Гребатори и мрзливци

19.02.2013 12:43
Гребатори и мрзливци

„Баук кружи низ Европа“. Со оваа славна реченица почнува Комунистичкиот манифест. Денес Европа повторно ја прогонува баук. Но, за разлика од 1848, кога Маркс и Енгелс го напишале овој текст, сега не станува збор за комунизмот, туку за - баукот на мрзливоста. Поминаа деновите кога повисоките класи се плашеа од разбеснетата толпа која ќе им ги скрши главите и ќе им го одземе имотот. Денес нивниот најголем непријател е армијата мрзливи гребатори, чиј што хедонистички животен стил - финансиран од неподносливите даноци на богатството - го парализира развојот на економијата.

Во Велика Британија владата на Камерон им се нафрли на паразитите на социјалната држава од предградијата, кои по жестоката ноќ помината со Sky Sports и Online Casino се излежуваат по цел ден. Оваа урбана легенда гласи: „Овој огромен дефицит ни го донесе нивното бесрамно барање нешто за ништо, пред кое лабуристите попуштија“.

Многумина во еврозоната веруваат дека за еврокризата се одговорни мрзливите Медитеранци од Грција и Шпанија. Тие со години живееја на сметка на вредните Германци и го поминуваа времето потпивнувајќи еспресо. И сè додека тие не бидат принудени да ги засукаат ракавите, од еврозоната нема да биде ништо. Проблемот со оваа приказа е што таа е само приказна.

Треба да се каже дека буџетските дефицити на земјите од еврозоната во прв ред се последица на падот на даночните приходи, што е вообичаена појава за рецесијата - а не поради раст на социјалните трошоци. Освен тоа, сиромашните работат далеку повеќе и подолго. Според ОЕЦД, луѓето во Грција, нацијата на забушанти, во 2011 работеле просечно 2.023 часа, нешто помалку од воркохолиците од Јужна Кореја со 2.090 часови годишно. Истата година, Германците „црнчеле“ 1.413 часа (30% помалку од Грците), додека Холанѓаните се официјално нација на најголемите мрзливци на светот со 1.379 работни часови годишно.

Ако легендите за мрзливоста се проѕирни до таа мера, зошто луѓето веруваат во нив? Затоа што многумина во периодот на пазарно-либерална доминација подлегнаа на митот за тоа дека секој поединец сноси исклучива одговорност за својата судбина. Тоа почна со филмовите на Дизни кои ги гледавме како деца и кои ни велеа: „Ако веруваш во себе, можеш да постигнеш сè!“ Бомбардирани сме со пораки дека поединците - и само тие - се заслужни за сè што ќе им се случи во животот. Принципот L’Oreal: „Ако некој годишно заработува милиони, тоа е затоа што толку вреди. А ако е некој сиромашен, тоа е затоа што не е доволно добар или не се трудел доволно.“ Бидејќи е политички ризично да се критикуваат сиромашните поради нивната неспособност, нападот се насочува кон мрзливите гребатори без трошка морал, за на крајот, во име на борбата против мрзливците, да се уништат институциите кои им помагаат на сиромашните.

За оние кои неумерено профитираат од тој систем, предностите од ваквиот светоглед се очигледни: тие го редуцираат светот на поединците и со тоа го свртуваат вниманието од структурните причини за сиромаштијата и нееднаквоста. Познато е дека лошата исхрана, недостигот од поттик за учење во социјално загрозените домаќинства и лошите училишта ги оневозможуваат децата да го развијат својот полн потенцијал. Тие кои растат во такви услови постојано се борат со понижувачки предрасуди, особено ако се со погрешен пол или боја.

Со таков товар на грбот, на сиромашните им е тешко да се одржат и на најправедниот пазар, а гледаме дека со пазарите често се манипулира, за од нив најголема корист да имаат богатите, што го покажуваат и бројните финансиски скандали. Затоа е недозволиво сиромаштијата и нееднаквоста да се одделат од своите структурни причини. Првиот важен чекор би бил ослободувањето од расправата за штетниот мит за мрзливата толпа.

Извор: Der Freitag

ОкоБоли главаВицФото