Што смее Јова, не смее Бова*

05.12.2020 12:50
Што смее Јова, не смее Бова*

Конечно сцена од „Декамерон“ на Бокачо, најдобрата карантинска книга на сите времиња! Еден од основачите на Фидес, партијата на Орбан, водач на унгарските пратеници во Европскиот парламент и лут борец против правата на ЛГБТ + заедицата и за традиционално христијанско семејство сосе моралот, Јозеф Сајер е уапсен во Брисел додека, според зборовите на полицијата, присуствувал на „оргија“. Европратеникот со цврсти ставови бил фатен, ако може да им се верува на првичните извештаи, гол на прозорецот од кадешто се обидел да избега од геј забава. Соседството повикало полиција во зградата во близина на Големиот плоштад во Брисел поради страшната бучава што се слушала од станот на првиот кат. Полицијата упаднала на оргијата и открила добри причини за апсење - дрога и дружење на повеќе од дваесет луѓе, спротивно на карантинските правила. Пратеникот бил без документи (како и без гаќи) и откако отишол во неговиот стан во придружба на полицијата, тој со помош на дипломатскиот пасош успеал да го докаже својот вистински идентитет. Во неговиот ранец била пронајдена пилула „екстази“.

Пратеникот веднаш поднесе оставка од партијата и од парламентот. Ништо не е позабавно отколку пост фактум да се читаат пофалбите што му ги даваа неговите десничарски другари, особено словенечкиот пратеник со презиме Звер. Бранителот на европската христијанска култура, сепак, не доживеа нешто полошо од смртта, да се најде гологаз меѓу пијани Турци, бидејќи меѓу учесниците на оргијата имало дипломати, особено Полјаци, сите христијани и очигледно со иста политичка ориентација. Ова се случува кога не се аутирате, туку останувате кукавицата Бова од насловот.

Ситуацијата колку што е весела, толку е и непријатна: Унгарија и Полска ставија вето на стотици милијарди европски фондови за заздравување од епидемиската криза и бараат од договорот да се отстрани условот за владеење на правото како услов за пари / кредити. Во тоа нивно толкување, владеењето на правото е нешто што е суверено право на секоја држава и овие две земји тоа јасно го покажуваат со своите мерки против човековите права, слободата на говор, особено во медиумите - и угнетувањето на жените со средновековни закони и со црквата. Од сите европски членки, само Словенија со гласот на премиерот Јанез Јанша застана на страната на Унгарија и Полска. Медиумите на Јанша само што успеаја да скрпат приказна за тоа како Меркел ги прифатила советите на Јанша за компромис од неговото небулозно писмо до лидерите на ЕУ, кога ете се случи незгодата на прозорецот.

Во време на застрашувачки вести од Соединетите држави и напнато очекување на тоа што уште може да направи пореметениот кловн на заминување, овој настан му носи одредено олеснување на стариот континент: потсетува на фриволната страна на европската политика, на сите забавни моменти од животот на владетелите, на претседатели на влади на кои срцето им откажало во прегратките на мажена дама во претседателската палата, на бегство низ прозорецот и преку покривите, на кралските ѓаволштини и конгреси кадешто се танцува, вонбрачни дечиња, накратко, на сè друго што уште може да ги насмее угнетените. Дали ќе се спаси владеењето на правото заради овој настан? Тој етички аспект на приказната би бид навистина бокачовски.

Можеби подоцна, или никогаш, ќе биде откриен механизмот на тој мал и едноставен заговор и духовитиот пронаоѓач на самата идеја: ЕУ ќе мора да му подигне споменик заради заштитата на владеењето на правото. Доколку ветото продолжи со истата сериозност, европските граѓани ќе се соочат со ужасната вистина - дека вакцина против глупавост и тупавост нема да се најде уште долго време...

*Stanislav Vinaver, Alajbegova slama, Beograd, 1969.

Илустрации: Tom de Finlandia

Извор: Peščanik.net

 

ОкоБоли главаВицФото