Еврофилија на умирање

23.01.2014 08:55
Еврофилија на умирање

Минималните причини за прифаќање на ЕУ би можеле да се наведат во релативно краток список: доследен став кон смртната казна, слободно движење на сите граѓани. Нешто подалечни причини би биле судот во Стразбур и пристапот до европските фондови: првото е на крајот од долгото и неуспешно барање правда таму каде што би морала да припаѓа, второто е долго и често неуспешно барање начин да се преживее во атмосфера на целосно привилегирање на големите и влијателните - државата и институциите - на сметка на малите и немоќните. Но, се случува и едното и другото. Не би можеле да наведеме ништо друго, што секој европски граѓанин веднаш би го препознал како позитивно дејство, и би бил во состојба да докаже дека тоа важи и за сите други европски граѓани. ЕУ не успеа, или не сакаше, да ја оствари европската нарација, митологија, слики, песни, медиуми, школски пакет на колективни емоции кои би можеле, кога е тоа потребно, да ги потсетат граѓаните зошто треба да се зачува таа творба на желбата за мир. Главно ја развиваше бирократијата, која никаде и со ништо не покажа дека самата штеди откако почна кризата. Со своето не баш мало искуство во барањето проекти и можности за европска соработка, ми се чини дека таа бирократија е составена најмногу од некогашни слаби ученици кои, стекнувајќи моќ, им се одмаздуваат на своите учители, на институциите и на знаењето воопшто.

Со можност за воведување визи за граѓаните на оние земји кои според критериумите на некои држави се оценуваат како склони кон измама, конструкцијата на ЕУ опасно се навали и може да се предвиди уривање ако исчезне уште едно човеково право. Смртната казна за сега е недопирлива. Дали таа последна светлост на хуманизмот ќе биде доволна? Извесно не, ја поддржуваат само елитите и оние кои сѐ уште се сеќаваат зошто настана ЕУ. Повеќето граѓани на ЕУ, потонати во сиромаштија и очај, веројатно би биле расположени за повторно воведување. Овој клучен проблем на ЕУ најдобро го илустрира ставот на Ватикан во две за нив поврзани работи: смртната казна и абортусот со контрацепцијата. Ватикан е најголем и највлијателен противник на смртната казна и наголем и највлијателен застапник на укинувањето на правото на жената да одлучува за своето тело, значи клучно европско право. ЕУ би требало да докажува дека е демократска структура на здружена власт и здружени интереси токму со тоа што не загрозува ниту едно човеково право. И истовремено, ЕУ им дозволува на своите членки прилично морбидна разноликост во ставот кон ова човеково право, бидејќи не се меша во полските средновековни закони и обичаи околу абортусот, ниту во шпанскиот проект за намалување на правата во таа област. Шпанскиот случај е бедно транспарентен - побуната на жените би можела да ја ослабне народната побуна против катастрофалната „политика на штедење“, особено ако кон тоа се придружат медиумите со помал степен на свесност. Проблемот на ЕУ пред сѐ е во тоа што не смее - не би смеела - да прави каква било хиерархија на човековите права, и да дозволува компромиси со „светото царство“: но тоа трауматично покажува дека ЕУ во пракса не е заснована на идеите на просветителството и дека не го следи она што на прославите го присвојува како своја истрија.

Пред повеќе од дваесет години, кога во уставот на Словенија влезе необичната формулација за „светоста“ на животот, неколку илјади жени го опколија парламентот, а им се придружија и сите пратенички. Светоста е исфрлена. Денес, долгогодишниот ЕУ пратеник и разочаран отфрлен кандидат за највисокот место во ЕУ, Лојзе Петерле, си дозволува да зборува во јавност за абортусот на најжалосен заостанат начин, очигледно сметајќи дека тоа ќе му користи на претстојните европски избори.

Наместо да приредат некаква убава манифестација за Лојзе Петерле, некои женски организации ќе приредат демонстрации пред шпанската амбасада.

Зошто баш сега? Нема одговор на ова прашање, што непријатно го открива отсуството на подлабока мисла и плитката употребливост во дневната политика. Не станува збор за попрвање на состојбата со популацијата на ЕУ, бидејќи политиката одамна е насочена кон спречување на трендот на продолжување на животот преку најразлични и на прв поглед неповрзани мерки: намалување, влошување и во блиска перспектива укинување на здравствената заштита за сите возрасти на сѐ пошироките слоеви кои не можат да плаќаат здравствени услуги; намалување и влошување на пристапот до храна за најшироките слоеви; намалување со планирано целосно укинување на пензиите; планско влошување на условите за живеење, укинување на пристапот до спорт, забава и култура за сиромашните; стеснување на пристапот до образованието; врзување на значењето на прогресот за технологијата, а не за човекот; систематско уништување на оној дел од околината кој непосредно ја загрозува егзистенцијата на сиромашните. Во ваква општествена „визија“ индустријата на мајчинството без женско одлучување донесува јасна стратешка предност: брзо заменување на старата работна сила со нова, без конфликт и вложување во социјалата. Зголемување на бројот на војници, полицајци и други служби кои со мало вложување можат да обезбедат контролирана стабилност на општеството и посредно укинување на критиката; намалување на женскиот глас и учество во општеството, исфрлање на жените од конкурентните области за вработување, сведување на жената на работно/раѓачки дрон во ограниченото подрачје куќа-деца; исклучување на жената од политиката, јавната сфера, науката и културата. Сето тоа, нормално, со објаснување дека им се дава многу повеќе време за да се посветат на семејствто. Колатерална предност на индустријата на мајчинството се и детектирањето, гетоизирањето и постепеното уништување на сите групи, поединци, животен стил, политичка и јавна присутност и културно дејствување на оние кои не учествуваат со јасни улоги во индустријата на мајчинството - стерилните, полово нејасните или „погрешно“ определените, инвалидите, еугенички декласираните. Нешто слично мора да важи за оние групи чија индустрија на мајчинството е непожелна, било поради расни, етнички или некои други произволни причини кои може да си ги дозволи власта со такви веќе остварени или читливо зацртани мерки. Референдумот за уставниот статус на привилегираното семејство во индустријата за мајчинство неодамна во Хрватска јасно го покажат грдото лице на ЕУ, чиишто институции, од парламентот па надолу, не се во состојба да го сфатат ниту просветителскиот хуманизам ниту интелектуалната зрелост на културите кои се сметаат за водечки во светот. Во овој момент, нема европски политичар кој е во состојба половина час логично да зборува за хуманистичките основи на ЕУ. Не ми е гајле дали тоа е поради глупост или страв од лобито, бирократите и партиските барања, резултатот е ист: Европските граѓани повеќе немаат што да слушнат од своите врвни претставници и институции, и во сеопштата општествена невротизација, систематското уништување на солидарноста и развластувањето на критериумите, единствено им станува важно работите да се случуваат под нивниот прозорец - репресијата над странците и слабите, порастот на вербалното насилство, сомнителните водачи, опскурните цели. Да се види крв станува сѐ поважно кај сѐ поголем број европски граѓани.

Во таа перспектива, смртната казна, за сега нечепната, и човековото право на контрола на своето тело, длабоко загрозено, стануваат всушност носители на слични, ако не и на исти значења. Она што може Ватикан, па ни тој нема да може уште долго, цивилната и по претпоставка демократска власт на граѓаните никако не смее, бидејќи според некои речиси заборавени барања се откажува од сопственоста над човековата душа, дури и ако не признава. Во оној момент кога ќе посегне по тоа, механизмите како што е повторното измислување визи за граѓаните од ЕУ, како летечкиот ужас од Пандорината кутија, ќе се рашират во уште еден убиствен европски мрак.

Извор: pescanik.net

ОкоБоли главаВицФото