 5%, додека истата таа година невработеноста во Грција и Шпанија ќе биде над 25%, а во Ирска и Португалија околу 15%.

Една од главните причини зошто овие ПИИГС-држави веќе неколку години не можат да излезат од економската бездна во која се наоѓаат е тоа што со влезот во Европската Монетарна Унија (еврозоната) тие ја изгубија монетарната политика како инструмент при водењето на својата економска политика. Монетарната политика е во рацете на Европската Централна Банка, чијашто главна грижа е инфлацијата и невработеноста во земјите членки. Покрај тоа е многу логично дека иста монетарна политика не може да ги исполнува потребите на држави кои се во економска депресија и држави кои се близу целосна вработеност.

Постојат две мерки коишто Европската Унија може да ги преземе за стабилизирање на кризата и за спречување на повторно појавување на вакви кризи во иднина. Едната од нив е формирање на фискална унија којашто е потребна за понатамошно функционирање на монетарната унија, а другата е решавање на проблемот со мобилност на работната сила. Фискалната политика ни е веќе позната бидејќи е дел од функционирањето на државите, каде што преку неа се редистрибуира богатството во општеството од поуспешните (и побогати) кон помалку успешните (и посиромашни), што придонесува за општествена стабилност и одржливост. Единствената разлика на европско ниво би било тоа што во овој случај редистрибуирањето ќе биде меѓу државите во еврозоната односно државите со поголема економска раст ќе ги помагаат државите со помала економска раст или државите кои се во рецесија.

Повеќе внимание би сакал да посветам на другата мерка односно подобрувањето на мобилноста на работната сила. Решавањето на овој проблем е подолгорочно, но затоа и помалку шокантно и болно за земјите членки. Мобилноста на работната сила во Унијата е многу помала од мобилноста на капиталот, заради што доаѓа до ситуации каде што некои држави имаат невработеност поголема од 25% додека некои имаат помала од 5%. Мобилноста на работната сила е толку мала заради јазичните бариери и културните разлики во Унијата. Овој проблем би требало да се реши од страна на европските институции со градење на заеднички европски идентитет, којшто не мора да биде замена за националниот туку негов додаток. Една од најефикасните мерки би била одредување на еден (или два) административен јазик во ЕУ, којшто ќе мора да го зборува добар дел од населението. Друга исто така важна мерка е формирање на европски политички партии коишто ќе бидат поцентрализирани, а не организирани како партиски федерации, и ќе се занимаваат единствено со европските проблеми и на европските парламентарни избори ќе зборуваат само за европски прашања. Тоа, а и некои дополнителни мерки, ќе ја зголемат заинтересираноста кај населението за европските прашања и излезноста на европските парламентарни избори којашто во некои држави е помала од или околу 20%. Најкористена и можеби најефикасна стратегија при градењето на идентитет е стратегијата на заеднички непријател. Во минатото, тоа обично значело воен непријател, но денеска тоа може да биде и културно, научен и спортски непријател. Мислам дека разни светски натпреварувања на овие подрачја, на коишто Европската Унија би настапувала едниствена би влијаеле многу на обединетоста, а воедно и на силата на Европа. Еден таков обид се европските лиги во различни спортови преку кои Европската Унија сака да поттикне градење на заеднички европски идентитет, но некои сметаат дека меѓусебното натпреварување придинесува за токму спротивен ефект.

Исто така, добра мерка би било создавањето на европски медиуми, особено европска телевизија, кадешто претседателот на Европската Комисија, а и други европски функционери би биле секојдневно присутни и барем еднаш годишно претседателот би и’ се обратил на Европа околу состојбата во Унијата. Не е добро кога европските функционери се појавуваат во некоја од земјите членки во улога на воспитувачи само кога постои некаков проблем бидејќи поради тоа народната перцепција за тие функционери, а и за ЕУ како целина е многу лоша. Повеќето луѓе не знаат дека Европската химна е ’Ода на радоста’ и го гледаат знамето на Европска Унија само како лого на спонзор кој финансира проекти од буџетот на ЕУ. Сè додека не се изгради заеднички европски идентитет, секоја наредна криза ќе биде многу пострашна, потешко решлива и критична за опстанокот на Унијата.

Сметам дека на долг рок Унијата би требало повеќе да се фокусира на решавање на проблемот на мобилност и што помалку на редистрибуцијата со помош на фискалната политика, којашто, знаеме од искуства на државно ниво, дека може да биде многу болна особено за оној дел од заедницата којшто треба да допринесува повеќе. Без разлика на тоа кој начин ќе го одбере, Европа и Европејците мора да сфатат дека во глобализиран свет, каде што технолошките разлики се сè помали, а истовремено во истиот тој свет има држави со повеќе од милијарда жители, Европа, која има околу 500 милиони жители не смее да биде расцепкана на толку многу држави и нема друг избор освен да остане обединета и што поинтегрирана.

Слики: Riitta Ikonen&Karoline Hjorth

ОкоБоли главаВицФото